Контакт

Истражувања

Печатите на ДИК никогаш не биле украдени, зошто Бонева измисли скандал?

Објавено пред

Во октомври лани, Силвана Бонева, членка на Државната изборна комисија (ДИК) од ВМРО ДПМНЕ прва го откри наводниот скандал дека недостасуваат печати во депото на комисијата сместено во касарната Илинден. Тоа се печати на кои е напишан бројот на гласачкото место, а се удираат на гласачките ливчиња. Тоа значи дека колку гласачки места има во одредена општина има толку и печати.

Членовите на власта во Изборната комисија на почетокот тврдеа дека недостасуваат сите 45 печати од гласачките места во Бутел. Потоа дека снемало и печати од Сопиште, Брвеница, Липково и уште неколку општини.

Иако со овој наводен скандал се крена фама во предизборието и се предизвика конфронтација меѓу членовите во ДИК, на релација опозиција- власта, сепак случајот останува незавршен и некомплетно истражен од институциите.

Со оглед дека оваа сторија ќе докаже дека печатите од ДИК воопшто не исчезнале, туку сето тоа било инстант измислица, логично е прашањето кому и зошто му требаше лагата со печатите и каков интерес кријат партиите од власта?

КОМИСИЈАТА ЗА ПОПИС ЈА ВОДЕЛ ВОЗАЧОТ НА СУБХИ ЈАКУПИ
Изборниот материјал, како и печатите на ДИК од сите избирачки места во сите општини се под воена заштита во касарната Илинден, во објектот кај армиските Ренџери. Таму безбедноста е голема- прво легитимираат и проверуваат на главниот влез, а потоа имало уште една контрола пред самиот објект во кој се сместувале материјалите, кутиите за гласање и печатите по завршување на изборите, се до наредните.

Извори од ДИК информираат дека од 2001-та до 2016-та таму неограничен пристап имало едно лице, Љупчо Стружанчев, одговорен за депото, инаку вработен во Собранието на РМ, кој на сите избори бил во помошното тело на ДИК задолжено за безбедноста на изборниот материјал. Тој имал и посебни овластувања и соработка со воената полиција, односно можност кога сака да влезе во магацинот со изборни материјали. Тој практично беше првиот и единствениот што настрада откако членовите на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ во ДИК искреираа лажна афера дека му недостасуваат печати.

По неколку месеци од завршување на изборите Макфакс истражуваше и преку вработени во ДИК ги пронајде извештајот на Комисијата формирана од ДИК која направила попис и наводно констатирала дека недостасуваат печатите, записниците за примопредавање на избирачкиот материјал и писмото кое Стружанчев го има испратено до претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Целата документација потврдува дека печатите не се украдени и се кај ДИК, но ако е така зошто ДИК, или истражните органи како Јавното обвинителство не покренат постапка за пласирањето на лажната афера и зошто не се утврди кому му беше неопходна промена на одговорната функција во депото, онаа на Струженчев?

Комисијата за попис во депото имала четворица членови, претседател бил Вели Абдија, возач на членот на ДИК, Субхи Јакупи, а други двајца биле вработени во ДИК со договор на дело. Нивниот увид во магацинот е направен без присуство на овластениот Струженчев. Откако избројале се што имале на увид членовите на комисијата за попис во извештајот утврдиле дека недостасуваат печати од неколку општини, некаде по еден до два, некаде сите комплет.

Е сега, како е можно комисијата да утврдила дека недостасуваат печатите, ДИК да расправа за тоа, Стружанчев да биде отстранет, а при тоа фактичката состојба укажува дека сепак печатите се тука? И пострашното- зошто ништо не се презема понатаму, дали против членовите на комисијата или против членовите на ДИК кои имаа став дека печатите се украдени и тоа го пласираа во јавноста?

ПЕЧАТИТЕ СЕ ВО ДИК, А ПОПИСНАТА КОМИСИЈА ГИ БАРАЛА ВО ДЕПОТО
Дали намерно или од незнаење Комисијата за попис самата направила грешки при броењето и при споредување на материјалите, доколку воопшто го правела тоа, а требала да го прави.

