Свет
ECB е истрајна на целосно спроведување на програмата за квантитативно ублажување
Европската централна банка (ECB) не планира да ја ограничи, ниту да ја скуси програмата за квантитативното ублажување, иако очекува дека економското заздравување на еврозоната ќе зајакне, ќе се прошири на поголема основа, изјави во средата претседателот на централната финансиска институција на монетарната унија, Марио Драги.
„Нашиот фокус ќе биде на целосната примена на нашите мерки од монетарната политика. Купувањата планираме да ги спроведуваме до крајот на септември 2016 година, а во секој случај додека не увидиме дека движењето на инфлацијата трајно е усогласено со среднорочно зацртаната инфлација од малку под два отсто“, изјави челникот на Европската централна банка, Марио Драги на прес-конференцијата во седиштето во Франкфурт по завршувањето на редовната седница на Управниот одбор на ECB.
Според последните процени на европското статистичко биро Eurostat, еврозоната бележи дефлација од 0,1 отсто.
Драги беше изненаден од шпекулациите за можното предвремено завршување на програмата за купување на обврзниците, имајќи предвид дека оваа мерка на сила е само еден месец. Со оваа програма предвидени се месечни купувања на обврзници, и тоа главно државни, во износ од 60 милијарди евра, а според првичните реакции позитивно влијае врз довербата.
„Со тие мерки ќе придонесеме за натамошно подобрување на економските изгледи, намалување на летаргијата во економијата, како и заздравување на растот на парите и кредитите. Очекуваме дека економското заздравување постепено ќе се рашири и зајакне“, рече натаму челникот на ECB.
Драги оцени дека се „малку претерани“ стравувањата поврзани со количеството обврзници кои може да се купат, тврдејќи дека повеќето се на располагање. „Ние не гледаме никакви проблеми. Нашата програма е доволно флексибилна, што во секој момент може да се прилагоди, доколку условите се променат“, додаде.
Истакна дека има позитивни ефекти од новите мерки на монетарната политика, воведени во март годинава. „Спроведувањето на програмата за купување на обврзниците се одвива непречено. Постојат јасни потврди дека мерките на монетарната политика кои ги воведовме се ефикасни“, порача Драги на конференцијата за медиумите.
Претходно во средата на редовната седница на Управниот одбор, ECB донесе одлука да ја задржи рекордно ниската клучната каматна стапка од 0,05 отсто.
Седницата инаку беше одржана ден порано за да Драги може да им се приклучи на министрите за финансии и челниците на централните банки од водечките светски економии од групата Г20 на пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, кој ќе трае од 17-ти до 19-ти април./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп до австралискиот амбасадор: Не те сакам и веројатно никогаш нема да те сакам
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му рече на австралискиот амбасадор во САД и поранешен премиер, Кевин Рад, дека не го сака и веројатно никогаш нема да го сака.
Трамп вчера се сретна со сегашниот австралиски премиер, Ентони Албанезе. Политичкиот уредник на австралискиот „Скај њуз“, Ендру Кленел, го праша Трамп зошто требало толку долго време за да се организира состанокот. Тој беше заинтересиран дали има некаква врска со ставот на Австралија за климатските промени, Палестина или изјавите на Рад.
🤪 Trump to Australia’s ambassador: “I don’t like you either.”
An awkward exchange took place between the U.S. president and the Australian ambassador🇦🇺
After signing an agreement on rare earth minerals, a journalist reminded Trump that Ambassador Kevin Rudd had once called him… pic.twitter.com/UEooOxvqYs
— NEXTA (@nexta_tv) October 20, 2025
„Не знам ништо за него. Ако рекол нешто лошо, тогаш можеби би сакал да се извини. Дали амбасадорот рекол нешто лошо? Не кажувајте ми. Не сакам да знам. Каде е тој? Дали сè уште работи за вас“, Трамп го праша Албанезе.
Албанезе одговори дека Рад е сè уште амбасадор и покажа кон него. Рад призна дека кажал лоши работи за Трамп пред да стане амбасадор. „Ги повлекувам тие изјави“, рече тој.
„Ни мене не ми се допаѓаш. И веројатно никогаш нема да ми се допаднеш“, рече Трамп.
Во ноември минатата година, откако Рад беше потврден како избор на Албанезе за амбасадор на САД, се појави интервју од 2021 година во кое тој го опиша Трамп како селски идиот. Подоцна се дозна дека Рад избришал некои стари објави на социјалните мрежи во кои го нарекол Трамп предавник на Западот и лудак.
Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ
На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте
Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.

