Контакт

Култура

(Видео) Буџетот за културата проектиран според ковид-условите

Објавено пред

Министерката за култура, Ирена Стефоска, на прес-конференција на Владата го презентира предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура. Стефоска се осврна на приоритетите, проектите и на политиките на Министерството за култура за 2021 година и истакна дека покрај сите предизвици – заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети кои се проектирани и за следната година.

dobivaj vesti na viber

Предлог-буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари. Предлог-буџетот за култура во однос на целиот буџет на Република Северна Македонија е 1,23 процент, а во однос на буџетот за 2020 година е намален 10.000.000 денари.

Стефоска на прес-конференцијата информира дека изминативе неполни 3 месеци се решавале голем број предизвици, свесни дека се наоѓаме пред година што нема да биде помалку лесна од претходната.

„Затоа, работиме посветено за да креираме култура што ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека – буџетот за 2020 длабоко стапнал на чергата за 2021. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната од 2 причини: првата е – во мај годинава буџетот е скратен 30 %, и втората – затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности, како и прифаќање проекти по жалба, кои претходно биле одбиени“, истакна Стефоска. Министерката за култура појасни дека кога ја презела функцијата министерка за култура, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството што се прелевал од година на година.

„Веднаш го екипиравме одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија, чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа, исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста стапица, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017 во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, појасни Стефоска.

Таа истакна дека буџетот за 2021 е реален, приспособен на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од коронавирусот.

„Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик, чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме. Во изминатиот период од корона-кризата ресорот култура извлече повеќе искуства, кои, уверена сум, ќе ни помогнат и в година успешно да се справуваме со реалноста и да креираме содржини, кои, според протоколите, ќе ни овозможат континуитет“, рече министерката за култура. Стефоска појасни дека во предлог-буџетот за 2021 година се предвидени повеќе средства за: исплата на платите на вработените во установите од областа на културата во согласност со потпишаниот колективен договор за културата, предвидени се средства за нивелирање на платите на директорите на националните и локалните установи, а зголемување има кај ставката блок-дотации, каде што се предвидени повеќе средства за исплата на бруто-платите на вработените во локалните установи, кои се нивелирани поради примената на новиот колективен договор за културата, како и за платите на директорите на локалните установи. Предвидени се и средства во висина од пет милиони денари за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи, од кои голем дел се изградени пред 30 години.

Стефоска информира дека предлог-буџетот за 2021 година, со кој се предвидени средства за работа на Министерството за култура и за Управата за заштита на културното наследство, изнесува 240.283.000 денари, а од овие средства, 2 милиона денари, се предвидени за набавка на софтвер и хардвер за современо функционирање на Министерството за култура и за набавка на соодветна информатичка опрема.

На прес-конференцијата беше споделено дека во рамките на буџетот за културата од следната година се отвора нова програма – „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

„Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација на акведуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на акведуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели“, рече Стефоска и додаде дека зпочнува и санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи во државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази-бег.

Што се однесува до средствата за капитални проекти, министерката за култура информира дека за оваа намена се обезбедени 217.000.000 денари. Посочи дека планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за реализација на втората фаза на театарот и библиотека во Тетово, а со средствата во 2021 година би требало да се заврши театарот во Струмица.

„Во буџетот се обезбедени средства (6 милиони денари) за набавка на опрема за националните установи, а сметам дека од голема важност се и обезбедените 57 милиони денари насочени за санација. Така, во 2021 година се планирани реконструкциите на театарот во Куманово и на центрите за култура во Кочани и Гостивар“, истакна министерката за култура.

Осврнувајќи се на културата и на ЕУ-интеграциите, Стефоска рече дека предвидени се двојно повеќе средства за културата и евроинтеграциите. Таа информира дека финансиските средства обезбедуваат проекти поврзани со административна реорганизација на културните институции во согласност со принципите за јавна администрација на ЕУ; потоа средства за кофинансирање на сите одобрени проекти на македонските корисници од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на програмата „Креативна Европа“, како и воспоставување на европската агенда за Западен Балкан во областа на културата.

„Изразувам искрено уверување дека ова ќе придонесе кон поефикасно интегрирање и вмрежување на уметниците и културните работници од нашата земја со земјите од Европската Унија“, рече Стефоска. На прес-конференцијата беа споделени и заложбите на Министерството за култура за стимулирање на младите во сите сегменти.

