Македонија
Груевски во Кина: Македонската економија има најниски трошоци за правење на бизнис во Европа
Премиерот Никола Груевски, заедно со владина делегација во чиј состав е заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и заменик министерот за економија, Христијан Делев во четвртокот учествуваa на бизнис форум во Пекинг каде што беа претставени можностите за инвестирање и поволностите кои што се нудат за водење на бизнис во Македонија.
Бизнис форумот се одржа во соработка со Фондацијата за инвестиции на Кина, а присуствуваа голем број на кинески компании од областа на градежништвото, технологијата, металската и прехранбената индустрија, и енергетскиот сектор.
Премиерот Груевски посочи дека една од важните работи за Македонија е што државата е ориентирана кон креирање на добра бизнис клима што пак е потврдено од значајни меѓународни финансиски институции.
„Светската Банка еднаш годишно го објавува извештајот Дуинг Бизнис со кој се рангираат земјите според добрата бизнис клима. Во 2006 година нашата земја беше на 94 место, и правејќи многу реформи, преземајќи многу чекори дојдовме до 12 место во светот според добрата бизнис клима, и на 6 место во Европа веднаш по Обединетото Кралство, Данска, Шведска, Норвешка и Финска“, изјави Груевски.
Тој посочи дека Владата креираше добра бизнис клима преку преземање на различни мерки, а една од нив е мерката регулаторна гилотина со која се намалија или отстранија, или се направија поевтини, илјадници бирократски процедури во земјата во последните години и тоа во соработка со стопанските комори и над 350 компании од приватниот сектор од различна големина и област.
Од ваквата соработка дојдовме до многу идеи и предлози кои беа применети и на тој начин ја подобривме добрата бизнис клима за домашните и странски инвеститори, изјави премиерот Груевски.
Претседателот на Владата Груевски посочи дека една од карактеристиките на македонската економија е тоа што има најниски трошоци за правење на бизнис во Европа.
„Кога зборам за најниски трошоци мислам на сите трошоци кои се дел од еден бизнис, почнувајќи од даноците, и се што е поврзано со даночните трошоци, трошоците за енергија, бирократски процедури итн, така што земено вкупно имаме најниски трошоци за правење бизнис споредено со било која земја со Европа“, истакна Груевски.
Посочи и дека персоналниот данок на доход изнесува 10 проценти, исто како и данокот на добивка, а во случај на реинвестирање на добивката данокот е нула отсто како и фактот дека Македонија има најниска ефективна даночна стапка во светот во износ од 7,4 проценти.
Вицепремиерот Пешевски во своето обраќање се осврна на деталите и можностите кои ги нудат технолошко индустриските зони за потенцијалните инвеститори и на важноста за продлабочување на трговските односи со Кина.
Во соработка со Фондацијата за инвестиции на Кина одржавме презентација пред околу 150 компании, на кои им ги пренесовме информациите важни за правење на бизнис и добрата бизнис клима, истакна во изјава вицепремиерот Пешевски.
Освен тоа тој посочи дека се одржаа и одделни средби со петнаесетина компании и очекува дел од тие средби да резултираат со конкретни резултати и во иднина.
Вицепремиерот Пешевски се осврна и на посветеноста за развивање на трговските односи на Македонија со Кина и склучувањето на протоколот за извоз на смрзнато јагнешко месо произведено во Македонија во Кина кој беше потпишан во четвртокот во Пекинг.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски во четвртокот потпиша протокол со соодветните служби на кинеската држава за извоз на смрзнато јагнешко месо од Македонија со што се зголемуваат можностите за продлабочување на соработката.
„Убеден сум дека Кина како втора економија во светот и една од најбрзорастечките економии, е вистинско место да се посети сега, бидејќи како што се отвораат сега постепено кон другите пазари токму оние земји кои ќе успеат сега успешно да се презентираат и да образложат добри проекти ќе може да остварат поинтензивна соработка и тоа е нешто што го цениме и е во интерес на граѓаните на Република Македонија“, изјави Пешевски.
Присутните претставници на кинеските компании дадоа позитивна оценка за презентираните можности за водење бизнис кои ги има нашата земја. Ванг Јанг од компанијата Кина камкеи инжињеринг, кој веќе бил во неколкудневна посета на Македонија и е заинтересиран за развивање на соработка во повеќе области, изрази задоволство од односот на македонската Влада кон бизнис заедницата и добрата бизнис клима.
„Македонија има една од најдобрите бизнис клими за правење на бизнис и верувам дека преку нашиот бизнис партнер Еуромакс и Владата на Македонија може да развиеме многу успешен бизнис. Бев во Македонија пред две недели и имавме импресивно искуство. Бевме таму за два проекти, првиот е од областа на рударството, а вториот е од областа на енергијата кој го развива државата“, изјави Ванг.
Генералниот менаџер за Европа на Нучтеч компани, компанија која веќе инвестирала во Полска, и е присутна на европскиот пазар, Квијан Фу, позитивно ги оцени можностите за инвестирање и напорите кои ги прави Владата за привлекување на инвестиции.
„Денес сме изненадени од инвестициската политика и добрите бизнис услови во Македонија. Во иднина имаме планови да го продолжиме нашето производство во Европа. Македонија е потенцијалното место за нашата втора инвестиција за источно европскиот пазар“, изјави Фу./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

