Контакт

Investigative story

Укинати парите за обнова, Универзална сала влезе во политички игри

Објавено пред

 

 

За Универзална сала или Јавна установа Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје, како што ѝ е официјалното име, веќе со децении нешто се чека за да почне обновата. Досега се чекаа проекти, идејни, главни, скапи, поевтини, а откако конечно избраниот проектот е готов, Универзална сала е пред нова пречка. Министерството за финансии со ребалансот ги укина парите за обновата предвидени во буџетот за 2017 година, па судбината на салата влезе во политички игри. Реконструкцијата се најавуваше за оваа есен, но кратењето на парите ги стопира сите постапки. „Макфакс“ дојде до фотографии од најновиот проект за обнова на Универзална сала, кои досега не се објавени.

„Во буџетот за 2017 година за Универзална сала биле предвидени 35 милиони денари. Од нив во првите четири месеци од годинава се потрошени 11.200.000 денари за потребите за проект за изградба на нов објект. Тие се веќе исплатени, а преостанатите пари се укинати оти Министерството за култура оценило дека се работи за проект што не е реализиран и не е во нивна надлежност “, велат од Министерството за финансии.

Од таму не добивме известување кому му биле исплатени средствата.

Релизацијата на новиот проект се очекува да чини 15 милиони евра

Последниот проект за обнова на салата лани го најави Министерството за култура во соработка со Град Скопје и со Универзална сала по одлука на Владата. На прес-конференција поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска рече дека Универзална сала нема да се урива за да се гради целосно нов објект, како што до тогаш се најавуваше, туку дека постојниот ќе се реконструира. По смената на власта, од Министерството за култура велат дека немаат изградено конечен став за тоа што ќе се случува со салата.

„Генерално, со ребалансот многу од обврските се укинати поради лошата кондиција на буџетот. За да изградиме став за идните чекори во врска со Универзална сала, сакаме да ги преиспитаме сите постапки, да утврдиме кои се финансиските обврски, дали проектот е одржлив и да видиме дали кореспондира со нашите обврски. Во зависност од овие анализи, ќе знаеме како да го направиме буџетот за 2018 година, кој е веќе во подготовка. Инаку, Универзална сала е целосно во надлежност на Град Скопје“, велат од Министерството за култура.

И Вера Бошковска, директорка на Конгресниот центар „Александар Македонски“, го посочува Град Скопје за решавање на иднината на објектот и вели дека е затечена од одлуката да се укинат парите за обнова на салата.

„Ние немаме ниту буџет ниту можност сами да ја обновиме салата. Проектот е веќе готов, но како ќе постапиме понатаму, ќе зависи од договорот со Град Скопје“, вели директорката Бошковска.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, смета дека Универзална сала е објект од национален интерес за кој средства треба да одвои Владата.

„Универзалната сала не е од интерес само на Град Скопје бидејќи е објект или институција низ кој поминале сите позначајни музичари, театарски уметници и слично. Токму затоа претходната влада пристапи кон активности за реконструкција на салата со оглед на тоа што таа е затворена и не е во функција веќе подолг период. Се изработи еден проект во форма на јајце, кој се покажа како многу скап. Бидејќи беше многу скап, Владата одлучи да се направи нов проект. Имаме и заклучок од Владата, извадок од седница од Владата, во кој се препорачува Конгресниот центар ‘Александар Македонски’ да пристапи кон реализација на новиот проект за Универзална сала. Тој нов проект е веќе направен и чини 12 милиони денари само проектот, без ДДВ, а вредноста за реализација на тој проект е околу 15 милиони евра, исто така без ДДВ. Ние од Владата, односно од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, имаме допис во кој се препорачува Конгресниот центар да почне со реализација на проектот ‘Универзална сала’ со тоа што во една од следните точки стои дека средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на Република Македонија и ќе бидат префрлени на Конгресниот центар во моментот кога ќе почне реализацијата или како што ќе стигнуваат ситуациите. Средствата беа предвидени во буџетот за 2017 година со оглед на тоа што проектот беше готов и требаше да се почне со реализација. Меѓутоа, за жал, со ребалансот и, покрај нашето инсистирање и укажувањето во Министерството за култура, средствата беа укинати. Веќе не постојат средства за реализација на овој проект. Јас би апелирал, би барал од министерот за култура, господинот Алаѓозовски, и од новата Влада на господинот Заев да ја преиспитаат својата одлука и градот Скопје да не го остават без Универзална сала бидејќи новиот проект сметаме дека е навистина реален проект кој може да се реализира“, вели градоначалникот Трајановски.