„И во оваа пригода сакам да повторам дека поддржувајќи ги младите, Министерството не дискриминира по ниту еден основ, вклучително и по основ на возраст. Напротив. Ги охрабруваме сите, заедно, креативно, иновативно и со високо чувство на солидарност да го споделиме она што го имаме. Солидарноста им прилега на културните работници и на уметниците. Ковид не е изговор, Ковид е состојба која кај нас, покрај сето зло, остави и без работа 14.000 млади. А сега е нивното време. Младите најлесно ги прескокнуваат бариерите и нè носат на нови хоризонти“, истакна министерката за култура, Стефоска.

Култура

Иван Шопов со „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература за 2026 година

Објавено пред

Од

Иван Шопов со збирката раскази „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература.

dobivaj vesti na viber

„Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач“, стои во образложението на комисијата.

Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL), а годинашен македонски организатор е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ќе учествува во сите активности поврзани со номинацијата.

Европската награда за литература се доделува за прозна книга на автор во подем. Следејќи ги прецизните критериуми на ЕУ, жири комисијата во состав: Лидија Капушевска Дракулевска (универзитетски професор), Владимир Јанковски (писател и македонски кандидат за наградата во 2022), Александра Јуруковска (книжевен критичар) – како членови и Снежана Стојчевска – директор на ГБСК и претседател на комисијата, едногласно ја избра збирката раскази Зентрифуга од Иван Шопов, на издавачката куќа „Бегемот“, за македонски преставник за Европската награда за литература за 2026 година.

Според жирито „Зентрифуг“а се издвојува од останатите дела по книжевниот квалитет и зрелост во изразот, преку својата автентичност, оргиналност и изграден стил. Книгата има компактна, хомогена композиција од 75 микрофикции (мини раскази, куси прози) распределени во три циклуси од по 25 прозни записи. Таа плени со луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови, чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието. Овие места се извесен хронотоп, последени бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локални добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти.

Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. „Зентрифуга“ е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје – стои во образложението на комисијата.

Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Дел од расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки, грчки и на бугарски јазик. Преведува од англиски, српски, бугарски и хрватски јазик. На македонски превел книги од Емброуз Бирс, Марта Нусбаум, Мирослав Крлежа, Михаил Вешим, Асја Бакиќ, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен… Основач е на мобилниот културен центар КЦ 750, заедно со Владимир Лукаш.

Во изборот за македонски кандидат за наградата учествуваа 15 наслови од 15 автори од 8 издавачки куќи. Од нив покрај Зентрифуга на Шопов, во потесниот избор од три наслова влегоа и Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети (ИК Или Или) и И моќта ќе помине од Ирена Јурчева (ИК Три), а во поширок избор и книгите Потклек од Љупчо Петрески (ИК Бегемот) и Наназад од Стефан Алијевиќ (ИК Илика).

Според критериумите на ЕУ номинираниот автор треба да има објавено од 2 до 4 прозни книги и да нема повеќе од 4 преведени книги на странски јазици. Книгата не треба да биде постара од 18 месеци, да биде објавена од издавачка куќа, да е достапна во книжарниците и да е во согласност со европските вредности. Авторите кои веќе ја добиле наградата или биле во потесен избор не можат да бидат повторно номинирани. Оваа година во изборот за Европската награда влегуваат 14 земји: Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска.

Европската награда се доделува од 2009 година и досега во изборот учествувале околу 200 автори. Наградата ја промовира литературната разноликост и меѓу-културниот дијалог во Европа. Досегашни македонски добитници на EUPL се Гоце Смилевски за Сестрата на Зигмунд Фројд (2010), Лидија Димковска Резервен живот (2013), Ненад Јолдески Секој со своето езеро (2016) и Петар Андоновски Страв од варвари (2020).

Прогласувањето на годинашните добитници ќе се одржи на 29 мај во Музејот на современа уметност во Варшава. Победникот ќе добие 10.000 евра и издавање на два превода, додека двајца автори ќе добијат специјално признание, 5000 евра и објавување на еден превод. Во септември ќе биде промовирана и антологија со извадоци од сите номинирани книги преведени на англиски јазик. Преведените книги на добитниците ќе бидат промовирани во октомври на Саемот на книга во Франкфурт.

Прикажи повеќе...

Култура

Промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“

Објавено пред

Од

На 2 март (понеделник), во „Јуроп хаус“ во Скопје, од 19 часот, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“.

dobivaj vesti na viber

Овој е прв роман за деца и млади од авторката која важи за една од најпреведуваните домашни писателки и е добитничка на многубројни домашни и меѓународни награди, меѓу кои се и наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“ итн.

