Економија
Започнува вториот циклус во ангажирањето на странските експерти во македонските компании
Започнува вториот циклус во ангажирањето на странските експерти во работата на домашните компании, информираше во четврток владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Започнувајќи од оваа седмица, во следниот период од 45 до 60 дена, во нашата земја ќе престојуваат нови 15 до 20 странски експерти кои ќе работат во рамките на домашните компании кои побарале таква поддршка врз основа на јавниот и транспарентен оглас кој беше објавен. За нас е значајно дека овие нови експерти кои ќе помогнат на македонските компании, ќе работат во компании кои функционираат во различни региони на целата територија на државата, со што се обезбедува соодветна географска покриеност“, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека експертите во вториот циклус ќе работат во компании кои се различни по својата големина, односно ќе ги даваат своите совети на компании кои имаат до 50 вработени, на компании кои имаат од 50 до 200 вработени, но и на компании кои имаат над 200 вработени, со што пак се дава опфат со проектот и на малиот, средниот и на големиот бизнис.
Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од производствената, техничка и технолошка индустрија, и во сферата на информатичко комуникациската дејност.
„Она што исто така е значајно да се истакне е дека во овој втор циклус покрај експерти од Холандија и Германија кои беа застапени во рамките на првиот циклус, сега се проширува таа кадровска основа и потенцијал и во вториот циклус покрај експерти од Холандија и Германија, ќе имаме и ангажман на експерти од Швајцарија, Австрија, Италија и од Европската банка за обнова и развој“, рече Ѓорѓиев.
Компаниите во однос на овие експерти, или ќе немаат никаков трошок, или, пак, ќе имаат минимален трошок во вид на минимален партиципативен надомест кој би го уплатиле по претходна нивна задолжителна согласност, и тој надомест во однос на другите трошоци е минимален затоа што ги покрива претежно споредните аспекти на ангажманот. Главните трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка.
„Ние сметаме дека и во овој нов втор циклус, исто како и во првиот ќе се остварат целите на проектот, а тоа е компаниите да имаат конкретна корист од ангажираниот експерт, односно со неговите совети да се придонесе во унапредувањето на работата на компанијата и поголема нејзина профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија“, рече владиниот портпарол. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

