Свет
Кина најавува постапка против САД во СТО поради царините на челикот

Кина пред Светската трговска организација (WTO- СTO) може да покрене постапка против САД за да ја заштити својата индустрија за челик, објави министерството за трговија во Пекинг, откако Вашингтон предупреди дека увозот на поедини категории челик од Кина им штети на американските произведувачи.
Американската комисија за меѓународна трговија објави минатиот петок дека увозот на нерѓосувачки челик од пет земји, вклучително и од Кина, им штети на американските произведувачи, што претставува завршна фаза во постапката за воведување антидампиншки и антисубвенциски царини.
Американското министерство за трговија веќе воведе царини во висина до 450 отсто на челични производи од Кина, како и царини во распон од 3 до 92 отсто на увозот на нерѓосувачки челик од Италија, Индија, Јужна Кореја и Тајван.
Од кинеското министерство за трговија во вторникот порачаа дека американските извонредно високи царини ги принудиле кинеските компании од американскиот пазар да ги повлечат опфатените категории челични производи.
„Интересот на кинеската извозна челична индустрија ќе бидат сериозно погодени и кинеската индустрија на челик силно се противи на тоа“, наведе министерството во соопштение објавено на официјалната интернет страница.
„Што се однесува погрешниот метод на САД со кој се кршат прописите на СТО, Кина презема и ќе продолжи да ги презема сите мерки, вклучително и поднесувањето на приговор во СТО, за да осигури праведен третман за кинеските компании и за да ги заштити нивните извозни интереси“, се додава во соопштението.
Челичарниците во Кина, најголемиот светски произведувач и потрошувач на овој метал, го зголемија производството и покрај настојувањата на владата во Пекинг да ги намали прекумерните производствени капацитети. Тоа го заостри трговскиот судир меѓу Кина и другите производители на челик, како Јапонија, Индија и САД.
Во кинеското министерство за трговија изразуваат длабока загриженост поради протекционизмот во американскиот сектор за челик. Тврдат дека тешкотиите со коишто се соочува глобалната индустрија на челик е резултат на падот на побарувачката и дека трговскиот протекционизам на САД дополнително ќе ги заостри судирите и споровите./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Турција ѝ нуди помош на Европа, 10 милијарди кубни метри гас годишно преку балканскиот гасовод

Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.
Економија
Македонците од ова лето ќе плаќаат повеќе, Грција ги зголеми туристичките такси

Грција од оваа година ќе ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира средства за подобрување на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам. Според информации објавени на порталот „Шенген њуз“, туристите кои ќе посетат Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.
Зголемување на таксите се очекува и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека госите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо 7. Најголемо поскапување ќе биде за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Исто така сместувањето преку „Airbnb“ ќе биде поскапено, со такса од 2 евра во зимските месеци и 8 евра во летните месеци, се очекува и зголемување на таксите за туристите кои ќе одлучат да патуваат со крстарење. Прогнозите велат дека Грција ќе биде домаќин на 8 милиони туристи во 2025 година.
Како дел од новите такси, посетителите на Санторини и Миконос ќе треба да плаќаат по 20 евра, додека за останатите острови, вклучувајќи ја и Атина, таксата ќе изнесува 5 евра на ден. За споредба, иако Миконос има само 12.000 жители, секој ден го посетуваат до 20.000 туристи, што го прави островот едно од најпопуларните дестинации.
Промените беа најавени во септември од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека се очекува приходот од зголемените такси да изнесува 600 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.
Свет
Ердоган ветува поддршка за сирискиот народ по падот на Асад

По пауза од 12 години, Турција повторно ја отвори својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе го поддржи сирискиот народ во процесот на обновување и закрепнување, оценувајќи дека Турција ќе продолжи да биде клучен фактор за стабилност во регионот.
На провинцискиот конгрес на Партијата на правдата и развојот, Ердоган истакна дека сирискиот народ извојувал значајна победа со соборувањето на режимот на Башар ал Асад. Потсети и дека Турција пред 13 години ги отворила своите граници за милиони бегалци од Сирија, обезбедувајќи засолниште за околу четири милиони луѓе кои побегнале од конфликтот.
„Турција останува како остров на стабилност среде хаосот и превирањата во регионот“, рече Ердоган, истакнувајќи ја улогата на неговата земја во решавањето на регионалните кризи.
Денеска, турското знаме повторно се вее пред зградата на амбасадата во Дамаск, лоцирана во дипломатскиот кварт. За привремен вршител на должност на амбасадор е назначен Бурхан Короглу, кој досега беше амбасадор на Турција во Мавританија.
Амбасадата на Турција ја прекина својата работа на 26 март 2012 година, поради влошувањето на односите меѓу Анкара и режимот на Асад, но со денешното отворање, активностите се официјално обновени.