Свет
Грција платила купон на обврзница во јени

Грција платила 3,8 милиони евра купон на обврзница деноминирана во јапонски јени, кој доспеала за наплата во петокот, пренесува Reuters кој се повикува на функционер во грчката влада.
„Плативме купон (намалување на вредноста на обврзниците или други вредносни хартии), издаден е платен налог“, изјавил за агенцијата грчкиот функционер кој сакал да остане анонимен, бидејќи немал овластувања за контакти со медиумите.
Обврзницата деноминирана во јени, не била вклучена во реструктуирањето на грчкиот долг кон приватниот сектор од 2012 година, истакнува Reuters.
Според пишувањето на лондонски Financial Times, грчката влада издала во 1995 година 20-годишна ткн самурај обврзница во износи од 20 милијарди јени со фиксна купонска каматна стапка од 5,8 отсто и датум на доспевање од 14-ти јуни 2015 година. Со тоа Грција им се приклучи на државите и компаниите коишто во последната деценија од минатиот век и првата деценија од овој го користеа периодот на извонредно ниските камати во Јапонија за поволно задолжување.
Медиуми во светот истакнуваат дека судбината на грчката „самурај“ обврзница ќе биде важен патоказ за идниот однос на земјата кон сопствениците на долгот во приватниот сектор.
Во февруари и август следната година доспеваат на наплата уште две грчки самурај обврзници во вкупен износ од 70 милијарди јени, наведува Financial Times.
Reuters, пак, потсетува дека во јули Атина мора да плати вкупно 910 милиони евра камати, вклучително и 695 милиони евра на Европската централна банка (ЕЦБ) за обврзниците кои доспеваат за наплата на 20-ти јули, како и 102 милиони евра на билатералните кредити на Европската инвестициска банка (ЕИБ)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.