Македонија
Продолжува презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија пред индиските бизнисмени
Премиерот Никола Груевски во рамките на официјалната посета на Република Индија, во вторник во градот Ченаи оствари повеќе поединечни средби со големи бизнис компании, пред кои ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.
Груевски оствари средба со генералниот директор и сопственик на ТАФЕ Груп, Малика Сринивасан и со раководниот менаџмент на оваа компанија. ТАФЕ Груп е трета по големина компанија во светот која се занимава со производство на трактори, комбајни и земјоделска механизација, и има годишен обрт на средства од 2,5 милијарди долари. Оваа компанија има производствени погони во Република Индија и во Република Турција, и тие се заинтересирани за инвестирање и отворање на производствен погон во регионот на Балканот, при што се интересираа за можностите за инвестирање кои ги нуди Република Македонија, разгледувајќи ја како можна локација за инвестирање.
Премиерот Груевски им ги објасни поволностите кои ги нуди Владата за водење на бизнис и инвестирање во Република Македонија.
„Имавме средба со компанија која е трет производител по големина на комбајни и трактори во светот. Тие размислуваат да отворат фабрика за производство на трактори и комбајни со помала моќност за што разгледуваат различни локации, така што ја презентиравме Македонија како одлично место за инвестирање, пред сопственикот на компанијата и пред менаџментот“, изјави Груевски.
Сопственикот и главен менаџер на компанијата ТАФЕ Груп, Малика Сринивасан по средбата изјави дека нејзината компанија во своите анализи за ширење на инвестициите ја анализира и нашата земја. Малика Сринивасан магазинот Форбс ја вброи меѓу 100 најбогати, со проценето богатство од над две милијарди долари.
ТАФЕ е присутна во 80 држави во светот и бараме да лоцираме место каде ќе може да започнеме со производство на трактори во регионот, а Македонија е една од државите која ја разгледуваме. Имавме продуктивни разговори денес со премиерот и министрите. Македонија денес е една од најстабилните држави, многу прогресивна, и многу пријателски настроена кон инвеститорите. Оваа е таа привлечност која ги носи луѓето во Македонија, инфраструктурата се развива многу добро. Гледајќи напред Македонија може да им овозможи на компаниите да биде порта кон Европа, како и кон ЦЕФТА земјите, изјави Малика Сринивасан, која воедно е претседател и на Амалгамајшн Груп.
Камал Ануја, кој е заменик директор на Амалгамајшн Груп и ТАФЕ Груп, истакна дека Македонија нуди поволни услови за инвестирање.
„Сега бараме можност да инвестираме во производствени погони во регионот, а можеби и во Македонија, како би можеле да се прошириме од таму на другите европски пазари. Македонија е стратегиски добро лоцирана, имате добри договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и тоа е можност која ја истражуваме многу сериозно“, изјави Камал.
Премиерот Груевски оствари средба и со менаџментот на болницата Аполо, која во Индија е најреномираната болница и има над 50 големи медицински центри.
„Остваривме средба со компанија која што ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината. Со нив разговаравме за можности да отворат во иднина болница во Македонија особено во новите здравствени зони, а пројавуваат интерес и за бањскиот туризам“, истакна премиерот Груевски.
Финансискиот директор на Аполо болниците, Ени Мари Монкури истакна дека Аполо е најголемата здравствена установа која овозможува здравствена грижа. Истакна дека менаџментот е заинтересиран за можноста за соработка и инвестирање во повеќе области во Македонија, при што ги потенцираше областа на здравствената заштита, размената на доктори, и инвестициите во спа-центри.
„Имаме 50 болници и опслужуваме 1500 пациенти дневно. Лидер сме во хирургијата и трансплантација. Многу сме возбудени од можностите кои Македонија ги презентира. Прекрасна локација е, а Владата е насочена кон иднината, и се радуваме за можноста да соработуваме на секој можен начин. Извршниот директор Питерети денес се согласи на размена на доктори и физичари кои ќе вежбаат роботика во нашите центри. Аполо е посветена кон развивање и на спа-центри и здравствена заштита проширувајќи се низ светот“, изјави директорот Монкури по средбата.
Премиерот Груевски оствари средба и со повеќе други менаџери на компании кои се заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, а чија цел е отворање на нови работни места. Тој се сретна и со претседателот на Инвестицискиот фонд во Индија и директор на Коптал Партнерс Груп, Чакри Локаприја.
„Мислам она што го создаде македонската Влада е феноменална инфраструктура и одлични услови како и добра даночна политика и создадени различни инвестициски зони. Затоа мислам дека ќе привлечете капитал и други компании кои ќе инвестираат. Македонија е земја која се развива, економијата се развива брзо, и имате потреба од различни големи компании, а истовремено завршивте голема работа отворајќи економски зони“, истакна Чакри Локаприја.
Груевски и владината делегација во текот на денот ја продолжува својата посета на Република Индија при што ќе престојува во градот Калкута, каде ќе оствари повеќе средби со компании и ќе го посети меморијалниот центар Мајка Тереза. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