Имено, од општина Бутел навистина ги немало сите 45 печати колку што има гласачки места во оваа скопска општина. Тоа и го заклучила комисијата во извештајот. Но, ако сакала, а можела и требала, комисијата да го провери Записникот за примопредавање на избирачкиот материјал потпишан по завршување на претходните избори, оние во 2014-та. Во него се наведува дека општинската изборна комисија од Бутел на одговорното лице од депото на ДИК му доставува 110 гласачки кутии, но дека сите 45 печати се предадени во ДИК заедно со резултатите од гласањето.

На записникот, како потврда дека печатите се предадени во ДИК наместо во депото, се потпишани двајца членови на општинската изборна комисија. Ова значи дека комисијата за попис иницирана од Бонева и Јакупи требала да го има записникот на увид, а може и го имала, за да знае дека не може во извештајот да нотира дека недостасуваат печатите во Бутел, уште повеќе ако се знае дека записникот уште во 2014-та е предаден во ДИК.
Слично е и со печатите од општинската изборна комисија во Пласница.

Комисијата за попис утврдила дека сите девет печати недостасуваат, иако во Записникот за примопредавање јасно е нотирано дека по завршување на изборите во 2014-та изборната комисија во Пласница ги предала печатите во подрачното одделение на ДИК.

Ако и за ова ДИК била известена и знаела дека печатите се во кичевската комисија, а не во депото како и зошто дозволила Комисијата за попис товарот да го стави врз Стружанчев и тој да биде повлечен од одговорната функција во депото?

Понатаму, што се однесува до печатите од општина Липково, Комисијата за попис во извештајот запишала дека пронашла 30 и дека недостасуваат шест печати. Но, како е утврдена бројката од 30 не сака да зборува никој. Фактите покажуваат друго.

Имено, освен што печатите се бројат еден по еден, со секој печат се удира отисок на таканаречен контролен лист. Тоа го правела и комисијата. Во случајот со Липково на тој контролен лист удрени се сите 36 печати од самата Комисија за попис и сите 36 се од различно гласачко место. Тогаш зошто членовите на комисијата во извештајот запишале дека има 30, кога удриле печат со сите 36? Дополнително, од записникот за примопредавање на избирачките материјали јасно се гледа дека општинската изборна комисија за Липково предала во депото 88 гласачки кутии и 36 печати.

Комисијата во обид да докаже дека недостасуваат печати во депото запишала во извештајот дека еден печат недостасува во општина Сопиште. Но, и тука погрешиле или намерно измислиле за да се креира скандалот? Комисијата можела само да погледне во записникот за примопредавање на избирачките материјали за оваа општина и лесно да заклучи дека уште во 2014-тата, по завршување на изборите, е нотирано дека општинската изборна комисија во Сопиште предала 13 печати и дека 14-тиот, за гласачко место 2420, недостасува. Тој записник е доставен уште пред две години во ДИК што значи главната комисија знаеле дека е пријавен печатот што недостасува уште две години пред пописот и Комисијата за попис не смеела да евидентира дека е украден.

Недоследност во броењето или во штимањето на вкупниот број печати е направено и со печатите во Крива Паланка и во Гостивар. Имено, општинската комисија за Крива Паланка има 47 печати, но Комисијата за попис запишала дека еден недостасува и дека има 46, додека кај Гостивар иако има 121 избирачко место, пописната комисија навела во извештајот дека има 122 печати, еден повеќе. Проверката на документите покажува дека едниот помалку од Крива Паланка е удрен на контролниот лист за Гостивар, од избирачко место 0944 и така настанал пропустот. Но комсијата за попис не може да подготви извештај ако прави вакви технички грешки.

Според извештајот на пописната комисија вишок на печати се појавиле и во Ѓорче Петров па завеле дека се избројани 58, иако таа општина има 53 избирачки места. Ова останува целосно нејасно како е можно?

