Свет
Бил Гејтс и натаму најбогат меѓу сé поголемиот број ултрабогати луѓе во светот

Коосновачот на технолошкиот гигант „Microsoft“, Американецот Бил Гејтс и натаму е најбогатиот човек на планетата со богатство проценето на 79,2 милијарди американски долари, според годишниот извештај на магазинот Forbes објавен во понеделникот.
Богатството на Бил Гејтс е поголемо за 3,2 милијарди долари отколку минатата 2014 година, според класификацијата на која на второто место е повторно Мексиканецот со либанско потекло Карлос Слим, магнатот на телекомуникациите со 77,1 милијарди долари, или за 5,1 милијарди долари повеќе од лани.
Американскиот бизнисмен Ворен Бафет е на третото место со 72,7 милијарди долари, односно своето богатство за една година го зголемил за 14,5 милијарди долари. Со тоа го истисна Шпанецот Амасио Ортега, основат на трговскиот синџир „Zara“ кој сега е на четвртото место со 64,5 милијарди долари, односно со „само“ о,5 милијарди долари повеќе отколку минатата година. Петти и годинава е Лари Елсон, основачот на „Oracle“ со 54,3 милијарди долари.
Правата жена на списокот на Forbes е Французинката Лилиан Беренкур, наследничката на компанијата „l’Oreal“, која е десеттата најбогата личност на светот со 40,1 милијарди долари, односно своето богатство го зголемила за 5,6 милијарди долари во однос на 2014 година.
Младиот, 30-годишен основач на најголемата социјална мрежа на светот „Facebook“, Мајкл Цукерберг е меѓу 20-те најбогати, годинава на 16-то место со 33,4 милијарди долари, во однос на 28,5 милијарди долари колку што имаше ланската година.
Се забележува дека групата на ткн „ултрабогати“ во светот е сé поголема, па денес на светот ги има рекордни 1.826 милијардери, во однос на 1.645 минатата година, и дека од нив 46 се помлади од 40 години.
Во извештајот на Forbes се истакнува дека добрата позиција на секторот технологија и јакнењето на американскиот долар во однос не еврото ја зајакнале позицијата на Американците во споменатата класификација на која ги има 536, па следат Кинезите со 213 милијардери, Германците со 103, Индијците со 90 и русите со 88. Во Европа, според магазинот, има 482 милијардери.
Вкупното богатство коешто го поседуваат најбогатите луѓе на светот во изминатата година Forbes го проценува на 7.050 милијарди, во однос на 6.400 милијарди долари една година претходно.
Кон средината на февруари истражувањето на експертите на бизнис порталот Wealth-X покажа дека бројот на милијардерите во светот се зголемил за 7 отсто во периодот од 2013 до 2014 година до 2.325 луѓе, а најмногу од нив живеат во Њујорк.
Како што се истакнува во заклучоците од споменатото истражување, четвртина од сите милијардери живеат во САД, и притоа 35 отсто од најбогатите луѓе во светот живеат во 20 градови. Најпопуларен меѓу најбогатите и натаму е Њујорк, каде што живеат 103 милијардери, на второ место се проби руската престолнина Москва со 85 милијардери, а на трето место е Хонгконг, каде што живеат 82, претежно кинески милијардери.
Истражувањето, исто така, покажа дека речиси 90 отсто од милијардерите мажи самите целосно или делумно го заработиле своето богатство. Меѓу жените, коишто на споменатата листа ги има само 286, повеќе од 65 проценти своето богатство го стекнале како наследство.
Портретот на просечниот милијардер, направен според собраните податоци, изгледа – тој е на возраст од 63 години, неговото богатство изнесува приближно три милијарди американски долари, од кои првата милијарда ја заработил во педесеттите години од животот. Притоа, 90 отсто од милијардерите се женети и во просек имаат по две деца.
Според податоците на Wealth-X, 35 проценти од милијардерите немаат завршено високо образование. Меѓу оние кои го заокружиле своето образование со факултетска диплома, најмногу студирале на универзитетите Пенсилванија, Харвард, Јеил, на Универзитетот во Мумбаи и на Московскиот државен универзитет.
Истражувањето открива и дека само една третина од милијардерите основале добротворни фондации, а еден од триесет има во сопственост спортски клуб или ергела за расни тркачки коњи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.