Економија
Министерството за енергетика прифати амандмани поднесени од сите пратенички групи за Законот за енергетика

Предлог-законот за енергетика, како едно од најважните законски усогласувања со енергетската легислатива на ЕУ, го помина второто читање пред надлежните собраниски комисии за економски прашања, труд и енергетска политика и законодавно правната комисија. Во фазата на второто читање остана разгледување на текстот на Дополнетиот предлог на закон за енергетика на седница на Собрание, на која следи и постапка на донесување на законот и негово објавување во Службен весник.
„Како предлагачи на законот очекуваме истиот да биде донесен во текот на овој месец, со што во целост ќе се испочитуваат роковите за негово донесување од реформската агенда и обврските кон Европската енергетска заедница каде што сме членка. Станува збор за клучен закон кој отвора нови можности за пазарот и обезбедува фер услови за сите учесници –граѓаните, преку стопанството, до јавните институции. Ова е закон што ја носи Македонија чекор поблиску до европскиот енергетски пазар, но и ја зајакнува нашата внатрешна стабилност и отпорност“, изјави министерката Сања Божиновска.
Во текот на амандманската расправа беа прифатени 61 амандман (поднесени 71 амандман) од пратеници од сите пратенички групи. Крајната цел на Министерството е да се донесе усогласен и применлив закон во интерес на граѓаните и енергетскиот систем.
„Во амандманската расправа беа прифатени повеќе суштински амандмани, а како најзначајни ги издвојуваме амандманите кои се однесуваат на: задолжително воведување на складишта (батерии) за новите електроцентрали од варијабилен обновлив извор на енергија; воведување обврска инвеститорите да докажат дека имаат средства во износ од 100.000 евра на сметка или во основни средства при издавање на лиценца за вршење на енергетските дејности трговија и снабдување со електрична енергија; допрецизирани се одредбите за именување и разрешување на членовите на Регулаторната комисија за енергетика; исклучокот за друштвото кое врши дејност дистрибуција на гас да може да врши и дејности снабдување со гас, снабдување со гас со обврска за јавна услуга и снабдување со гас во краен случај, доколку има приклучени помалку од 100 000 потршувачи; делот за дополнителен приход за операторот на електродистрибутивниот систем кој го продава вишокот на електрична енергија за секоја продажба да има обврска да ја извести Регулаторната комисија за енергетика; во делот на одвоено сметководство додадена е обврска на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности во годишната сметка доставена до Централниот регистар одделно по шифра на дејност да го прикажат приходот од секоја енергетска дејност за која поседуваат лиценца; допишани се преодни одредби за постојните одлуки за сертификација за МЕПСО и НОМАГАС како и преодни одредби за вршителите на енергетски дејност кои за прв пат ги воведуваме како енергетски дејности со овој закон за кои е потребно лиценца за вршење на дејноста“, појаснуваат од Министерството.
Главните придобивки од новиот закон, според Министерството, се либерализиран, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, што ќе значи поголем избор и пофер цени за потрошувачите, воведување на паметни броила, што овозможува прецизно мерење на реалната потрошувачка на електрична енергија и увид на крајниот потрошувач во својата потрошувачка на електрична енергија на дневна основа; поддршка за нови концепти како граѓански енергетски заедници и модели на активно управување со побарувачката; зголемена пазарна ликвидност и пристап до повеќе извори на снабдување за стопанството и подеднаква можност за инвестиции на сите и инфраструктурна стабилност, преку инвестиции во системи за складирање и дигитализација на системите.
Во рамките на новопредложената енергетска реформа, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини согласно своите надлежности законски го реализира и преносот на сопственичката структура на друштвото оператор на електропреносниот систем МЕПСО, како дел од напорите за подобра контрола, координација и управување со преносната мрежа.
„Стабилен и професионално управуван преносен систем е предуслов за раст на обновливите извори и сигурно снабдување на домаќинствата и индустријата. Со оваа одлука, го јакнеме капацитетот на државата да одговори на предизвиците на енергетската транзиција“, додаде министерката Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.
Економија
Нова инвестиција на „Џагатај кабло“ вредна 6 милиони евра, најавени нови 200 вработувања

Турската компанија Џагатај Кабло која веќе подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1 ќе инвестира 6 милиони евра во проширување на своето производство со изградба на нов објект од околу 10 000 квадрати, што ќе донесе нови 200 вработувања.
Оваа нова фабрика која ќе биде двојно поголема од постоечката, според најавите на надлежните, освен што ќе отвори нови работни места, истата ќе донесе и нови технологии, што всушност се должи на подобрениот пристап од страна на новата влада.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.
По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро.
Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.