ВОЗАЧОТ СТАНА ЧУВАР НА ИЗБИРАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ
И така, намерните или ненамерните грешки на пописната комисија, членовите на власта во ДИК го искористија да пласираат лажна кражба на печатите во ДИК, особено упорна беше Бонева. Дали нејзината цел била само од таму да се отстрани долгогодишниот „чувар“ на изборниот материјал Љупчо Стружанчев, иако знаеле дека нема ниту кражба, ниту дека недостасуваат печати? Како и да е, на неговото место, после 15 години и промена на неколку претседатели на ДИК, за одоворен во депото беше поставен токму возачот на Јакупи, или претседателот на пописната комисија, Вели Абдија.

Освен одговорниот, во моментов Абдија, во тоа истурено тело на ДИК, задолжено за чување и складирање на избирачкиот материјал, како и негова дистрибуција до гласачките места, се ангажираат 30-тина лица, поголем дел од Собрание. Обично тие имаат ангажман месец до месец и половина, околу изборите. Ако власта знаела дека печатите се тука, дека аферата е намерно креирана, тогаш дали само смената на Стружанчев и поставувањето на Абдија била целта на скандалот? Оти друго не произлегува од овој случај како заклучок. Ако таму е поставен партиски човек од доверба тогаш мора да се провери, преку официјална истрага, кој е нивниот интерес, дали е финансиски или е битка за влијание?

Во обид да дознаеме повеќе зборувавме со Стружанчев кој очекува конечно надлжените органи како Јавното обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и воената полиција да се активираат и да откријат кому и за што му послужи лажната афера.

„Јас сум категоричен и ќе повторам дека сите печати се тука. Никој ниту упаднал во депото, ниту пак недостасува печат. За тие кои ги нема, ДИК знае уште многу одамна. Постои цела документација за избирачкиот материјал и јас се надевам дека нема да останам единствениот „виновник“ во случајот, туку дека ќе се открие зошто беше ова направено и по чиј налог.

Како капак на сè, или како потврда дека комисијата за попис ја утнала работата и измислила скандал е фактот дека ДИК не го прифаќа извештајот на Комисијата за попис, па дури се споменува дека треба да се спроведе нов. Членот на ДИК, Јакупи изјави дека не може да се сети дали извештајот на комисијата за попис е прифатен или не, но знае дека таа точка била тргната од јавна седница на ДИК и ставена да се расправа во работна група.

„Јас лично не сум вмешан во овој скандал. Знам дека Бонева беше упорна во пласирањето на информациите и дека таа се конфронтираше со членот Виолета Дума. Смената на Стружанчев е направена затоа што тој доаѓа од Собранието, а Абдија, новиот, е вработен во ДИК, па сметавме дека така е подобро и за нас како комисија, но и лично за Стружанчев за да ја нема на грб таквата одговорност. Ни на крај памет не ми било да го оцрнам него затоа што одамна имаме коректна соработка. Но ете, испадна дека тој е сменет, а целиот случај остана неразјаснет“ – коментира Јакупи.

Дали извештајот е прифатен и дали писмото на кое Стружанчев му го испратил на претседателот на ДИК, го има премислено Чичаковски да не покажува инетерес за случајот. Во писмото, според извори од ДИК, се наведува, освен фактите за печатите, дека пописната комисија во извештајот навела дека во просториите во касарната се чуваат и гласачки ливчиња од изборите во 2013-та, избори за кои Специјалното јавно обвинителство има отворено истрага, но тоа не може да е точно затоа што тогаш имаше локални избори, а тие материјали се чуваат во единиците на локалните самоуправи, а не во магацинот во касарната. Исто така пописната комисија навела дека има 73 кутии со избирачки списоци од парламентарните и претседателските избори во 2014-та, но не допишала дека се затворени со нумерирани сигурносни ленти.

