Контакт

Истражувања

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

Влада: 30 милиони денари за здруженија и фондации за справување со корона кризата

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки...

Македонија13 часа

Не се планираат рестрикции од понеделник и покрај бројките на новозаболени

Не се планираат никакви рестриктивни мерки од понеделник и покрај големите бројки на новозаболени од коронавирус. Министерот за здравство Венко...

Македонија14 часа

Заболени 11 здравствени работници од ГОБ „8 Септември“

Единаесет здравствени работници од ГОБ „8 Септември“ се заболени од коронавирусот. Дополнително, новозаболени има и од Гинеколошко-акушерската клиника, соопшти министерот...

Македонија14 часа

Филипче: 90 отсто од новозаболените се асимптоматски, кластерите се под контрола

Ситуацијата е под контрола, убедува министерот за здравство Венко Филипче откако денеска земјава го достигна пикот според новозаразени. Тој не...

Македонија15 часа

Регистрирани 180 случаи на коронавирус, 109 се од Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1272 тестирања, а регистрирани се 180 нови случаи на...

Македонија16 часа

Петровска: Пронајдени се снимките од кафеаната каде што беше Мицкоски

Одземен е уредот за снимање од кафеаната каде што седел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога инспектори беа спречени да...

Македонија16 часа

Заев до Ахмети: Ако ДУИ условува со позицијата премиер, нема да биде дел од идната Влада

Доколку ДУИ има услов за коалиција за Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, порача на „Фејсбук“...

Македонија18 часа

Коронавирусот се врати во Дебар, заразена e жена која била во контакт и со медицински персонал

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, вели дека во градот се појавил еден нов случај на жител заразен со коорнавирус. Тој...

Свет19 часа

Босанец осомничен за напад на полицајци при немирите во Њујорк, се поврзува со тероризам

Џенан Камовиќ, Босанец кој живее во Америка, е осомничен дека повредил тројца полицајци во Њујорк. ФБИ сега истражува дали станува...

Топ20 часа

Паркиран камион се придвижил и удрил во две лица во Виница, жена почина на самото место

Во попладневните часови на 4 јуни кај стариот градски „Зелен пазар“ во Виница, претходно паркирано товарно возило „застава“ без регистарски...

Европа21 час

Регионална шпанска влада осудена за негрижа кон здравствените работници

Судот во провинцијата Арагон, на истокот на Шпанија, ја осуди регионалната власт затоа што не им обезбеди на лекарите заштитен...

Свет22 часа

(Видео) Илјадници луѓе на комеморацијата за убиениот Џорџ Флојд

Илјадници луѓе присуствуваа на комеморацијата за Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен за време на полициско апсење во Минеаполис. Меѓу...

Регион1 ден

Семејна трагедија во Дубровник: ја застрелал мајка си во главата, а болниот татко во градите

Десетици полицајци го блокираа хрватскиот град Дубровник при обид да го лоцираат 37-годишниот маж, кој ја застрелал мајка си во...

Регион1 ден

Нови 48 случаи на коронавирус во Србија, заразени 28 лица во старски дом во Нови Сад

Уште едно лице почина од коронавирус во Србија во последните 24 часа, а потврдени се и 48 нови случаи на...

Македонија1 ден

Велешкото Обвинителство отвори предмет по повикот на Агатангел за масовно одење во верските храмови

Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и...

Топ2 дена

Пријава за охриѓанец кој со лажна полициска палка запирал возила на патот Охрид – Кичево

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А. И. (44) од Охрид поради лажно претставување. На 15.3.2020, на социјалната мрежа „Фејсбук“,...

Македонија2 дена

Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на Љубе Бошкоски за случајот „Кампања“

Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, за случајот „Кампања“. Како што...

Македонија2 дена

Филипче: Епископот да го повлече повикот да се посетуваат верските храмови

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, одговорајќи на новинарско прашање за повикот на епископот верниците да ги посетуваат храмовите...

Македонија2 дена

Заев: Ако Мицкоски се грижеше за здравјето на граѓаните, немаше да ги крши мерките

Ако Мицкоски се грижеше за здравјето на граѓаните, немаше да ги крши здравствените мерки, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев,...

Регион2 дена

Во Словенија има само девет активни случаи на коронавирус

Во Словенија во последните 24 часа се тестирани 828 лица и не се потврдени нови случаи на коронавирус, објави словенечката...

Досие