Контакт

Книги

Во продажба збирката „Метафора – поглед зад огледалата“ од Марко Трпески

Објавено пред

Збирката илустрации и поетски минијатури „Метафора – поглед зад огледалата“ од Марко Трпески веќе е во продажба.

dobivaj vesti na viber

Збирката е своевиден архетипски алманах и се занимава со вивисекција на аспектите што се кријат зад прагот над потсвеста, а истовремено имаат и симболични манифестации и интерпретации во подрачјето што го нарекуваме човекова реалност. А токму таа, човековата реалност, е ризница на конечни и бесконечни прашања, прашања чија генеза е длабоко врежана во тотемите на љубовта, смртта и понекое хибридно табу, кои „Метафора“ се труди да ги претстави и да ги илустрира на еден експериментален начин.

Оваа збирка има и амбивалентни ноти, па покрај тоа што е еден вид архетипски алманах, таа е и своевидна критика кон сето она што го носи како илустрација, критика за малите оправдувања и хипотетичка анализа како предговор за една подлабока филозофска дискусија, хипотеза што би требало да гласи: Дали на секоја грешка, во која и да е форма, ѝ претходи алиби, оправдување и токму затоа и се случува… или тоа е сепак оваа досега утврдена следственост, грешка, па оправдување?! „Метафора“ е збирка што си дозволува да погреши.

„Тука нема готови одговори што ќе ви ги разрешат мистериите, ова е сублимат на реалноста, на она што се случува во секојдневието онака како што е режирано од општеството и животот. Марко Трпески низ објективот на својата илустрација на креативен начин издвоил парченца живот што ја прикажуваат велелепноста на апсурдот (…). Неоптоварен од трендовите на сите современи техничко-технолошки достигнувања, Трпески избира визуелни мотиви што се поврзуваат со естетиката на разни периоди од минатото ставајќи ги во некаков надреалистичен контекст. Сепак, за реализација на овие дела тој го користи дигиталниот колаж како визуелен јазик, што е лесно достапен за публиката, а притоа претставува современ медиум на изразување. Токму со овој спој на естетика, која буди реминисценции на минатото и современите форми на изразување, тој сака да алудира на временската перспектива за постоењето на некои од човековите состојби“, пишува во рецензијата кон книгата уметникот Душан Пејчев.

Марко Трпески е графички дизајнер, илустратор и визуелен уметник од Скопје. Неколку години е дел од светот на издаваштвото како дизајнер на корици на книги и други визуелни проекти. Неуморен трагач по совршените состојки за создавање визуелни метафори. Човек што верува дека уметноста оди рака под рака со умешноста. Уметник што има трајна потреба да ја создаде својата мешавина од реалност. Непоправлив идеалист, кој ужива да си игра со симболи и метафори. „Метафора – поглед зад огледалата“ е неговата прва објавена книга.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија. Веќе е достапна за продажба во книжарниците на „Антолог“, „Полица“, „Или-или“ и „Култура“, а набргу и во електронската книжарница на „Купи книга“

Книги

МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Објавено пред

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.

dobivaj vesti na viber

Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).

Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).

Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.

Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).

Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).

Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).

 

Прикажи повеќе...

Книги

Промоција на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска

Објавено пред

Книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, ќе биде промовирана во среда, 10 април.

dobivaj vesti na viber

Настанот ќе се одржи во „Јавна соба“ во Скопје, во 18.30 часот, а промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски.

Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.

Ана Кубин, авторка на рецензијата на книгата вели дека нашата филмска традиција има поопсежна историја и несомнено можеме да ја сместиме во неколку епохи, но новото наше филмско творештво, до денес, повеќе од сигурно испиша нова историја, изроди ново филмско стебло, направи нов уметнички исчекор.

– Ете за тие факти зборува книгата на Ана, не заборавајќи да ја спомене и генетиката на македонскиот филмски уметник, или ако сакате повеќе, генезата на македонскиот филмаџија. Таа умешно ги проткајува споредбите на мак филмот со светските филмски уметнички дела, цитирајќи едни од најголемите светски и македонски филмски умови, паралелно прикажувајќи ја средината, состојбата и општествените прилики во кои се создавала светската наспроти македонската филмска креатива. Книгата во која на стотина страни е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот, до каде сме и каде сме се упатиле, имаме ли перспектива и што е она што треба да смениме за да напредуваме, оти во уметничка смисла, иако вака и вакви мали, ние имаме што да му понудиме на филмскиот свет, но и рамноправно да му парираме на светскиот филмски џет сет – пишува Кубин.

Промоцијата ќе биде проследена со коктел и музички настан.

Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.

Прикажи повеќе...

