Економија
Министерот Незири во Будва ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија
Министерот за економија Беким Незири на Конференцијата „Економијата-основа за регионална соработка на Западниот Балкан“, која се одржа во Будва, Црна Гора, ги презентрираше поволностите за инвестирање во Македонија.
На министерската панел дискусија на тема „Просперитет преку соработка – предизвиците на регионалната соработка на земјите од Југоисточна Европа на нивниот пат кон европската интеграција“, министерот Незири истакна дека и покрај фактот што Македонија нема излез на море, сепак е атрактивна за странските компании, а клучот за успехот се деветте функционални од единаесетте планирани ТИРЗ-ови, ширум земјава, кои нудат многу поволни услови за компаниите.
„Рамниот данок кој го воведовме и во моментов е еден од најниските даноци во регионот, како и поволностите кои вклучуваат даночно ослободување на профитот за целосно вршење на работата во зоната, одредени исклучоци од ДДВ за трговија во рамки на зоната и за увоз во зоната, даночно ослободување од личен доход за вработените, како и царинските поволности и исклучените трошоци за градежни зафати и други форми, беа причина за интерес на врвни компании за инвестирање во овие зони“, рече Незири.
Во контекст на ова, министерот Незири пред присутните колеги од регионот ги претстави придобивките за економијата во Македонија по отворањето на овие зони, при што покрај неколкуте илјади новоотворени работни места, тој истакна дека извозот од зоните надминал 750 милиони евра годишно, а до крајот на 2014 година се очекува да достигне вредност од над една милијарда евра.
Претставувајќи ги клучните електроенергетски интерконективни проекти и оние од транспортната инфраструктура, министерот Незири апелираше за поголема координација помеѓу државите во регионот, во реализирањето на проектите кои се од регионален интерес, како што се енергетското поврзување, автопатиштата и железниците.
Претседателот на германскиот Совет за инвестиции за Источна Европа, Екхард Кордес, истакна дека германските компании се силни партнери и големи работодавци на Балканот, но сепак, невработеноста во регионот сѐ уште претставува голем проблем за кој мора да се изнајде решение.
„Младите од Балканот се подеднакво интелегентни како младите од Германија, но нивниот капацитет не е искористен и на ова треба да се работи поинтензивно. Би сакал да истакнам дека еден од начините е со поактивно аплицирање за европските фондови, кои можат многу подобро да се искористат преку прекугранични проекти“, посочи Кордес.
Во текот на панел дискусијата на која учествуваа министрите од регионот, во чија надлежност се економијата и економскиот развој, од страна на претставниците на Германија и на Европската Унија беше потврдена евроатлантската перспектива на сите држави во регионот.
На конференцијата во Будва, која претставува продолжение на неодамнешната конференција за Западен Балкан, која се одржа во Берлин под покровителство на Канцеларката Меркел, се обрати и премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, кој приреди свечена вечера за министрите од регионот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