Одлуката од Влада која го обврзува Министерството за култура да ги планира и да ѝ ги исплаќа на Универзална сала средствата за реконструкција

Тој објаснува дека со последниот проект се задржува истата форма на Универзална сала, со тоа што од страната се додаваат неколку сали за разни намени, паркирањето е решено на две нивоа под земјата, и со овој проект, според него, салата ќе си го врати некогашниот сјај. Градоначалникот вели дека на Скопје му треба ваква сала оти сегашните се со капацитет од 600 до 800 седишта за разлика од 1.500 седишта превидени во проектот.

Доколку Владата не одвои средства за Универзална сала, градоначалникот Трајановски вели дека Град Скопје нема да може самостојно да ја финансира реконструкцијата.

„Град Скопје нема можност сам да ја финансира реконструкцијата на салата со оглед на тоа што се работи за 15 милиони евра без ДДВ, од еден аспект, од друг аспект ова е пренесена надлежност од централната на локалната власт со Законот за децентрализацијата. Капиталните инвестиции во пренесените надлежности се обврска на Владата на Република Македонија“, рече градоначалникот Трајановски.

 

Три проекти за обновата стојат во фиока

Последната реконструкција на Универзална сала, која била пуштена во употреба на 1 јануари 1966 година, според записите, била во 1978 година, за одржување конгрес на Комунистичката партија на Македонија. Од тогаш салата е нечепната, а обновата е само во планови.

За обновата на овој објект има три готови плана. Во 2008 година „Архангел бојс“ направи проект за реконструкција на објектот со кој требаше да се задржи нејзиниот автентичен изглед и да се надгради. Владата тогаш најавуваше дека се обезбедени 3 милиони евра за почеток на обновата која се најавуваше дека ќе чини околу 7 милиони евра, но планот остана само на хартија. Проектот беше актуелен сè до 2013 година кога Министерството за култура и Град Скопје соопштија дека анализа на состојбата на Универзална сала направила екипа од Градежен факултет, која утврдила дека сегашниот објект не може да издржи доградба и надградба. Тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, по анализата, на јавноста од пред Универзална сала ѝ соопшти дека ќе се прави нов објект за салата.

„Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството челична и бетонска конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години. Такви дополнителни количества арматура и бетон, според општите параметри, може да се постават на објекти стари до 50 години. Ако се оди со реконструкција, не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите се планира да бидат од 2.500 до 3000“, рече министерката Канческа-Милевска во 2013 година.

Проектот на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кои Универзална сала ја нацртаа во форма на јајце

Следуваше нов конкурс за идејно решение за сосема нив изглед на Универзална сала, на кој како најдобро беше избрано решението на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кои Универзална сала ја нацртаа во форма на јајце. Проектот ги подели мислењата на еснафот. Многумина уште кога беше презентиран проектот забележаа дека е неизводлив на истата локација и дека евентуална изведба би била прескапа. И покрај таквите забелешки, Министерството за култура на оглас побара фирма што ќе го изработи изведбениот проект. На првиот и на вториот оглас не се јави ниту една фирма, но во 2015 година на третиот оглас Министерството го избра Друштвото за планирање, градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Архи груп план“ за речиси 405.000 евра да го изработи основниот проект за салата во форма на јајце. Друштвото доби рок од осум месеци за изработка на проектот.

Но, по истекот на рокот, Министерството за култура и Град Скопје решија последниот проект да не се реализира оти е прескап. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, објасни дека за реализација на јајцето ќе требаат 60-65 милиони евра, па затоа од таму одлучија да се вратат на првиот проект од 2008 година од „Архангел бојс“, со кој се задржува сегашниот изглед на салата, со доградба и надградба, и за кој реализацијата би чинела околу 15 милиони евра, а безбедноста ќе се гарантира со зајакнување на челичната конструкција.

