Македонија
Заврши отворениот повик на Движењето „Браво сине“ за дизајн на амбалажа
Вкупно 26 креативни решенија се пријавиле на отворениот повик за изработка на дизајн за амбалажата на Слатко со идентитет што во јули го упати Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Пристигнатите решенија ќе ги разгледа жири комисија составена од претставници на Движењето и на Skopje Design Week (SDW). Во финалната фаза на избор ќе биде вклучен и претставник на производителот на слаткото.
Согласно критериумите на јавниот повик се бараше изработка на предлог дизајн за амбалажата за слатко од седум видови на овошје од асортиманот на „Јоми фуд“, ексклузивно пакување и промотивен постер.
„На наше огромно задоволство младите дизајнери покажаа голем интерес за оваа несекојдневна можност, но што е уште поважно покажаа и одличен потенцијал и креативност. Нашата цел беше да креираме услови каде младите креативци ќе добијат шанса да работат и тој труд да биде вреднуван, да го поттикнеме интересот кај компаниите за брендирање на производите, а заедницата да добие додадена вредност и подигната свесност за потребата од естетика во секоја смисла. Исто така, домашниот креативен потенцијал, да го поврземе со домашниот производ, содавајќи убава приказна и за бизнисот и за заедницата.“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Избраното креативно решение што ќе биде оценето како најдобро ќе биде јавно соопштено во втората половина на месец септември и наградено со парична награда од 200.000 денари. Средствата во целост ги обезбеди Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ кое заедно со Skopje Design Week, за прв пат оваа година започнаа проект за поддршка на младите креативци преку брендирање на автентични национални производи.
На годинешното издание на Skopje Design Week што ќе се одржи од 23-28 септември, посетителите ќе имаат можност да видат дел од креативните решенија што влегоа во потесен избор.
„Ни преставува огромно задоволство што сме дел од овој значаен проект бидејќи нашата цел е токму тоа на креитавните решенија и на дизајнот да му дадеме конркетна примена во секојдневниот живот и во бизнисот. Се надеваме дека придонесуваме за зголемување на свеста за моќта на дизајнот и креативноста во реалниот бизнис“, истакна Марта Наумовска Грнарова, представник на SDW.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ во насока на исполнување на овие цели.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.