Економија
Отворање на фабриката „Леар“ во Тетово
Новоизградената фабрика „Леар“ во Тетово, во која ќе се произведуваат навлаки за седишта и сродни производи за автомобили од светска класа, се отвора во четвртокoт.
Првите контакти со американската корпорација „Леар“ министерот Веле Самак ги оствари во 2013 година, во Германија, при посетата на нивното европско седиште. Во мај 2015 година, Корпорацијата „Леар“, водечки глобален добавувач на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција, официјално ја објави одлуката за инвестирање во Македонија. Во јули 2015 година се потпиша Договорот за инвестирање со Владата на Република Македонија.Леар првично започна со работа на браунфилд локација во Гостивар преку вработување на 300 лица со вештини за кроење и шиење на кожа и ткаенина за производство на автомобилски навлаки за седишта. Денеска фирмата ги отвара вратите на новата фабрика во ТИРЗ Тетово.Новата фабрика која се простира на 12.000 метри квадратни е реализација на првичниот план на „Леар“ со инвестиција вредна над 15 милиони евра. Фабриката располага со врвна машинерија и производни капацитети за сечење кожа и платно, магацин и канцелариски простории. До 2018 година „Леар корпорејшн Македонија“ планира да вработи од 1.500 до 2.000 граѓани, бројка која согласно нивното искуство може да достигне и до 3.000 нови вработувања преку планирана експанзија од дополнителни 8.000 квадратни метри.„Во дополнение на тоа што нуди навлаки за седишта и сродни производи за автомобили од светска класа, ‘Леар’ Тетово ќе даде придонес за локалниот регион во контекст на вработување и најмување на искусни професионалци за шиење како и лица кои неодамна го завршиле образованието во локалните образовни институции“, рече Свен Дам, заменик-претседател на „Леар“ за работа на тапацир за Европа и Африка. „Сите со кои остваривме локална соработка многу ни помогнаа и ние тоа навистина го цениме“.„Отворањето на оваа фабрика е нова историја за Тетово и регионот за чија важност се боревме со неколку земји од регионот. Динамиката на работа и задоволството на фирмата од локалниот кадар ни дава голем оптимизам за достигнување на планираниот капацитет од 2.500-3.000 вработувања. Со оваа фабрика, како кабинет, заокружуваме реализација на инвестиции каде моментално работат над 11.000 вработени и претставуваат раст на БДП од 300 милиони евра годишно“, истакна министерот Самак.„Леар Корпорејшн“ (Њујоршка берза NYSE: LEA) е еден од водечките добавувачи на автомобилски седишта и електрични системи за дистрибуција. ‘Леар’ ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот и содржината на ‘Леар’ може да се најде на повеќе од 350 ознаки на производители на возила. Производите на ‘Леар’ кои се од светска класа се дизајнирани, проектирани и произведени од разновиден тим кој брои околу 140.000 вработени, распределени во 36 земји. ‘Леар’ во моментов е рангиран на 154-тото место од листата на Форчун 500 (Fortune 500). Седиштето на „Леар“ е во Саутфилд, Мичиген, САД./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

