Компании
Телеком ја задржува водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент
Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
Приходите од продажба во првите девет месеци од 2015 година изнесуваат 7.853 милиони денари, што претставува намалување од 4,3 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.
Добивката од редовното работење пред оданочување на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 1.106 милиони денари и е намалена за 20,6 отсто споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите во мала мера компензирани од помалите трошоци. Вкупната нето добивка на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 965 милиони денари и е зголемена за 99 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Капиталните инвестиции се во висина од 974 милиони денари.
Македонски Телеком на крајот од првите девет месеци од 2015 ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 отсто. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 15 отсто споредено со истиот период од 2014 година, со бројката од 227 илјади корисници Македонски Телеком е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.
Базата на DSL корисници на крајот од првите девет месеци од 2015 година остана стабилна во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 189,5 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 49,3 отсто, според интерните податоци.
Приходите од малопродажен интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првите девет месеци од 2015 година се зголемени за 3,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното тв искуство, Македонски Телеком во првите девет месеци од 2015 година оствари исклучителни резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. На крајот од првите девет месеци, бројот MaxTV корисници изнесува 100,4 илјади, што претставува зголемување од 4,1 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Со тоа, Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот достигнувајќи 23,6 осто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.
Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има водечка позиција на пазарот со удел од 47,2 отстo согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 1.235 илјади претплатници и е зголемена за 2 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.210 илјади претплатници.
Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2015 година се намалени за 11,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и зголемената конкуренција, просечниот приход по корисник е намален за 8,5 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.
Приходите од неговорни услуги се зголемија за 8,1 отсто во споредба со истиот период од 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од првите девет месеци од 2015 година, приходите од системска интеграција и ИТ се зголемени за 314 отсто во споредба со истиот период од претходната година, поради зголемените приходи од ИКТ проекти, Cloud Computing услугите и други интегрирани решенија за бизнис корисници. Во најголем дел, зголемените приходи произлегуваат од проектот со јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП Скопје“ за воведување на електронска наплата на автобуските билети. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

