Македонија
Генералниот секретар на Светската туристичка организација одржа предавање на ФТУ Охрид
Генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи, во понеделникот беше во посета на Факултетот за туризам и угостителство, каде одржа предавање на тема „Туризмот и образованието“.
Според него, постојат многу начини кои треба да бидат преземени за поголема промоција на градот во западно европските земји.
„Имав состанок со претставници на локалната самоуправа, а меѓудругото разговаравме за унапредување и развој на туризмот и негова поголема промоција. Важно беше и моето присуство на Факултетот за туризам и угостелство, а оттука ќе ги пренесам моите сугестии понатака. Има многу начини како да се промовира Охрид, а најважно е неговото поврзување. Потребни се креативни настани за привлекување туристи, со оглед на тоа што Охрид може да се спореди со многу туристички дестинации од регионот,“ изјави Рифаи.
Деканот Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, проф. д-р Сашо Коруновски, потенцира дека позитвното искуство на туристите при нивниот престој во градот, е најдобра промоција за привлекување гости на ривиерата.
„Се разбира дека истражувањата велат дека треба да се оди преку новите медиуми. Промоцијата на градот да оди по тие канали и се разбира, она што значи добро искуство на оние кои веќе биле тука. Тоа е најдобар начин за промоција на Охрид.“ – изјави Коруновски.
Тој истакна дека посетата на генералниот секретар на Светската туристичка организација доаѓа во прав момент, како најава за 45-годишниот јубилеј од основањето на оваа високообразовна институција.
„Не може да биде подобра најава со оглед на тоа што идната година, како институција, ќе славиме 45-годишен јубилеј. Посетата доаѓа во прав момент, бидејќи преку неа ќе ја најавиме таа долга традиција на образование и туризам во Охрид, како една од првите институции на Балканот.“ – истакна Коруновски.
Посетата на секретарот на Светската туристичка организација Талеб Рифаи во Македонија се реализира на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кој ќе се сретне денес. Предвидено е Рифаи да оствари средба и со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација „Глобални лидери во туризмот“, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

