Економија
Стратешко созревање – каде сме и каде одиме? Лидерството и човечките ресурси главни постулати за економски раст и развој

Вториот панел од Самитот „Македонија 2025“ во фокусот ги имаше историјата на организацијата, скромните почетоци и големите чекори кои ги прави со една цел – градење на посилна нација!
„Ним не им треба претставување. Тие се врвни бизнис-лидери, патриоти со длабока посветеност и искрена страст за придонес кон напредокот на нашата татковина“, гласеше заедничкиот содржател со кој модераторот Боријан Борозанов го најави учеството на Мајк Зафировски, Џон Битов Јуниор и Живко Мукаетов на вториот панел на Самитот „Македонија 2025“ насловен „Стратешко созревање – каде сме и каде одиме?“
Зафировски ги лоцираше почетоците на идејата за организацијата во 2002 година, кога поранешниот претседател Борис Трајковски, а подоцна и Бранко Црвенковски упатуваат апел до македонската дијаспора за поддршка на државата. Џон Битов Сениор во 2006 година ја иницира идејата за формирање на организација во која ќе членуваат професионалци кои ќе работат на промовирање на економскиот развој на Македонија, изјавувајќи: „Оние што даваат ќе добијат за возврат сѐ додека даваат од сè срце“. Според Џон Битов Јуниор, една од поважните придобивки од оваа организација е Самитот кој од 2012 година се одржува во Македонија, а кој годинава во фокусот има брилијантни бизнис-приказни. „Напорната работа и интегритетот е она што треба да ги движи Македонците. Македонија е мала, но тоа треба да го сметаме за предност во поглед на мобилизацијата и шансите за успех“, изјави Битов.
Мукаетов, пак, како локален член со најдолг стаж во „Македонија 2025“, потенцираше дека најважното нешто кое го задржало сите 14 години од неговиот мандат е визионерското единство на членовите, нивната љубов кон татковината и огромната желба да придонесат за нејзин раст и развој. „Џон Битов Сениор го запознав во Торонто во 2012 година за време на мојата презентација пред Бордот на организацијата. Сè уште ги помнам неговиот оптимизам, желбата, волјата и посветеноста за просперитет на нашата земја. Воодушевен сум од ентузијазмот на Мајк, Џон и останатите, а фактот дека ‘Македонија 2025’ придонесува за моделирање на идната генерација македонски лидери, го сметам за додадена вредност на организацијата. За мене ’Македонија 2025’ е движење силно водено од визија, акција и заедничка љубов кон татковината“, истакна Мукаетов.
Лидерството и едукацијата oд страна на учесниците во салата беа посочени како двата главни постулати за економски раст и развој.
Посочувајќи го „Алкалоид“ како национален шампион на бизнис и економски план, Борозанов го побара рецептот за успех на „Алкалоид“:
„Накратко, тоа се стратешката дисциплина, континуираните инвестиции во квалитет, производствени капацитети, врвна технологија и во кадар, пред сè; усогласување и придржување кон строгите меѓународни стандарди, без никаква импровизација. Направивме диверзификација на пласманите за да ја намалиме зависноста од домашниот пазар и да поттикнеме одржлив раст. Со изградба на капацитетите за полусинтетски цефалоспорини, за кои во моментов сме водечки производител во Европа, изборот на Британската регулаторна агенција како референтна и дигитална трансформација, заедно со вложувањата во таленти и истражување и развој, успеавме да се иновираме, да се позиционираме на регулирани пазари и да растеме во динамична индустрија“, гласеше одговорот на Мукаетов.
Овогодинешниот самит „Македонија 2025“ во Скопје собра над 700 учесници од бизнис-заедницата, политиката и академската јавност. Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ е член на оваа think & do tank организација од декември 2011 година.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Изгласан новиот закон за енергетика

Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика.
Oд Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, законот го опишаа како стемски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со тоа, како што се додава, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:
„Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“
Законот е подготвуван во соработка со институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Новиот Закон за енергетика содржи зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка; поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите; отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.
Економија
Автоматски ќе има мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања

Ќе има автоматски мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања.
Ако до крајот на месецот се утврди дека има скок на цените откога престана да важи последната мерка за замрзнати маржи, ќе има нови мерки што ќе останат во сила многу подолго отколку досегашните. Премиерот Христијан Мицкоски засега нема информации за поскапени производи, но остава простор тоа да го утврди извештајот на Државниот пазарен инспекторат на крајот на овој месец.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки, немам информација дека тоа се случува. Но, доколку тоа се случи, на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годината. Јасно кажавме дека такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови во кои преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услуги, ПР-услуги и така натаму, а со тоа практично ќе се плаќа маржата што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас такви информации. Вознемирени сме од она што го слушаме и тоа не е добро затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче.
Маржите на 102 групи производи беа замрзнати до 30 април, а последните две недели има производи чии цени се зголемија и за 60 денари, како што се некои хигиенски производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши минатата недела рече дека таквите поскапувања треба да ги потврди Државниот пазарен инспекторат за да може да преземат мерки. И тој најави дека мерките ќе бидат поригорозни и за трговците, и за производителите, и за дистрибутерите.
Економија
Мицкоски најавува инвестициски бум од речиси 2 милијарди евра: ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира и железничкиот транспорт

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува планот за инфраструктурен бум што беше најавен за Македонија за 2025, изјави:
„Да, тоа ќе биде еден, би рекол, инфраструктурен бум, ако можам така да го наречам. Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Кога сето тоа ќе биде завршено ,граѓаните ќе патуваат и ќе може да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час во просек.
А карго-возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе може, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четирипати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго-превозот кшто ќе транзитира низ нашата држава туку да има и зголемен интерес за повеќе композиции, на кои, секако, поради побрзиот транзит, ќе им биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десетпати да се зголеми. Двапати по основ на интерес и четири-петпати по основ на брзина. Така што, во нето-износ тоа да биде најмалку десетпати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е на „Македонски железници“ годишниот приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така, инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции помеѓу 190 и 200 милиони евра или вкупно заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра.
Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“. Пред состанокот на извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме за стратегијата, пристапот и за начинот на кој тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од она што беше во минатото“.
Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10 и дали тој е дел од планот за раст.
„Дел од планот за раст, но и дел од најавената инвестиција што врз основа на договор на Влада со Влада ќе го потпишеме. Многу бргу, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор“.