Свет
Еврогрупата го поздравува напредокот на Грција,бара дополнителни напори

Министрите за финансии на земјите од еврозоната (Еврогрупата) ја повика во понеделникот Грција да вложи дополнителни напори за да се постигне договорот за преостанатите отворени прашања што би го овозможило продолжувањето на надворешната финансиска помош.
„Го поздравуваме напредокот кој досега е постигнат, во преговорите меѓу Грција и нејзините меѓународни доверители (ЕУ и ММФ). Истовремено, признаваме дека е потребно уште време и напори за да се премостат разликите во преостанатите прашања. Оттаму, ја поздравуваме намерата на грчките власти да ја забрзаат соработката со институциите, со цел успешно и навремено да биде заклучен договорот“, се вели во писмената изјава одобрена од министрите за финансии на земјите од еврозоната.
Грција претходно во понеделникот ја започна постапката за исплатата на ратата од кредитот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во износ од речиси 750 милиони евра, а исплатата треба да биде извршена во вторник.
Меѓутоа, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис предупреди дека неговата земја би можела да остане без ликвидни средства за две седмици, во периодот додека преговара со доверителите околу условите коишто мора да ги исполни за да ја добие новата транша од помошта во износ од 7,2 милијарди евра.
Еврокомесарот за економски и финансиски работи Пјер Московиси изјави дека договорот мора да биде постигнат до крајот на јуни, пред новата средба на Еврогрупата. Шефот на Еврогрупата, Јероен Дијсеблом, пак, изјави дека министрите за финансии на еврозоната можат да се состанат во кој и да е момент, штом меѓународните доверители ги одобрат реформите коишто Грција мора да ги спроведе.
Грчкиот премиер Алексис Цирпас неодамна го промени преговарачкиот тим, што беше протолкувано како маргинализирање на министерот за финансии Варуфакис, а во еврозоната истакнуваат де од тогаш преговорите се поефикасни и поконструктивни.
Досега е постигнат напредок во приближување на ставовите околу реформите за системот на данокот за додадена вредност (ДДВ) и формирање невладина владина агенција за собирање на даноците, но останаа уште многу предлози за усвојување, во прв ред околу реформите на пензискиот систем и на пазарот на трудот./крај/мф/сн
Извор: AFP/Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.