Чичаковски, пак, изјави дека овој случај е практично затворен. Потврдува дека немало кражба на печатите, а смената на Стружанчев ја објаснува со потребите на Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство. „Нам ни е подобро магацинот во касарната да го управуваат вработени во ДИК, а не лица од надвор, како претходникот од Собрание затоа што вака нашите вработени ќе имаат овластување да постапуваат по наредби и барања на СЈО, доколку се појави потреба.

Многу прашања ќе останат неодговорени за овој наводен скандал затоа што тие што ги знаат одговорите сигурно знаат зошто беше неопходна промената на „чуварот“ на гласачкиот материјал. Но, тешко дека би признале. /крај/мф

Љубиша Арсиќ



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Објавено пред

Доколку и официјално се потврдат информациите дека поранешниот премиер Никола Груевски навистина е во бегство надвор од државата, како што беше објавено на неговата страница на „Фејсбук“, тој нема да го дочека обвинението за еден од најголемите случаи, „Талир“, за начинот на финансирањето на партијата.

Според истражувањето на „Макфакс“, од сите 69 имотни листови, кои сега се под мраз, партијата располага со делови од 90 куќи, 21 дуќан, 26 стана, 17 градежни земјишта, 15 деловни простории, 36 земјишта под зграда, 7 дворови, една нива, односно над 30 илјади квадратни метри имот во 28 града во земјата.

Замрзнувањето на имотот следуваше кога претседателот на партијата Мицкоски рече дека размислува да ја продаде или изнајми белата палата, а во меѓувреме партијата веќе продаде еден стан во Кисела Вода за 100.000 евра додека привршува истрагата на СЈО за еден од најобемните предмети, „Талир“, поврзан со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Бевме на повеќе локации каде што ВМРО-ДПМНЕ има имот во Скопје. Сите објекти беа под клуч, со искинати плакати од поранешниот лидер Никола Груевски, а очигледно беше дека таму одамна не се појавил никој.

„Макфакс“ истражуваше на кој начин ВМРО-ДПМНЕ го стекнала имотот за кој постојат сомнежи дека е купуван од црни пари, кои потоа преку уплатници за донации и членарини „легално“ легнувале на сметката, како и начинот на кој партијата ја изгради палатата „Христо Татарчев“.

Поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски, кој се бара со потерница, е првоосомничен во овој случај.

Прикажи повеќе...

Афера „Банки“

(Видео) Афера „Банки“ – Кичевец тврди дека го измамиле банка и локални моќници

Објавено пред

Во четвртата епизода од серијалот „Банки“ на „Макфакс“ ја објавуваме приказната на Мито Митановски од Кичево. Тој ја купил фирмата „Тане Целевски“, која била во стечај. Тоа се покажало како добра шанса за локални моќници да го изиграат Митановски. Тој под хипотека ги ставил сите погони и недвижности, но наместо да управува со парите од кредитот доделен од Комерцијална банка, парите завршиле на сметка на новоотворената фирма „Металика“.

Тој тврди дека имал закани и уцени да ги потпишува документите. „Металика“ не го враќала кредитот, но затоа правела анекси и го проширувала. Комерцијална банка ја активирала хипотеката и му го одзела целиот имот на Митановски.
Прикажи повеќе...

Истражувања

Градоначалникот на Охрид ги троши парите на граѓаните за медиумско внимание

Објавено пред

Општина Охрид и натаму истура милионски суми за реклами во медиумите. Милиони одвојува и за организирање концерти. „Макфакс“ дознава дека сегашниот градоначалник, Јован Стојановски, склучил нови договори вредни 2,4 милиони денари за рекламирање во текот на целата година, а за организирање на 5 концерти летово на организаторите им исплатил 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Исплатите и Стојановски, исто како и неговите претходници, ги врши од општинската сметка, која поради долгови е блокирана од 2005 година и дозволени се плаќања само за основно функционирање на Општината.

Стојановски, според досега склучените договори за соработка со медиуми, на локални радија, портали и телевизии месечно им исплаќа по 216 000 денари, односно годишно ќе исплати 2.430.000 денари или приближно 40 илјади евра. Договорите со медиумите се потпишуваат во континуитет, a Општината има и долгови кон нив. „Макфакс“ дознава дека Општина Охрид треба да доисплати 549.595,00 денари на ТВМ, локална телевизија која со години добивала најмногу пари од Општината.

