Македонија
Македонските езера и вина презентирани на саемот за туризам во Утрехт
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот според програмските активности за 2015 година од месец јануари започнува со промовирање на туристичките потенцијали на Македонија и привлекување на потенцијални туристи со учество на интернационалните саеми за туризам.
Со нов модерен штанд кој ги истакнува главните туристички капацитети и промовирање на туристичката понуда, четврта година по ред Македонија учествува на саемот за туризам во холандскиот град Утрехт, од 13-ти до 18-ти јануари. Саемот за туризам во Утрехт, „Vakantiebeurs“ е место за повеќе од 1.400 изложувачи од целиот свет и повеќе од сто илјади посетители за пет дена.
Претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го доближуваат туристичкиот производ од Македонија добро познат на холандските туристи, кои традиционално доаѓаат во посета на Охрид и околината за езерски, културен и вински туризам.
Првиот ден на саемот кој е отворен за бизнис средби беа остварени контакти со туристички работници и професионалци, како и со новинари и медиуми заинтересирани за информативни патувања во Македонија. Македонскиот штанд беше посетен од амбасадорот на Македонија во Кралството Холандија, Игор Попов, и економскиот промотор, Ведат Рушид, со кој министерството има одлична соработка во промовирање на земјава на холандскиот туристички пазар.
„Од моментот кога обрнавме сериозно внимание на холандскиот пазар и настапивме со агресивна кампања и имаме квалитетно и редовно присуство на холандскиот пазар забележан е вкупен раст од над 550 отсто на туристи од Холандија, што е доказ дека мерката субвенционирање на туризмот како и инвестирањето во маркетинг се исплатливи за Македонија. Ние очекуваме овој тренд на пораст на туристи да продолжи не само од Холандија туку и од други држави од Европа и светот”, рече Кристијан Џамбазовски директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Македонскиот штанд беше посетен од продукт менаџерот на холандскиот тур оператор „Corendon“, Мелик Јетим кој изрази големо задоволство од поддршката и одличната соработка со Владата на Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Имено, за земјите од Бенелукс, македонската влада, преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за организиран странски туристички промет во земјава дава субвенции во висина од 65 евра по турист.
Операторот „Corendon“, како што посочи Јетим, бележи зголемување на аранжманите и за претстојнава летна сезона со подигнување на чартери до Охрид почнувајќи од месец мај до средината на септември. Во 2014 година имавме зголемување на бројот на туристи од земјите на Бенелукс кој изнесуваше околу 30 илјади туристи и повеќе од 110 илјади ноќевања.
Во јануари и средината на февруари Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот активно и континуирано ќе ја промовира Македонија како достапна и атрактивна туристичка дестинација на саемите за туризам во Финска, Турција и Белгија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

