Свет
Швајцарците одбија гарантиран минималeн доход за сите

Швајцарските избирачи го отфрлија во неделата на референдум со големо мнозинство гласови предлогот за воведување гарантиран минимален доход за сите граѓани на оваа богата држава, покажуваат прелиминарните проекции од резултатот на гласањето.
Првичните проекции на агенцијата GFS покажуваат дека 78 отсто од избирачите ја отфрлиле иницијативата на сопственикот на кафуле во Базел, Даниел Хаени и на неговите приврзаници, но референдумот ја поттикна непријатната јавна дебата за иднината на работните места во време на сé поголема автоматизација.
Поборниците на иницијативата истакнуваа дека со воведувањето на гарантираниот минимален месечен доход од 2.500 швајцарски франци по лице и 625 франци по дете помладо од 18 години ќе се придонесе за заштита на човечкото достоинство и ќе ги унапреди јавните услуги.
Противниците, вклучително и швајцарската влада, предупредуваа дека тоа би чинело премногу и дека би ја ослабела економијата на земјата. Владата истакна дека Швајцарија веќе има добро развиен систем на социјална помош за оние кои не можат да се издржуваат.
Хаени го призна поразот, меѓутоа се смета за морален победник.
„Како деловен човек јас сум реалист и очекував поддршка д 15 отсто, а сега изгледа дека е поголема од 20 или дури 25 отсто. Мислам дека тоа е одлично и сензационално. Кога ќе го видам интересот на медиумите, од странство исто така, тогаш велам дека покренуваме тренд“, изјави Хаени за швајцарската телевизија SRF.
Швајцарија е првата држава која одржа референдум за воведување безусловен минимален доход, но за тоа размислуваат и други држави, како на пример Финска.
Планот требаше во целост или со еден дел да ја замени социјалната помош. Владата процени дека тоа ми чинело околу 208 милијарди франци годишно, со што силно би ја ослабело економијата, како и дека луѓето би ја загубиле мотивацијата за работа, особено оние со ниски примања.
Повеќето трошоци би можеле да се покријат од постојните социјални надоместоци, но кусокот од 25 милијарди франци би морал да се надоместува со големи кастрења на потрошувачката или со зголемување на даноците./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.