Компании
Заваровалница Триглав ќе исплати дивиденда во висина од 56,8 милиони евра
На 41-вото Годишно собрание на акционери на Заваровалница Триглав, Управата ги претстави на акционерите резултатите од работењето на друштвото во 2015 година. Заваровалница Триглав, и покрај тешките услови, особено на пазарите на капитал, работеше успешно, при што изминатата 2015 година ја заврши во согласност со стратешките насоки.
Акционерите го поддржаа предлогот на Управата и на Надзорниот одбор, дел од нето добивката да се намени за дивиденда во висина од 56,8 милиони евра, односно 2,50 евра бруто по акција. Собранието на акционери ја одобри работата на членовите на Управата и на Надзорниот одбор на друштвото за деловната 2015 година и ги прифати измените и дополнувањата на Статутот на Заваровалница Триглав, и за нов член на Надзорниот одбор го именуваше Игор Стебернак. Собранието ја именуваше ERNST & YOUNG ревизија, пословно световање, ДОО Љубљана за ревизорска куќа во 2016, 2017 и 2018 – та година.На Годишното собрание на Заваровалница Триглав акционерите го поддржаа предлогот на Управата и на Надзорниот одбор за начинот на користење на нето добивката од 2015 година во висина од 65.028.271,76 евра. За дивиденда се наменува дел од нето добивката во висина од 56.837.870,00 евра, односно 2,50 евра бруто по акција. Во согласност со предлогот, за дивиденда ќе се исплатат 64% од нето добивката на Групацијата Триглав за 2015 година, односно 87% од нето добивката на Заваровалница Триглав за 2015 година. Предлогот за исплата на дивиденда за 2015 година е во согласност со новата дивидендна политика, која што е дел од политиката за управување со капитал на Групацијата Триглав. Во предвид се зема планираниот обем на работењето на матичното друштво и на Групацијата Триглав и со тоа поврзаните и предвидените потреби за капитал на словенечкиот и на другите стратешки пазари, а воедно се земаат во предвид насоките и добрата пракса во секторот на осигурување. За преостанатиот дел на нето добивката во висина од 8.190.401,76 евра, акционерите ќе одлучуваат во текот на следните години.Акционерите се запознаа со годишниот извештај на Групацијата Триглав и на Заваровалница Триглав за деловната 2015 година. Групацијата Триглав минатата година го сочува високото ниво на финансиска стабилност и оствари раст на повеќе клучни индикатори. Доброто работење на Групацијата во основната дејност го покажуваат добриот комбиниран количник (92,8%) и профитабилноста на капиталот во висина од 12,8%. Добивката пред оданочување изнесуваше 102,5 милиони евра, што е за 2% повеќе споредено со 2014 година, а бруто полисираната консолидирана премија од осигурување порасна за 3%, на 919,1 милион евра. Показатели на високото ниво на финансиска стабилност се и 2% повисокиот капитал, како и 11% повисоките бруто-технички резерви на Групацијата Триглав, споредено со 2014 година. Собранието на акционери ја одобри работата на членовите на Управата и на Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав за деловната 2015 година. Според Андреј Слапар, претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, 2015 – та година ја обележаа растот на премија на пазарите надвор од Словенија, отсуството на масовни штетни настани, но и не толку поволната ситуација на пазарите на капитал. “Како прво би сакал да им се заблагодарам на акционерите за искажаната доверба. Во Триглав сме задоволни со резултатите од 2015-та година. Групацијата обезбеди повисока осигурителна премија споредено со 2014 година, ја зголеми добивката пред оданочување и се издвои со добро работење. Значаен напредок постигнавме и во доменот на стратешки важните пензиско и здравствено осигурување во Словенија и во регионот. Продолжуваме со спроведување на зацртаната стратегија и остануваме насочени на основната осигурителна дејност, со фокус на финансиската стабилност, профитабилноста и сигурноста во работењето. Во 2016 година работиме во тешки услови на нашите пазари и со понизок принос од финансиските вложувања, споредено со 2015 –та година. Изразено ниските каматни стапки и зголемената несигурност на финансиските пазари се реалност, која што влијае на целокупниот осигурителен сектор. Овие пазарни услови ги очекувавме и соодветно ги прилагодивме нашите деловни планови“, дополни Слапар. Акционерите ги прифатија измените и дополнувањата на Статутот на Заваровалница Триглав, кои што првенствено се однесуваат на прилагодување кон барањата на новото законодавство во осигурувањето, поврзани со имплементацијата на директивата Солвентност 2, и ја продолжија можноста за користење на авторизираниот капитал на Заваровалница Триглав. Собранието се запозна со оставката на Матеј Руњак од позицијата член на Надзорен одбор на Заваровалница Триглав и го именуваше Игор Стебернак за нов член на Надзорниот одбор, со четиригодишен мандат, кој што ќе има важност од денот на уписот на измените и дополнувањата на Статутот во судскиот регистар. Покрај тоа, усвоени се и одредбите за надомест на членовите на Надзорниот одбор, во насока на прилагодување на основниот надомест за извршување на оваа функција, при што се земени во предвид обемот на компанијата, солидната финансиска состојба, како и фактот дека компанијата котира на официјалната берза за хартии од вредност. Собранието ја именуваше ERNST & YOUNG ревизија, пословно световање, ДОО Љубљана за ревизорска куќа во 2016, 2017 и 2018 – та година. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