Книги

Фредерико Педреира: „Лекцијата на месечарот“ е фикција што ја потпирам врз ковчегот полн со сеќавања

Објавено пред

Неколку дена по одбележувањето на Денот на европските автори, издавачката куќа „Арс Ламина“ го промовираше последниот роман од проектот „Порта Европа“ – „Лекцијата на месечарот“ од португалскиот писател Фредерико Педреира. Во едицијата „Порта Европа“ застапени се македонски преводи на шест наслови од млади, но веќе етаблирани европски писатели – добитници на Европската награда за книжевност.

dobivaj vesti na viber

Книгата „Лекцијата на месечарот“, за која Педреира во 2021 година ја доби престижната наградата за книжевност, што ја доделува Европската унија, беше претставен пред македонската публика на онлајн-промоција, која може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. Во разговорот, покрај Педреира, се вклучија уредничката на книгата Бисера Бендевска и преведувачката од португалски јазик Весела Моловска.

Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, доби уникатен дизајн на корицата – дело на Катерина Соколова. Нејзиното идејно решение беше избрано за победничко на конкурсот за млади дизајнери во рамките на проектот „Порта Европа“.

Уредничката Бендевска истакна дека „Лекцијата на месечарот“ е раскошен билдунгсроман со автобиографски примеси, во кој во прво лице нараторот ни ја раскажува неговата трансформација од младо момче до зрел книжевник.
– Овој пристап, во прв момент, може да нè потсети на Џојсовиот „Портрет на уметникот во младоста“. Но, за разлика од класикот на Џејмс Џојс, сепак овој роман има своја оригинална структура. Во основата, овој роман се занимава со минатото и со носталгијата по детството на начин што е најблизок до Прустовиот амблематичен циклус од романи, „Во потрага по загубеното време“. Како што неименуваниот наратор во Прустовиот роман го става во погон дејството, премотувајќи го времето наназад, благодарение на мадлените што ги потопува во чајот, така неименуваниот наратор во романот на Педреира се враќа во своите детски денови во митската „зелена куќа“ на неговите баба и дедо, каде што постојано појадува потпечени торади со путер. Овој роман е составен од девет поглавја што немаат природен редослед, туку се фокусираат на раштркани сеќавања од минатото и не зависат едни од други во текот на дејството. Мноштвото ликови постојат единствено низ гласот на нараторот кој ги опишува и не комуницираат меѓу себе. Токму ова отсуство на дијалог и интеракција помеѓу гласовите (ликовите) ја претвора нарацијата во документ што е посличен на фикциска автобиографија, отколку роман на доживувања – рече уредничката.

Писателот Фредерико Педреира изјави дека „Лекцијата на месечарот“ е автобиографска фикција.
– Всушност, не би ни можел да пишувам нешто, без да има автобиографска основа. Потребно ми е секогаш да тргнам од некаква приказна од мојот живот. Потребно ми е да почувствувам дека е вистинито, за да имам основа преку која ќе можам да ја проектирам својата имагинација. Но, оваа имагинација е секогаш заснована на меморијата, бидејќи таа е секогаш нарушување на реалноста, а процесот на меморијата секогаш вклучува реконструкција, па и јас работам од тој аспект. Има многу добри автори во полето на имагинацијата, но мене, бидејќи ми недостига онаа чисто фиктивна имагинација, мојот првичен гест е да се потпрам секогаш врз ковчегот полн со меморија – рече Педреира.

Начинот на којшто пишува авторот може да се спореди со стилот на писателите во 19 и 20 век: со долги и сложени реченици, со многу апозиции, стилски фигури, длабока филозофија. Педреира вели дека тоа, меѓу другото, е своевиден пркос кон инстант-литературата на денешното време.

– Секогаш постои пркосот за тоа што се произведува денес. Една моја страна го сака сето она што е дамнешно, особено онаа литература што е направена кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, како што може да се види во романот. Многу ми се допаѓаат Пруст и Џојс. Влијанието на Пруст тука е многу присутно и го признавам тоа уште во првите страници. Има една моја страна што сака да биде субверзивна, а во исто време и конзервативна, така што се обидувам да ја препознам големата традиција на еден детерминиран уметнички израз и да го манифестирам во тоа што го пишувам како мој долг кон големите мајстори… Не трагам секогаш по новитети во библиотеките и во тоа што го читам. Гледам дека луѓето имаат постојана потреба за нешто ново. Понекогаш дури и мислам, „ах, сè уште ми фали да ја прочитам онаа книга од Балзак или од Томас Ман, па дури и некои португалски автори, славни романсиери кои речиси се заборавени“. Така што, има еден конзервативен дел во мене, за кој верувам дека е малку субверзивен, анархистички во однос на изборот – рече тој.

Со оглед на очигледните и не толку очигледните референции на капитални дела и писатели од 20 век, „Лекцијата на месечарот“ е своевиден омаж кон Пруст, Џојс, Борхес и Песоа.