Во август годинава Општина Охрид ја надминала месечната сума од 216 илјади денари и на медиумите им исплатила вкупно 496.532 денари. Сумата ја кренале неисплатени фактури од минатите месеци.

Медиум кој моментално добива најмногу јавни пари преку Општина Охрид е „Супер радио“, кое на месечно ниво добива по 54 000 денари, односно 648. 000 денари на годишно ниво. Телвизијата ТВМ е втор најплатен медиум и за шест месеци ќе земе 330.000 денари. На трето место е МХ радио кое за 12 месеци ќе земе 295.200 денари. Најмалку пари од Општина Охрид, односно по 4 000 денари месечно се одвојуваат за „Москито“.

„Потребно е на некој начин да бидеме присутни за тоа што сме го направиле и да бидеме поддршка за медиумите. Не пречи блокираната сметка. Секоја општина која има блокирана сметка има рамка одобрена од судот. Ние имаме 50 милиони месечно. Според договорот, медиумите објавуваат банер, текстови, пресови, сè што ние ќе испратиме како допис“, изјави градоначалникот Јован Стојаноски, кој нагласи дека рекламирањето не е луксузирање.

Ставот на ЗНМ за практиката на трошење јавни пари во медиуми за да се добие нивната наклонетост е чиста корупција и ја загрозува независноста на медиумите.

Со народни пари, пак, летово општина Охрид финансирала и 5 концерти, за кои на организаторите им исплатила 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Парите ги зеле два правни субјекта „БМЈ Медиа гроуп“ издавач на „1ТВ“, чиј сопственик е Бојан Јовановски, и „Самоорганизација букинг“ застапник на „Аволон продукција“, чиј сопственик е Бобан Милошески.

„БМЈ Медиа гроуп“, односно „1ТВ“ ги организираше концертите на Марија Шерифовиќ и на Северина за што Општината им платила 2 милиони денари. „1ТВ“ емитуваше и рекламни спотови, за кои службите на општината не кажаа колку средства се исплатени. Летово градоначалникот на Охрид, Стојановски, имаше низа гостувања во „1ТВ“ на кои се фалеше со реализираните проекти во Охрид. Сопственикот на телевизијата, Јовановски, вели дека гостувањата не се платени со парите што ги зел од Општината за концертите, туку станува збор за покана од страна на новинарите. За двата милиона што ги добиле, во рамки на организацијата на концертите, објавувале и рекламни спотови.

„Договорот е помеѓу ‘1ТВ’ и Општината. Се емитуваа рекламни спотови, се промовираше Општината, која беше покровител на двата концерта. Општината доби соодветен третман во ‘1ТВ’. Тоа е цел пакет. Ние побаравме поддршка од градоначалникот“, вели Бојан Јовановски, сопственик на „1ТВ“, чија фирма доби пари.

Втората продукција, за чии концерти биле дадени народни пари, била „Самоорганизација букинг“, односно „Аволон продукција“, која беше истражувана од Финансиската полиција поради долгови кон ЗАМП за авторски права. За концерти на пет имиња од светската ДЈ-сцена на фестивалот „Охрид колинг“, Стојаноски им дал 3.5 милиони денари. Оваа фирма доби и 100 000 евра од Министерството за култура по повод „25 години Авалон“.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 часа

Јанакиески: Немам намера да бегам, ја осудувам постапката на Груевски

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески го осудува бегството на експремиерот Никола Груевски. ,,Најостро го осудувам ваквиот чин...

Македонија12 часа

СЈО ќе бара притвори за обвинети, по бегството на Груевски

Специјалното јавно обвинителство од надлежниот суд ќе бара притвор како мерка за обезбедување  присуство за лица кои се обвинети во...

