Економија
Најмногу рекламации до Македонски пошти за изгубени пратки
На македонскиот поштенски пазар најмногу рекламации лани се поднесени за изгубени поштенски пратки, на што отпаѓаат 93 отсто од вкупниот број рекламации, а повеќето од позитивно решените се за препорачани пратки, информира на денешната јавна седница на Агенцијата за пошти (АП) директорот Влатко Атанасовски.
Повеќе од 88 отсто од испитаниците рекле дека никогаш не поднеле рекламација за квалитетот на услугите до Агенцијата за пошта како регулаторно тело, а на речиси пет отсто од испитаниците воопшто не им се јасни или познати постапките за рекламација.
Истражувањето на Агенцијата за задоволството на корисниците од поштенските услуги покажало исклучително ниско ниво во однос на поштенските услуги за индивидуалните корисници.
„Над 80 проценти укажаа на фактот дека очекуваат оти интернетот и комуникацијата преку дигиталните форми кои ги нуди развојот на технологијата имаат потенцијал во целост да ги заменат поштенските услуги“, рече Атанасовски, потенцирајќи дека поштенските услуги само ќе ја менуваат формата и видот, но нема да биде доведено во прашање нивното постоење.
Како што истакна Атанасоски, од вкупните поштенски услуги кои ги користеле испитаниците 65 проценти отпаѓаат на бизнис кореспонеденцијата и испораката на пакети, а поради легислативните бариери 86 отсто од поштенската комункација била на домашниот пазар.
Според податоците на Агенцијата за пошти, вкупниот обем на поштенски сообраќај во 2015 година е намален за над два милиона пратки во однос на 2014 година. Обичните писма учествуваат со над 87 отсто кај Македонска пошта.
Директорот на Агенцијата за пошти укажа и дека преку државна интервенција несвесно се задушува доставата на стоки и пакети кои се предмет на онлајн трговија, единствениот сегмент за кој, како што потенцира, има консензус дека е темел за идниот развој на поштенските услуги.
„Останувајќи инертни на нашата иницијатива за подигнување на нивото за бесцарински увоз на стоки за лична употреба од страна на граѓаните кои се купени онлајн, а доставени по поштенски пат од 45 на 150 евра, надлежните државни органи и нивните политики директно придонесуваат за ограничувањето на развојот на поштенскиот пазар и тоа во сегментот кој е утврден за двигател на целокупниот прогрес на поштите во иднина“, рече Атанасовски.
Во пазарниот сегмент за достава на пакети, како што информира, исто така во континуитет постои опаѓачки тренд во однос на вкупниот број пакети. Во 2015 година Македонски пошти оствариле обем од 109.300 пакетски достави, а тој број во 2010 година изнесувал над 210.000. Опаѓање има и кај поштенските пратки по глава на жител, кај кои лани просекот изнесувал 22,7 пратки, а во 2010 година бил над 30 пратки по глава на жител.
Вкупните приходи од поштенските услуги лани изнесувале 2.033.717.836 денари, или 0,36 проценти од вкупниот остварен БДП во 2014 година. Вкупниот приход кај сите даватели на поштенски услуги во 2015 во однос на 2014 е намален за 7,9 проценти.
Поштенските работници учествуваат со 0,36 проценти во вкупниот број вработени во Македонија. Просечната бруто плата во овој сектор исплатена во октомври годинава изнесува 31.784 денари./крај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