Лани Градежниот институт Македонија доби обврска да направи промени на стариот проект од 2008 година и да го приспособи на сегашните услови. Проектот е готов, во него е задржана препознатливата купола, предвидени се 200 седишта повеќе, надворешна застаклена галерија на две нивоа, а паркирањето е решено под земја во две нивоа.

За да почне да се реализира, требаше да се распише оглас за избор на фирма изведувач, но ребалансот на буџетот ги стопира сите активности.

 

Салата затворена за посетители по трибината на Зоран Заев

Универзална сала две и пол години е затворена за посетители. Последен настан во салата беше трибината на СДСМ на 10 март 2015 година кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев побара оставки од Владата, од јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководството на Македонската телевизија, а ја пушти и осмата бомба за изборни нерегуларности.

По трибината, кога салата се испразнила, се откорнало големо парче од таванот и паднало врз седиштата. Тоа беше причина салата да се затвори за посетители. За поправки на таванот не се размислуваше поради најавениот нов објект за салата, во тој период актуелен беше проектот во форма на јајце.

Во истиот период салата беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“, конгресните сали добија имиња „Гоце Делчев“, „Методија Андонов – Ченто“ и „Борис Сарафов“, а билатералните сали беа крстени „Панко Брашнаров“, „Кочо Рацин“, „Григор Прличев“, „Димитрие Чуповски“, „Крсте Петков-Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“.

Бугарскиот циркус, чија копија е Универзална сала, изгорел во 1983 година

Универзална сала е копија на бугарскиот државен циркус

По земјотресот од 1963 година, Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје донела одлука за изградба на сала во која ќе се организираат манифестации кога увидела дека градот има таква потреба. Монтажниот објект е купен од бугарската компанија „Техноекспортстрој“ во 1964 година со донација од 35 држави. Проектот за салата е на бугарските браќа Јарослав, Љубомир и Владимир Станкови и нивната сестра К. Станкова-Мутафова. Го направиле за бугарскиот државен циркус, кој бил изграден две години претходно, во 1962 година во Софија, но изгорел во 1983 година.

М.И.Пачемска

Investigative story

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Охридските „Градски гробишта“ се рекламирале за 1,1 милион денари народни пари

Објавено пред

Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.

Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.

Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.

Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ

„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.

Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.

Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.

Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.

„Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот на „Градски гробишта“, Ванчо Костоски

„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.

Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.

Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Обвинителството ги комплетираше документите за случајот со ексдиректорот на МНТ

Објавено пред

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и надлежен обвинител активно постапуваат по предметот за наводната злоупотреба и ненаменско трошење на средства во Македонскиот народен театар. Целата документација што ја побарале е на увид пред надлежните од обвинителство кои ќе одлучуваат дали има основа за оформување обвинение. На прашање на „Макфакс“ дали ОЈО ќе оформи случај од приложените документи,  тие велат дека случајот е во процесот на предистражна постапка, дејствијата се тајна  и во моментов нема да споделуваат детали.

Во овој случај има индиции за повеќе незаконски постапки што ги вршел поранешниот директор Дејан Пројковски. Минатата недела  инспекторите ги анализираа документите за јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски, во периодот од 2015 до 2017 година. Според документите,  постојат сериозни елементи на кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.

Полицијата постапи по пријавата од страна на Министерството за култура, а како што дознава „Макфакс“, уметничкиот директор само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.

Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.

Причината да се направи детален увид во работата на Пројковски бил големиот долг што го наследи актуелната директорка, Симона Угриновска.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Култура2 часа

(Галерија) Почна ,,Браќа Манаки” – Клаудија Кардинале продефилира на црвениот тепих

Со перформанс во режија на Срѓан Јаниќијевиќ беше отворен 39 интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. На...

Европа5 часа

Почна Октоберфест во Минхен, се очекуваат шест милиони посетители

Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтен го отвори 185. фестивал на пивото – Октоберфест, еден од најпознатите и најголемите фестивали во...

Македонија8 часа

(Видео) Шилегов: Од Лисиче до Центар со воз се стигнува за 4 минути, од таму продолжете со велосипед

Европската недела на мобилност 2018 во Скопје заврши со комбинирање на железнички и превоз со велосипед. Активисти од здружението „Прв...

