Свет
Прво намалување на даноците во Грција во пет години штедење

Предлог буџетот на грчката влада за 2015 година, претставен неделава, по прв пат за 40 години ќе биде врамнотежен, а по пет години строги мерки на штедење ќе има и намалување на даночното оптоварување за граѓаните.
Грчкиот министер за финансии Гикас Хардоувелис деновиве најави укинување на данокот на солидарност кој го плаќаа граѓаните со доход поголем од 12.000 евра, како и намалување на придонесите за социјално осигурување, со цел да се поттикне вработувањето.
За 30 отсто ќе биде намален и посебниот данок на маслото за домаќинство воведен во 2012 година, кој грчкото национално здружение на трговци со горива веднаш го прогласи за фијаско. Воведувањето на овој данок, велат сега од министерстовто за финансии, ја намалил потрошувачката на маслото за домаќинство за повеќе од две третини што доведе до пад на буџетските приходи за околу 400 милиони евра.
Останатите мерки вклучуваат укинување на одлуката за кастрење на платите во јавниот сектор, врз основа на пресудата на врховниот суд дека таквиот данок е противзаконски, како и овозможување на нередовните плаќачи на данок да ги подмират своите обврски во повеќе рати.
Овие мерки се прв чекор кон исполнување на ветувањето на грчкиот премиер Антонис Самарас дека ќе ги намали даноците. Во јуни, имено, премиерот рече дека во наредните години ќе се скастрат даноците секаде, како и дека даночниот систем ќе стане похуман кон обврзниците кои ќе се најдат во потешкотии при помирувањето на своите обврски.
Претходно во септември Самарас најави дека ќе ја намали највисоката стапка на данок на доход од 42 на 32 отсто, данокот на добивка од 25 на 15 отсто, како и дека ќе ги снижи стапките на данокот на додадена вредност и на прометот со недвижности.
И додека грчката економија се очекува во наредната година да оствари силно закрепнување, по проценета стапка на раст од 2,9 отсто, грчката влада очекува дека во 2015 година за прв пат државата ќе има воглавно врамнотежен буџет, со номинален дефицит од само 0,2 отсто. Доколку од буџетот се одземат отплатите на ратите за кредитите, буџетот би имал суфицит од 3 отсто од БДП.
Иако плановите за намалување на даночното оптоварување мора да бидат потврдени од меѓународната тројка на кредитори, грчката влада предлог буџетот за наредната година веќе го нарече клучен пресврт за Грција и нејзините даночни обврзници. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.