Македонија
Стојаноска: Наместо промоција на социјалните мрежи, Ковачевски можеше да им помогне на лицата со цистична фиброза
„Последна точка од 104. седница е точката предлог за избор на нови заменик-министри во 5 министерства и немам никаква обврска да се произнесам по овие предлози на Ковачевски бидејќи самиот тој ништо не кажа за нив, како што не кажа ни за претходните разрешени и предложени, но сепак сакам да изнесам некои мои кратки впечатоци за поединци“, рече Дафина Стојаноска, пратеничка на денешната собраниска седница.
Пратеничката Стојаноска во текот на своето обраќање кажа збор за некои од предложените заменик-министри за реконструкција на Владата.
„Тројца од нив не ги ни знам како изгледаат. Агин Нухиу го гледав овде во Собранието, но немам никаков впечаток за него, а особено за неговата експертиза. Можеби и, конечно, да се пронајде во најдобрата улога како заменик-министер за образование бидејќи досега немавме можност да посведочиме за тоа. Сепак, останува фактот дека тој е незаменливиот, вечниот член на влада, како и дека Ковачевски нема право на избор, туку има право да го прифати тоа што ќе му се понуди, без никаква забелешка. За Бериша, сакам да истакнам дека да ѝ се даде шанса за заменик-министер за земјоделство се сомневам дека е некаков достиг или е недостиг на други барем покомпетентни. Останува и овој предлог да го видиме на дело“, вели таа.
Стојаноска укажа дека голем број од сопартијците на Ковачевски и одредени универзитетски професори сакаат да се оградат од лик каков што е Ковачевски.
„Ковачевски е со толку наведната глава што не знам како воопшто еден ден би можела да се исправи и да има трошка искреност кога ќе погледне во очите на своите квалитетни сопартијци или квалитетни универзитетски професори. Нив ги има, не дека ги нема, само што повеќе од нив сакаат да се оградат од еден ваков лик, кој со секој изминат ден станува непрепознатлив и нерепрезентативен било како партиец било како универзитетски професор“, рече Стојаноска.
Таа се осврна на информацијата што излезе пред некој ден дека Ковачевски потрошил 26.000 евра за своја промоција на социјалните мрежи и потенцира дека со таа сума ќе можело да им се помогне барем малку на лицата со цистична фиброза да го добијат лекот.
„Денес е 13 дена како се разгледува предлогот за реконструкција на Владата на Ковачевски, а по само една година по неговиот прв предлог за Влада, видовме како Ковачевски многу бледо ги одржа своите експозеа по сите 4 точки на оваа седница и сето тоа доволно зборува за неговиот капацитет, но и за капацитетот на неговиот пиар-тим, кој за само 100 дена потрошил цели 26.000 евра за негова промоција по социјалните мрежи. Со таа сума барем малку ќе им се помогнеше на болните од цистична фиброза. За жал, и по смртта на Благојче и по оставката на Сали, ‘трикафта’ сè уште нема за овие болни, но затоа Ковачевски завчера објавил статус на Меѓународниот ден на лицата со ретки болести, на кој има само 400 допаѓања и 7 коментари“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

