Економија
(Видео) Трипуновски: Помош при откуп и кредитен револвинг фонд за земјоделците во првите 100 дена
„Земјоделството е стратешка гранка во Република Македонија. Над 100.000 лица живеат или на некој начин се занимаваат и се поврзани со земјоделство. Изминативе години поради негрижата на власта оваа гранка е во сериозен пад. Откуп нема, а кога го има цените се под секоја рентабилност. Субвенциите доцнат, за модернизација на земјоделството воопшто и да не зборуваме едноставно во буквална смисла катастрофа.
Коронавирусот остави последици и во земјоделството. Власта која не можеше да обезбеди услови за функционирање на земјоделците во нормално време, во кризава се соочи со тотален крах. Токму затоа потребно е итна стратегија за пребродување на последиците, во таа насока ние нудиме преодна стратегија која нашата влада во првите 100 дена од мандатот ќе ја спроведе“, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за заштита од можните негативни состојби, владата на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе интервенира со комбинација од повеќе сет на мерки, со кои ќе им се помогне на земјоделските производители да се справат со проблемите и да обезбедат соодветен приход. Имено ќе бидат преземени пазарно-ценовни мерки и мерки со кои ќе им помогне на земјоделците, извозниците и на транспортерите настап на светските пазари.
Се обврзуваме да обезбедиме дополнителни плаќања по единица капацитет за производителите на зеленчук и овошје кои нема да можат да ги пласираат своите производи. Оваа мерка ќе овозможи производителите да ги пласираат земјоделските производи и да остварат соодветен доход.
„Поддршката ќе биде насочена и кон извозниците. За да им помогне на извозниците на земјоделско-прехранбени производи да стигнат до постоечките пазари, и во насока на изнаоѓање на алтернативни пазари, владата ќе креира мерки за маркетинг, промоции и кампања. Доколку значително се зголеми цената на транспортните трошоци, поради нарушување на постоечките коридори за транспорт, ќе се имплементираат мерки и во таа насока.
Со мерки на ценовна поддршка ќе ѝ се помогне на преработувачката индустрија да ги откупи сите домашни количини овошје и зеленчук кои нема да може да се пласираат на пазарите како производи за свежа консумација. Во сетот на мерки ќе бидат опфатени лозарите, градинарите, сточарите, односно сите гранки од земјоделскиот сектор.Ова е само мал сегмент од нашите планови за земјоделството, кои опфаќаат 640 милиони евра за субвенции, 80 милиони евра за водоснабдување, неповратни средства за младите земјоделци за набавка на механизација и опрема, инвестиции во земјоделските стопанства, кредитен револвинг фонд за сигурен откуп на земјоделските производи и многу други реални проекти.ВМРО-ДПМНЕ има стратегија. СДСМ покажа дека можат единствено повеќе криминал, можат единствено повеќе корупција и можат само порази. Да ставиме крај на виткањето на кичма“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.