Македонија12 часа

Распишана меѓународна потерница за Груевски

Судот донел одлука за распишување меѓународна потерница за поранешниот премиер Никола Груевски, по информацијата дека тој се наоѓа во Унгарија....

Македонија13 часа

МВР потврди – Груевски е во Унгарија, побарал азил

Поранешниот премиер Никола Груевски е во Унгарија, каде што побарал азил, потврди Министерството за внатрешни работи. ,,По направените соодветни проверки,...

Македонија15 часа

Унгарската влада не потврдува дали Груевски бара азил во Будимпешта

Унгарската влада ниту потврдува ниту демантира дека бившиот премиер Никола Груевски бара азил во Унгарија. Во краткиот одговорот на прашањата...

Истражувања16 часа

(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Доколку и официјално се потврдат информациите дека поранешниот премиер Никола Груевски навистина е во бегство надвор од државата, како што...

Македонија16 часа

Кривичниот суд: СЈО ниту еднаш не побара притвор за Груевски

На обвинетиот Никола Груевски му се одзмени и личниот и дипломатскиот пасош и тие сè уште се наоѓаат во судот,...

Крвав четврток17 часа

Вељаноски до Мукоски: Човекот ми кажа дека од камерите кај вратите речиси и ништо не се гледа

На 28.4.2017 во 14.24 часот, поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, му испратил порака на Крсто Мукоски со содржина: „Човекот...

Македонија18 часа

Арсовски: Немаме контакт и информации каде е Никола Груевски

ВМРО-ДПМНЕ не знае дали Никола Груевски е во Будимпешта. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, рече дека не знае каде се...

Македонија18 часа

Груевски на „Фејсбук“: Јас сум во Будимпешта, побарав политички азил

Според статус објавен на официјалната фејсбук-страница на поранешниот премиер Никола Груевски, тој избегал во Будимпешта, каде што побарал азил од...

Крвав четврток19 часа

Албанец го известувал Чавков дека се спрема изгласување претседател на Собранието

Во пораките пронајдени од вештачењето на мобилниот телефон на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, пронајдена е вибер-комуникација, во која...

Македонија21 час

(Видео) Спасовски: Одговорноста барајте ја кај судиите

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека не размислува за оставка од функцијата по синоќешниот неуспешен обид на полицијата...

Свет21 час

(Видео) Хамас лансира над 400 ракети кон Израел во најжестокиот борбен судир од 2014 година

Палестинските милитанти утрово кон Израел лансираа најмногу ракети од конфликтот во 2014 година предизвикувајќи израелски воздушни напади врз телевизијата на...

Македонија21 час

Мијалков: Не знам каде е Груевски

Поранешниот директор на УБК и прв братучед на Никола Груевски, Сашо Мијалков, пред почетокот на денешното рочиште за случајот „Титаник...

Европа21 час

(Видео) 15-годишно девојче се бори за живот по сообраќајната несреќа на автобус во Лондон

Дваесет лица беа повредени, од кои едно лице доби тешки повреди во сообраќајната несреќа на еден автобус во лондонската област...

Свет22 часа

(Видео) Расте бројот на загинати во пожарот во Калифорнија

Пожарите што беснеат веќе неколку дена во Калифорнија беа прогласени за најсмртоносни во земајата и досега однесоа најмалку 42 човечки...

Македонија23 часа

СДСМ: Груевски го допре дното

Груевски го допре дното, но нема да побегне од одговорност, велат од СДСМ. Од партијата велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,...

Економија23 часа

Од денеска пониски цени на горивата

Од ноќеска на полноќ цената на бензините се намали 4 и 4,5 денари, а на дизелот 3 денари, соопшти Регулаторната...

Македонија24 часа

Мицкоски се сомнева дека власта не знае каде е Груевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сомнева дека власта не знае каде се крие неговиот претходник Никола Груевски кого полицијата...

Македонија1 ден

Јанушев: Груевски не се крие во седиштето на партијата

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во врска со потерата за експремиерот Никола Груевски, рече дека ова што се случува...

Досие