Значењето на овој роман во македонската книжевност ќе ни го доближат промоторките Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева, додека младите членови на актерската школа на Весна Петрушевска, која слави 30 години постоење, ќе го приредат изненадувањето за публиката и ќе го прикажат „Тринаесеттиот“ преку нивните очи.

Повеќеслоен, модерен и напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, „Тринаесеттиот“ се одвојува со својата иновативност и длабочина. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите преку одговори на прашањата поставени од авторката, создаваат еден нов однос со себеси.

Од Издавачкиот центар ТРИ, во чиешто издание е овој роман, ги покануваат и младите и возрасните на несекојдневен настан што ќе придонесе за отворање простор за нови разговори за важните прашања.

Оваа промоција е можност за читателите одблизу да се сретнат со Лидија Димковска, да слушнат повеќе за процесот на создавање на романот, да учествуваат во интерактивен разговор инспириран од темите што ги отвора делото, и да уживаат во одиграните сцени.

Настанот е отворен, а влезот е слободен.

Прикажи повеќе...

Култура

Концерт на Национален џез оркестар со Mike Holober

Објавено пред

Еден од најреномираните современи џез композитори и диригенти, Mike Holober, на 18 март ќе настапи со Национален џез оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентство на самиот автор.

dobivaj vesti na viber

Mike Holober е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект 𝑇ℎ𝑖𝑠 𝑅𝑜𝑐𝑘 𝑊𝑒’𝑟𝑒 𝑂𝑛: 𝐼𝑚𝑎𝑔𝑖𝑛𝑎𝑟𝑦 𝐿𝑒𝑡𝑡𝑒𝑟𝑠 е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Holober создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.

Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.

Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).

Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез оркестар, во изведба на Националниот џез оркестар и под диригенство на Mike Holober.

Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на MKTickets.

Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија44 минути

(Видео) 73,2% ученици пушачи не биле спречени да купат цигари поради возраста, ИЈЗ спроведе истражување на 7,8 и 9-одделенци  

Од 2002 година, откога се прават истражувања за пушење меѓу учениците, во 2024 година е забележан највисок процент на ученици...

Македонија2 часа

Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари

Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари....

Македонија3 часа

10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета...

Свет4 часа

(Фото) Епстин сакал да купи вила во земја без договор за екстрадиција со САД еден ден пред апсењето

Само еден ден пред апсењето во 2019 година, Џефри Епстин се обидел да купи вила вредна повеќе милиони долари во...

Економија4 часа

Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка

Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење...

Македонија5 часа

(Видео) Крмов: Премиере, ќе ја раскинете ли нелегалната концесија за Блатешница по 13 продолжени рокови

Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седница на пратенички прашања ја повика Владата да ја раскине концесијата за изградба на...

Регион5 часа

Тешка пневмонија комплицирана од хроничните болести на Дачиќ: „Шеќерот му беше 20“

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ (60) е во тешка состојба на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот...

Свет6 часа

Пакистанскиот премиер: Нема да има компромис во одбраната на нашата сакана татковина

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека вооружените сили на земјата „се целосно способни да ја скршат секоја агресивна намера“. „Нема...

Свет7 часа

(Видео) Експлозии во Кабул, Пакистан: Во отворена војна сме со Авганистан

Пакистан го бомбардираше авганистанскиот главен град Кабул и две други провинции преку ноќ, неколку часа откако Авганистанците го започнаа својот...

Свет7 часа

Гислен Максвел: Клинтон и Епстин се запознаа преку мене

Една фотографија го прикажува Бил Клинтон како плива ноќе со Гислен Максвел, британска личност од високото општество подоцна осудена за...

Европа7 часа

Зеленски: Не сум најдобриот татко поради војната, мојот избор е должност

Украинскиот претседател Володимир Зеленски проговори за личните предизвици со кои се соочува по годините војна, признавајќи дека неговите должности го...

Македонија17 часа

Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели...

Македонија23 часа

Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити

Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот...

Македонија24 часа

Мицкоски: Јас бев најнапаѓан човек од Артан Груби, на Прочка се креваа дронови над куќата на мојата сестра

На денешната седница за пратенички прашања претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше прашан за актуелната тема во јавноста со апсењето...

Македонија1 ден

Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа

Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи...

Македонија1 ден

Мицкоски до Филипче: Со тоа што ги напаѓате пензионерите, само потврдувате дека сте мекото ткиво на политичката сцена

Мене ми е жал што не ја научивте лекцијата, и удирате повторно по група на луѓе кои што за време...

Македонија1 ден

„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма

Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје. „Со нас...

Европа1 ден

Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се...

Македонија1 ден

ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?

„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со...

Регион1 ден

Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна....