Контакт

Истражувања

(Видео) Државата ќе одзема имот за новиот клинички центар, во Злокуќани нема државно земјиште од 300 000 квадрати

Објавено пред

Приватни парцели, овоштарници и обработливо земјиште со мешана државно-приватна сопственост се појавуваат меѓу чисто државното земјиште во Злокуќани на кое треба да се гради новиот клинички центар. Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави за „Макфакс“ дека клиничкиот центар ќе се гради на 30 хектари, а не на целата локација од 85 хектари со намена здравство во Генералниот урбанистички план за Скопје.

dobivaj vesti na viber

„Се работи за 80-тина хектари, што е преголемо место на коешто би го сместиле клиничкиот центар иако планираме таму да се префрли и Медицинскиот факултет, но и да се направи центар за истражување за младите лекари и студентите по медицина, нешто што сега недостига, а сериозно влијае на нивото на експертиза што младите студенти и лекари го стекнуваат за време на едукацијата“, објасни министерот Филипче.

Тој вели дека e формирана работна група во која членуваат Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, Град Скопје, Општина Карпош и Катастар. Се работи на подготвителни работи на процедурата што треба да доведе до распишување барање за идеен проект.

„Во меѓувреме треба да се направат испитувања на земјиштето, треба да се утврди кој дел од земјиштето е чисто државен и дали е тој доволно голем за да биде сместен новиот клинички центар. Доаѓаат предвид и други постапки околу земјиштето, но генерално земјата е одредена со ГУП и се наоѓа многу блиску до психијатриската болница во Бардовци. Некаде околу 30 илјади квадратни метри. Кои се сопствениците на приватните парцели, не можеме да претпоставиме, но станува збор за земјиште коешто допрва ќе се работи, ќе се ажурира подлогата, ќе се прави анализа… Целта е овој клинички центар да се смести само на државно земјиште и затоа треба сите овие геодетски работи да завршат сега, во оваа фаза“, вели министерот Филипче.

Во Министерството за здравство се работи на новата локација за клинички центар од март годинава, но точна локација сè уште не е утврдена. Од јавно достапните податоци од Катастарот, „Макфакс“ направи мапа на државното земјиште на посочените 85 хектари во Злокуќани. Мапата покажа дека нема површина од 300 000 квадратни метри, односно 30 хектари, исклучиво државно земјиште.

Приватни парцели има насекаде, а има и парцели на кои државата ја дели сопственоста со приватници. Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, вели дека за целиот потег ќе подготвуваат нова урбанистичка документација и покрај тоа што за некои урбани блокови веќе имаат усвоено планови.

„На исток граничи со патот за Бардовци, на север граничи со пругата, на запад граничи со болницата за душевни болести Скопје во Бардовци и доле на југ граничи со контактната зона со ископините на Скупи. Тоа е предел од околу 85 хектари, мешано приватно и државно земјиште. Во овој дел има добар дел со детални урбанистички планови, меѓутоа сè уште не знаеме дали тие ќе бидат соодветни за проектот што се работи, затоа штом Министерството го има готов проектот, ние би ја изготвувале планската документација“, вели градоначалникот Богоев.

И тој потврди дека клиничкиот центар нема да се гради на целата површина од 85 хектари.

„Мислам дека постојниот комплекс на Водно зафаќа околу 25 хектари и тој е павилјонски систем, односно имате една клиника, па друга, па трета. Овде, колку што знам од министерот, целта е да има интегрирана зграда, во која ќе се најдат сите клиники, за да не се доаѓа во ситуација пациентот, народски кажано, да го возат со инвалидска количка или болнички кревет по улиците од една клиника до друга. Таму горе-доле истата површина би му била доволна на Министерството“, смета Богоев.

Новата локација за клиничкиот центар во моментов е безмалку непристапна. Министерот Филипче објасни дека се предвидени две нови сообраќајници кои ќе водат до центарот, едната од Карпош, а другата би била продолжение на булеварот Словенија. Министерството го има предвид и сегашниот пат за Бардовци, кој е во близина на локацијата, можно е да се направи железничка станица поради близината на пругата, а се планира и хелиодром. Иако беа најавени 420 милиони евра за изградбата, министерот Филипче вели дека сè уште немаат финансиска конструкција.

„Многу е тешко да се каже, делот за обесштетување на земјиштето го оставам на експертите, тоа не е во рамките на активностите на Министерството за здравство, а колку точно ќе чини, ќе се знае врз основа на анализата за потребни легла, така што не би навлегувал сега во финансиска конструкција. Тоа ќе зависи од податоците што ќе ги извлечеме од овие анализи, а врз основа на моменталниот број на легла и нивниот степен на искористеност“, рече министерот Филипче.

