Економија
Рудникот за бакар и злато во Иловица ќе добие кредит од 215 милиони долари
Германскиот гарантен фонд (UFK – Garantien für Ungebundene Finanzkredite) издаде мандатно писмо за начелна подобност и овластување за аранжман за финансирање на компанијата Еуромакс ресурсис за развој на проектот за бакар и злато – Иловица во Македонија.
Со потпишаното мандатно писмо се обезбедува аранжман од 215 милиони долари за приоритетно финансирање на проектот, од страна на Société Générale S.A., UniCredit Bank AG и Unicredit Bank Austria AG, како главни кредитори.
Рокот за отплата на аранжманот за финансирање е 12 години, со каматна стапка со разлика од 3,75% – 4,25% пред завршување, односно разлика од 2,75% – 3,25% над ЛИБОР по завршување на проектот.
Услов за добивање на аранжман за финансирање е склучување на договор со топилница во германска сопственост за преземање на бакарен концентрат.
Дополнителни со мандатно писмо од Германскиот гарантен фонд UFK договорени се и услови со Caterpillar Financial („Cat Financial“) за аранжман за финансирање на опрема во вредност од најмногу 25 милиони американски долари. Овој аранжман за опрема се однесува на финансирање на било која опрема Cat купена за проектот Иловица во Македонија. Рокот на отплата на аранжманот за финансирање на опремата е 5 години со разлика од 4,50% – 5,50% над ЛИБОР.
„Потпишувањето на овие мандатни писма, во комбинација со UFK Поддршката, е значително достигнување во нашиот план за финансирање и покажува голем интерес за проектот Иловица. Во комбинација со Договорот за испорака на злато со Royal Gold, обезбедуваме 400 милиони американски долари за финансирање на изградбата на Иловица. Со вклучување на банките уште на почетокот на процесот, ќе бидеме во можност да го спроведеме процесот на длабинска анализа паралелно со DFS/FEED за да се избегне одлагање при приемот на одобрението за градба во 2016 година. Со предвидената поддршка од UFK, успеавме да обезбедиме поволен рок на отплата на кредитот до 12 години, така што нашите акционери ќе имаат корист од зголеменото задолжување и ова драстично ја зголемува внатрешната стапка на поврат на средства на Проектот.“, изјави Варшан Гокул, главен финансиски директор на Еуромакс ресурсис.
Поддршката од Германскиот гарантен фонд се темелат на резултатите на Пред -физибилити студијата за проектот Иловица, објавен од страна на компанијата во јуни 2014 година и се наменети за финансирање на проектот Иловица, заедно со Договорот за испорака на злато вреден 175 милиони американски долари објавен во октомври, 2014 година.
Потпишувањето на мандатните писма ќе и овозможи на компанијата да продолжи со планот за завршување на потребната длабинска анализа, потребна за комплетирање на поддршката за проектниот аранжман и аранжманот за опрема, паралелно со завршувањето на конечната физибилити студија за Иловица која е во тек.
Финансискиот аранжман и аранжманот за опрема е предмет на длабинската анализа која треба да ја извршат главните кредитори и Cat Financial, вклучувајќи финансиски, правни, технички, еколошки и социјални длабински анализи. Поддршка од Германскиот гарантен фонд ќе биде предмет на понатамошни длабински анализи и одобрување од страна на германската влада.
Изградбата на рудникот за бакар и злато – Иловица, треба да заврши кон крајот на 2017 година. Неговата изградба ќе чини околу 500 милиони долари, а според плановите во новиот рудник ќе се вработат околу 400 лица. /крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