Свет9 часа

(Видео) Над 20 мртви при вооружен напад за време на воена парада во Иран

Дваесет и четири лица се убиени, а 53 повредени во утринскиот напад на вооружени луѓе за време на воена парада...

Македонија10 часа

(Видео) Платите на хирурзите покачени за 5.300 денари, повисоки плати и во школите и во градинките

На вработените во градинките, училиштата и болниците септемвриската плата ќе им биде зголемена за пет отсто. Зголемената плата ќе им...

Македонија11 час

Следува период на пост-демократија во која главниот збор не е на избирачите, рече Иванов на предавање во САД

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во...

Топ12 часа

Холанѓанец пронајден мртов во вила во Трпејца

Во вила во охридското село Трпејца, во текот на вчерашниот ден починат бил пронајден 79-годишен Холанѓанец. Како што информираат од...

Македонија13 часа

(Видео) Макрон со обраќање до македонските граѓани: Ниеден договор не е совршен, но се работи за иднината на земјата

Францускиот претседател, Емануел Макрон, во пресрет на референдумот закажан за 30. септември преку видео-обраќање упати порака до македонсите граѓани, при...

Крвав четврток1 ден

Го извадив пиштолот и кажав стој полиција, сведочеше телохранителот на Оливер Спасовски за 27 април

Сашо Тасевски, директорот на БЈБ, телохранител на тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, доцна вечерва сведочеше во кривичниот суд...

Крвав четврток1 ден

Ги видов пратениците Мукоски и Василевски како ги вадат гредите од вратите на Собранието, сведочеше собраниски обебзбедувач

На продолжението од судењето за настаните од 27 април сведочеше собранискиот обезбедувач Владимир Стојков. Тој потврди дека кога чул врева,...

Македонија1 ден

Претепаниот скопјанец: Ме намести пријател, тие ме чекаа во заседа

Брутално претепаниот скопјанец за „Макфакс“ вели дека бил нападнат од познат лихвар во Скопје бидејќи зел на заем 200 евра,...

Топ1 ден

(Видео) Кавадарчанец прободел жена со нож во стомакот кога му рекла дека е бремена

Полицијата вчера уапси кавадарчанец во Струмица под сомнение за обид за убиство како и за повеќе кражби во станови во...

Македонија1 ден

Обвинителството ќе проверува дали е запоставувано детето во станот со пелени во „Скопјанка“

Основното јавно обвинителство Скопје ќе утврдува дали родителите го запоставиле детето коешто живее со бабата во станот во „Скопјанка“, којшто...

Македонија1 ден

Мухиќ: Владата не им објасни на граѓаните кои уставни промени ќе се случат по референдумот

Независниот пратеник Ферид Мухиќ не сакаше за ,,Макфакс” да каже дали ќе излезе на претстојниот референдум за промена на името,...

Македонија2 дена

Фрчат казни за адвокати во кривичниот суд, тројца казнети со 1000 евра

Поради неприсуство на тројца адвокати, Судот го одложи денешното рочиште за предметот на специјалното јавно обвинителство со кодно име „Топлик“....

Македонија2 дена

Се разболе обвинетиот Митко Пецов – Фатиме побара да биде приведен

Одложено е рочиштето за предметот ,,Насилство”. Обвинетиот Митко Пецов се разболел и не присуствуваше на седницата, обвинителката на СЈО Фатиме...

Македонија2 дена

Претепаното момче во Аеродром има потрес на мозокот и скршеници

Лицето кое вчера беше брутално претепано во Аеродром добило скршеници во пределот на носот и вилицата, имало исеченици по глава...

Македонија2 дена

Јавното обвинителство формираше комисија за следење на противправности во врска со референдумот

Јавниот обвинител на Република Македонија формираше комисија за следење на евентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30...

Свет2 дена

Повторно пукање во САД, петмина повредени, меѓу кои и дете

Пет лица се повредени, меѓу кои и осум годишно девојче во пукотници во Сиракуза, во државата Њујорк, соопшти полицијата. Инцидентот...

Македонија2 дена

1000 евра казна за вештак кој не дошол на судење за предмет на СЈО

1000 евра треба да плати вештакот Павлина Стојанова, а 2000 евра Друштвото за вештачење „Форензик експертс ДОО“ оти не се појавиле...

Досие