Македонија
Организацијата на работодавачи на Македонија одбележа 10 години постоење
Водечката организација која ги застапува интересите на работодавачите и се грижи за нивните права и слободи во економската и социјалната сфера во земјата, одбележа една деценија од нејзиното основање.
На конференцијата организирана по повод 10-годишниот јубилеј на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), во присуство на голем број членки, како и претставници на други организации, институции и гости, беше реафирмирана определбата на ОРМ да биде активен чинител во креирањето на економско-социјалната политика во земјата, преку нејзиното учество и давањето реален придонес во работата на Националниот економско-социјален совет, но и преку самностојно дејствување за теми кои се во интерес на работодавачите и бизнисот во целина.
„Како најголема и единствена репрезентативна организација на работодавачите во земјава, Организацијата на работодавачи на Македонија, како и во изминатите 10 години, така и во иднина, ќе продолжи посветено и енергично да ги промовира и застапува интересите на своите членки во општеството, особено преку социјалниот дијалог со Владата и синдикатите“, истакна претседателот на ОРМ – Ангел Димитров.
Тој нагласи дека „Организацијата останува отворена за соработка со институциите, синдикатите, академската заедница и граѓанското општество во изнаоѓање ефикасни решенија и креирање развојни политики кои ќе овозможат раст на бизнисот и домашната економија, нови работни места и перспектива за младите, како и социјална сигурност за сите граѓани“.
Во рамки на одбележувањето на 10-годишнината на ОРМ беа доделени и дваесетина благодарници за особен придонес и исклучителни залагања во работата и успехот на организацијата, а беше организирана и дебата на тема „Учество на државата во економскиот систем на Република Македонија“, на која говореа претставници од Владата, од бизнис секторот и партнерските организации, како и од науката.
Во Организацијата на работодавачи на Македонија членуваат над 1.000 компании од 15 сектори со повеќе од 70.000 вработени. ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачи од приватниот сектор која, заедно со Владата и синдикатите, го сочинува Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело за социјално договарање и креирање политики.
Истовремено, ОРМ е единствена репрезентативна организација на работодавачи која има легитимитет да преговара и да склучува Општ колективен договор за приватниот сектор. Мисијата на ОРМ се остварува преку креирање и предлагање мерки, политики и активности во интерес на работодавачите во областите на образованието, инфраструктурата, општествената одговорност, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјална легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето и казнената политика.
Организацијата на настанот со кој се одбележа 10-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија е поддржана од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Токму директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози, беше еден од оние кои упатија честитки за јубилејот со желби за натамошна успешна работа на ОРМ. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

