Економија
Деспотовски: Продолжува растот во технолошко-индустриските развојни зони
Продолжува растот во технолошко-индустриските развојни зони, а примената на новиот концепт на ТИРЗ за привлекување странски инвестиции веќе дава конкретни резултати и зголемен број нови инвестиции, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ, што ја презентира директорот Јован Деспотовски.
„Растот продолжува и во август, а бројките покажуваат рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 во однос на минатите години. Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи и серозен раст. Очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава“, изјави Деспотовски.
Редовната месечна анализа за август покажува највисоко ниво на извоз во првите осум месеци во споредба со истиот период во изминатите четири години, како и речиси рекордна извозна и увозна активност годинава. Вкупниот извоз во првите осум месеци во зоните достигнала 2,04 милијарди евра, што е повеќе од 50 % во однос на истиот период лани, односно над 11 % во споредба со 2019 и речиси 32 % повеќе од 2018 година. Во август извозот бил 275 милиони евра, што е 24 % повеќе од август 2020 година, односно 26 % и 45 % повеќе во споредба со август 2019, односно 2018 година.
Според анализата, во првите осум месеци од 2021 година вкупниот увоз во зоните изнесува над 2,036 милијарди евра и е 63 % зголемен во однос на истиот период лани, односно 17 % во однос на 2019, а над 55 % во однос на 2018. Само во август увозот во зоните достигнал 269 милиони евра и е најголем во последните четири години во споредба со истиот месец. Според анализата, голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии поради зголемените инвестициски активности во зоните, што се одразува и на нето-извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните. Заклучно со август, нето-извозот е во позитива од 0,34 %.
Компаративната анализа покажува и раст од 7,15 % на бројот на вработени во август во споредба со истиот месец лани и стабилно ниво од над 14.000 вработени во компаниите активни во зоните.
Деспотовски најави и нови странски инвестиции во Штип, Кичево и во Скопје.
„Во формална процедура на одобрување се три нови договори за странски инвестиции со вкупен обем од над 54 милиони евра. Само овие инвестиции треба да донесат 680 нови работни места, да го зголемат вкупниот извоз за над 850 милиони евра во десетгодишен период, а приходите во буџетот ќе достигнат до 55 милиони евра на сметка на придонеси, данок на добивка и персонален данок. Само од почетокот на годинава имаме почнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од речиси 160 милиони евра. Со засилена динамика и квалитативен пристап работиме на зголемување на бројот на компании во зоните. Со деловната клима што ја наметна оваа Влада покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот и на новите и на постојните странски инвеститори“, нагласи Деспотовски.
Соопшти дека веќе е завршена измената на упатството за оправдани инвестициски трошоци, која првпат е изработена од меѓународна ревизорска куќа и во соработка со компаниите, Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на напредно технолошки компании. Со ова се воведуваат јасни и прецизни правила на игра и заштитен механизам за државата и компаниите. Исто така, ТИРЗ ќе ја интензивира соработката со сите универзитети со цел отворање можности за пракса на студенти во компаниите за што веќе е потпишан и меморандум со УГД „Гоце Делчев“, Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.