Македонија
Владината делегација и во Адана ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во четвртокот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Адана, каде ги презентираа поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во четвртокот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Адана, каде ги презентираа поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот во Адана се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Турција (ТАББ) и Индустриската комора на Адана, при што присуствуваа претставници на компании од повеќе сфери, како што се прехранбената индустрија, земјоделието и градежништвото.
Премиерот Груевски во своето обраќање се задржа на поволностите за инвестиции кои им стојат на располагање на турските компании. Тој посочи дека државата отвори повеќе технолошко – индустриски развојни зони кои овозможуваат низа поволности како што се можноста во првите 10 години компаниите да не плаќаат данок на добивка и персонален данок.
„Секоја компанија во зоните е ослободена и од плаќање на царина и данок на додадена вредност за суровините и репроматеријалите кои ги увезуваат со цел да произведат стоки кои ќе ги извезуваат. Зоните имаат и изградена инфраструктура”, додаде Груевски.
Македонскиот премиер се осврна и на надминувањето на хендикепот мал пазар, преку потпишување на договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа.
„Македонија има договор за слободна трговија со цела Европа, се разбира со државите од Европската унија, со членките на ЕФTA, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, со балканските држави, но и со Турција. На овој начин успеавме да го надминеме хендикепот на мал пазар. Ако претходно бевме мал пазар со два милиони потрошувачи со сите договори за слободна трговија што ги имаме секој еден кој сака да произведува во Македонија може да извезе на пазар од 660 милиони потрошувачи без плаќање на царина”, изјави Груевски.
Тој посочи дека во Македонија големо внимание се посветува и на инфраструктурата. Тој дополни дека покрај во постоечката, дополнително се инвестира во патната и железничка инфраструктура.
„Во моментот градиме три нови автопатишта, градиме железничка пруга кон Бугарија која што претходно ја немавме. Работиме и за отпочнување на градење на гасоводна мрежа која гледаме да започне од идната година”, изјави Груевски.
Министерот за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески во своето обраќање пред турските инвеститори се задржа на спецификите на македонската економија и поволностите кои ги нуди македонскиот пазар.
Министерот за привлекување на странски инвестиции, Фуркан Чако се задржа на позитивното искуство кои го имаат повеќе странски компании од инвестирањето и работењето во Македонија.
„Турските компании „ТАВ“, „Халк Банк“, „Џеваир Холдинг“, „Суташ“, „Дунуа гоз хастанеси“, „Балкан универзитетот“ се дел од турските инвестиции во Република Македонија и тие се добар пример за инвестициската клима, затоа ги повикувам сите други заинтересирани турски инвеститори да ја посетат Македонија и да се уверат во она што се нуди”, изјави министерот Чако.
Претседателот на индустриската комора на Адана, Зеки Киванч посочи дека Македонија е многу интересна за турските компании пред се поради близината со европскиот пазар, условите за инвестирање и добрата клима која овозможува добра економска соработка. Тој изјави дека бизнис форумот во Адана е важен поради можноста за јакнење на економските врски.
„Можните инвестиции кои ќе се реализираат се добар импакт и за Турција. На тој начин глобалните компании ќе имаат сигурни бизниси и силни врски со Република Македонија. Како Адана, и особено како индустриска комора на Aдана даваме секаков вид на поддршка за унапредување на таа соработка”, изјави Киванч./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

