Свет
Русија има намера да ѝ помогне на Грција со испорака на енергенси

Русија разгледува можност за директна испорака на енергенси на Грција за да ја поддржи нејзината економија, изјавил рускиот министерот за енергетика Александр Новак.
Русија „има намера да ја поддржи обновата на грчката економија со ширење на соработката во енергетскиот сектор“, изјавил рускиот министер за енергетика Александр Новак, објави новинската агенција Спутник. „Ја проучуваме можноста за организирање директна испорака на енергенси за Грција во блиска Иднина, рекол министерот.
Минатата седмица портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ќе ја разгледа можноста за финансиска помош за Грција, доколку Атина тоа го побара.
Русија и Грција последните месеци откако на власт дојде коалицијата на радикалната левица Сириза, значително ги продлабочија политичките и економски контакти, по инсистирање на Атина. Некои од земјите во Европската унија, во тоа приближување гледаат опасност, особено поради тензиите меѓу Москва и Западот поради украинската криза.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас мината седмица телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за резултатите од грчкиот референдум на кој со големо мнозинство беа отфрлени предлозите на грчките доверители за продолжување на финансиската помош на земјата. На економскиот форум во јуни во Санкт Петербург, Ципрас имаше веќе втора средба со Путин и повика на укинување на санкциите на ЕУ против Русија. Двете земји потпишаа и договор за соработка за изградба на гасоводот „Турски тек“, со кој би се испорачувал рускиот природен гас во југоисточна и централна Европа. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.