Култура
В недела почнува Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес
Првото издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе се одржи од 4 до 10 септември на неколку локации во Велес, а публиката ќе може да проследи уникатни настапи на македонски артисти од разни жанрови и уметнички сфери.
Фестивалот почнува в недела, 4 септември, во Спомен-костурницата во Велес, со концерт на Енес Беговски на хенг драм, потоа следува театарско-музичкиот перформанс „Чекална 4“, во кој учествуваат Фаик Мефаилоски, Сашко Костов, Славчо Коцев, Андреа Мирческа и Петар Христов. Вечерта ќе ја заокружи настапот на дарк фолк-музичкиот состав „Перија“. Програмата на 4 септември е бесплатна и почнува од 20 часот.
Во претстојните денови концерти и арт-перформанси ќе имаат и: Сашко Костов, „Такси конзилиум“, Дина Јашари и другарите, „Летечки пекинезери”, „Едит поинтс“, „Бопхедс”, Шамба и театарот „Сенки и облаци“. Домаќини ќе бидат градската пивница „Паб“ и Театарот „Ј. Х. К. Џинот“ од Велес. Детаљната програма се наоѓа на следниот линк.
„Велешката публика важи за една од најерудираните кај нас, будно ги следи културните случувања и не испушта претстава во театар. Убедени сме дека овој фестивал ќе ѝ понуди едно поинакво уживање и ќе прерасне во традиција. Фестивалот на џез, ворлд и современа музика го создадовме тргнувајќи од фактот дека на Велес му недостигаат настани со поинаква уметничка вредност, случувања што со задоволство би ги посетувале самите ние. Сфативме дека не може само да сме жедни за културно квалитетна програма, тука дека треба самите да преземеме нешто. Идејата беше да направиме фестивал на кој би била пласирана квалитетна оригинална музика и да вклучиме и други видови уметност (видеопроекции, театарски перформанс, проекции на масло и вода). Главни виновници се Борче Пејчев, Славчо Коцев, Сашко Костов, Фаик Мефаилоски и многу драги пријатели кои помогнаа во организацијата на самиот фестивал“, изјавуваат од „Арт генератор“, кој е организатор на фестивалот.
Главен покровител на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика е Општина Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
