Македонија
Презентација на активните мерки и програми за вработување пред работодавачите

Форум со работодавачи, на кој ќе бидат презентирани активните мерки и програми за вработување годинава, ќе одржи во понеделник Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Форумот е во соработка со Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија (МТСП), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), Центрите за вработување и Националниот совет за претприемништво и конкурентност.
Во рамки на форумот ќе се обрати претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, како и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.
Форумот е од особена важност и е организиран на барање на компаниите членови на ССК, во насока на информирање за најновите активности и бенефиции од користењето на мерките и програмите за вработување годинава. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Изгласан новиот закон за енергетика

Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика.
Oд Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, законот го опишаа како стемски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со тоа, како што се додава, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:
„Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“
Законот е подготвуван во соработка со институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Новиот Закон за енергетика содржи зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка; поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите; отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.
Економија
Димитриеска – Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.
„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .
Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.
Економија
„Ако веќе имате паметен телефон, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?“ – Андоновски најави владина суперапликација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Министерот во својот говор се осврна на владината суперапликација, која како што рече, треба да биде клучен проект кој ќе ги донесе услугите до граѓанитe.
„Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и лансираме до крајот на оваа година”, изјави министерот.
Тој во продолжение од својот говор објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
„Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?” – додаде Андоновски.
„Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука – во Македонија“, заклучи министерот.