Од Министерството за финансии не одговорија на прашањата од „Макфакс“ дали се подготвуваат за експропријација на приватните парцели во Злокуќани на кои ќе се гради клиничкиот центар и по која цена државата ќе плаќа квадратен метар приватно земјиште. Министерот Филипче очекува за година и пол да завршат геолошките испитувања, да се решат сите работи со локалитетот Скупи, кој е во близина, и да се распише огласот за идеен проект. Министерот вели дека новиот клинички центар може да биде пуштен во употреба за пет до шест години.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 минути

Орце Ѓорѓиевски: Скопје е ослободено!

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја слави победата на денешните избори. Тој вели дека вечерва...

Македонија27 минути

ВЛЕН: Станавме втора политичка сила во државата, победивме во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Долнени

ВЛЕН е втора политичка сила во државата, објавија од коалицијата вечерва. Од таму соопштија во кои општини победиле нивните кандидати...

Македонија38 минути

Герасимовски: Центар што го сакаме е победнички и во сигурни раце

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, вечерва во изјава за медиумите потенцираше дека денеска...

Македонија1 час

(Видео) Победата на Орце Ѓорѓиевски се слави пред Белата палата

Победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски се слави пред Белата палата. Од обработени 97,69% досега,...

Македонија1 час

(Видео) Филипче: Покрај освоените три градоначалнички места во првиот круг, имаме победа уште во три

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на прес-конференција им честиташе на граѓаните за достоинственото гласање на вториот круг на изборите....

Македонија2 часа

Митески: Голема победа во Аеродром со 18 илјади гласа

Кандидатот за градоначалник на Аеродром, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески упати благодарност за можноста да ја води општината во...

Македонија2 часа

Тошковски ги оцени изборите како најмирни во последните години: Во цела држава имаше 30 пријави, во најголем дел наводите не беа потврдени

Денеска, како во првиот круг од локалните избори, можеме со гордост да констатираме дека и вториот круг помина во исклучително...

Македонија2 часа

(Видео) Левица: Во голем број од изборните места има мртва трка помеѓу двата кандидати за градоначалник на Скопје

Задоволни сме од излезноста во урбаните средини, исклучок се општините Чаир и Сарај, кадешто има неверојатно мала излезност, дури и...

Uncategorized2 часа

Нови првични резултати: Ѓорѓиевски води во Скопје, Герасимовски во Центар, во Карпош Лукровски

Според првичните резултати од вториот круг на локалните избори 2025, во Скопје води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски со над...

Македонија4 часа

До 18 и 30 часот гласале 45,71 отсто од гласачите, во Скопје излезноста е 33,82 отсто

До 18 и 30 часот гласале 45,71 отсто од гласачите, во Скопје излезноста е 33,82 отсто, соопшти Државната изборна комисија....

Македонија4 часа

Мицкоски: Ова е ден кога народот зборува

Денеска го исполнивме нашето демократско право, правото на глас, обврската што секој граѓанин ја носи со себе како дел од...

Македонија4 часа

Сиљановска-Давкова: Имавме европски избори

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денешните избори ги оцени како европски. „Имавме европски избори“, напиша таа на социјалните мрежи откако го оствари...

Топ8 часа

МВР со детали за смртта на 47-годишниот Ѓорѓиевски: бил пренесен во болница

МВР со детали за смртта на осуденикот Кире Ѓорѓиевски. Имено според полицијата, вчера во 09:30 часот во СВР Штип, од...

Топ9 часа

53-годишник почина по тепачка во Стар Дојран

Синоќа во 22:25 часот во село Сретеново, општина Дојран, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода В.Р.(55)...

Топ9 часа

Се соблекувал пред малолетнички и ги вознемирувал

31-годишник се соблекувал пред малолетнички информираат од полицијата. Имено, надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против 31-годишник...

Свет10 часа

Полицијата ги објави првите детали за напаѓачите од возот во Англија

Две лица сè уште се борат за живот по масовниот напад со нож во воз помеѓу Донкастер и Лондон вчера...

Македонија12 часа

Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена

Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во...

Свет14 часа

Трамп ѝ се закани на Нигерија со воена акција ако убиствата на христијаните не престанат

Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на нигериското раководство со можна воена интервенција, доколку, како што рече, владата продолжи...

Свет14 часа

Сведок за нападот во воз во Англија: Видов човек кој трчаше и ги предупредуваше другите дека е избоден

Полицијата во Кембриџшир соопшти дека вооружени полицајци пристигнале на местото на настанот откако добиле извештаи за напад во воз во...

Македонија15 часа

Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје

Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во...