Македонија
Предлог-буџетот за 2017 година проектира раст од 3 отсто

Владата на синоќешната седница го донесе предлог-буџетот за 2017 година кој, според министерот за финансии е развоен, со рекордно ниво на капитални инвестиции, повисоки за дури 20 отсто во споредба со оваа година, а во вторник трерба да биде доставен до Собранието.
Вкупните приходи, како што посочи министерот Кирил Миноски, се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година, вкупните расходи на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5 отсто повеќе во однос на годинава, а капиталните инвестиции да имаат рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е предвидено да изнесува 3 отсто од БДП, односно 18,6 милијарди денари во апсолутен износ.„Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 отсто следната година. Сметам дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот, кои ќе влијаат на успорување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба, односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори. Растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, кој се предвидува да забележи реален раст од 6 отсто. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7 проценти, со што нетоизвозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст“, рече Миноски на синоќешната прес конференција во Владата.Брутоинвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5 отсто, приватната потрошувачка да се зголеми за 2,1, а јавната за околу 1,3 отсто. Стапката на инфлација ќе остане на ниво од 1 отсто, а се очекува вработеноста да се зголеми за 1,8 проценти. Просечната бруто плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8 отсто.„Вкупните даночни приходи се очекува да забележат раст од 9,5 отсто во однос на 2016 година, од кои персоналниот данок треба да оствари раст од 9,3, данокот на добивка од 16,1, ДДВ раст за 10, акцизата за 12,7 и царината за 2,5 отсто во однос на 2016 година“, рече Миноски.Од вкупните расходи, за тековни расходи се планирани 179,26 милијарди денари или раст од 2,4 отсто во однос на 2016 година.„Во рамки на тековните расходи се планирани 26,77 милијарди денари за плати. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во нив е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5 отсто, почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување 555 милиони денари. За здравствена заштита се планирани средства во износ од 26,4 милијарди денари. Предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата за социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 7,8 милијарди денари“, рече Миноски. Капиталните расходи предвидуваат пари и за значајни инвестициски вложувања во изградба на автопатот на Коридор 10 и железничката, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Се планира следната година да заврши изградбатана автопатот Демир Капија Смоквица, да продолжи моденизацијата на железничкиот коридор 10 и реализација на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на пругата кон Бугарија „Предвидено е вложување во енергетската и комунална инфраструктура за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 3,48 милијарди денари, како и продолжување на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем. Со интензивирана динамика ќе продолжи и изградбата на водоводните и канализационите системи во општините,… Планираните расходи за 2017 година обезбедуваат поддршка на домашната економија и животниот стандард, која ќе се реализира преку капитални инвестиции, субвенции, пензии и социјалните надоместоци“, рече Миноски.Прашан дали е неопходно носење на Буџетот за 2017 година или, пак, може да се реши со времено финасирање како што бара опозицијата заради предвремените парламентарни избори во декември, Миноски рече дека нивна обврска е да го изготват Предлог Буџетот и да го достават до Собранието, а пратениците ќе одлучат дали ќе се донесе во предвидениот рок до распуштање на Парламентот или ќе се оди на времено финасирање.„Временото финасирање е опција која се користи во услови кога не е можно да се донесе Буџет. Постојат одредени негативни аспекти од временото финасирање пред се во однос на обврските кои се преземени во меѓувреме, а не биле опфатени во претходната година заради тоа што во основа се зема трошењето во првиот квартал од претходната година. Дополнителна негативна страна е неможноста да се преземаат дополнителни обврски“, рече Миноски. За јавниот долг рече дека се очекува до крајот на годинава да биде под 50 проценти со оглед на фактот што доспеваат за плаќање одредени кредитни линии./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.