– Библиотеката на дедото на протагонистот е ветување за бесконечноста, ветување за бесконечна ментална забава. И на еден одреден начин, сето тоа што го пишувам е повеќе или помалку обид да им дадам омаж на авторите кои веќе не се тука, но оставиле наследство што ме натерало да пишувам. Затоа јас секогаш мислам дека им должам на овие гласови. Но, дури и така, не пишувам само за мртвите. Има автори од мојата генерација и постари кои многу ги почитувам и исто така пишувам и за нив, односно сакам да им надоместам за тоа што како читател ми го дале и што ме инспирирале во пишувањето… Во книгата исто така се концентрирам и на јазикот што го користи бабата на протагонистот, што функционира како своевидна карикатура. Така што мене не ме интересира да стигнам до некаква вистина или некаква реална вистина кажана од ликот, туку ме интересира карикатурата, изразот, што може да биде и лицето на еден одреден карактер. Јазикот понекогаш покажува многу повеќе за нас, односно начинот, формата преку која го користиме јазикот, покажува многу повеќе за нас отколку манифестациите со кои кажувам кој сум или други ми кажуваат кои се, така што формата со која го користиме јазикот во оваа смисла е регулативна. Затоа во моите романи нема силно изразен заплет, туку тоа се исечоци, мали импресии што останале врежани и кои сакам да ги истражувам – рече тој на крајот.

Фредерико Педреира е роден во 1983 година во Лисабон. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што се здобива со магистерска диплома на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на Универзитетот во Лисабон. Работи неколку професии: новинар, преведувач и книжар. Има објавено десетина книги: шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Преведува дела од Јејтс, Луиз Глик, Честертон, Орвел, Дикенс, Свифт, Велс, Харди, Банвил и Вирџинија Вулф. Во 2021 година ја добива книжевната награда на Европската унија за романот „Лекцијата на месечарот“. Неговото поле на интерес вклучува философија на јазикот, книжевна критика, скептицизам, перцепција, филозофите Лудвиг Витгенштајн и Стенли Кавел и критичарот на уметноста Мајкл Фрид. Има живеено во Италија и во Франција.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија во извештајот на Европската комисија

Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија изразува Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај за владеење на правото....

Македонија3 часа

(Видео) Горат плевна и три куќи во Ново Село во близина на бензинска станица, ЦУК испрати два хеликоптера за гасење

Силен пожар попладнево изби во плевна на куќа во општина Ново Село кој потоа брзо се прошири на соседните три...

Топ3 часа

Разрешен директорот на затворот во Шуто Оризари, на негово место доаѓа Бобан Утковски

Владата го разреши Филип Андов кој досега директоруваше со Затворот Скопје во Шуто Оризари. Од Владата велат дека разрешувањето е по констатираните...

Македонија4 часа

Владата донесе одлука за вработувања на 600 специјализанти во болниците

Владата на седница усвои информација за вработувања на 600 приватни специјализанти кои ќе работат во Јавните здравствени установи во државата....

Македонија9 часа

Тошковски: Ова што се случува во затворите е срам за Македонија, не може затвореник што наводно е во затвор да предизвика сообраќајна незгода

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека во иднина нема да има недопирливи, без оглед на политичката или социјалната...

Топ11 часа

Битолчанец со месеци силувал 18-годишна девојка, ја уценувал со објава на интимни фотографии

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 25-годишник осомничен за кривично дело полов напад и силување од член 186 став...

Македонија11 часа

Во бегство 36-годишникот осомничен за обид за убиство на градоначалникот на Арачиново

Поради основано сомнение за кривично дело убиство oд член 123 став 2 точка 3, а во врска со член 19...

Македонија12 часа

Во овој момент немаме потреба од странска помош, успешно се справуваме со досегашните пожари, посочи Ангелов

„Потребна ни е длабока реформа на целиот систем на Центарот за управување со кризи за да се гаснат пожарите побргу...

Регион13 часа

Ден на жалост во Дарувар: на убиецот му се заканува максимална казна затвор од 50 години

Шест лица загинаа во Домот за стари и изнемоштени лица во Дарувар. На убиецот од Дарувар му се заканува максимална...

Регион13 часа

Силен земјотрес среде ноќ ја погоди Албанија: почувствуван во Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина

Силен земјотрес  ја погоди областа во Јадранското Море кај Албанија. Земјотресот со јачина од 4,6 степени се случи на 48...

Свет13 часа

Макрон одбива да назначи премиер договорен од левицата

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека владата во заминување ќе остане на функција до средината на август додека Франција е...

Свет13 часа

Јапонија испрати протест до Русија поради санкционирањето 13 јапонски бизнисмени

Јапонија денеска упати протест до Русија бидејќи воведе санкции и го ограничи влезот на 13 јапонски бизнисмени, меѓу кои и...

Регион13 часа

Две бебиња испаднале од количка во Белград, пренесени на Ургентниот центар

Две бебиња синоќа биле пренесени на Ургентниот центар поради пад додека се возеле во количка, соопшти белградската итната помош. Како...

Македонија1 ден

Собранието ги изгласа замениците-министри: Зоран Димитровски во МНР, Марјан Ристески во Економија, Астрит Исеини во МВР

Собранието попладнево на седница ги изгласа замениците министри на Владата. За гласаа 76 пратеници, додека 16 беа против. Воздржани немаше,...

Македонија1 ден

(Видео) Скршени двете раце на командирот на штипската пожарна: Пропаднав во дупка, изгубив контрола и почнав да паѓам

При гаснење на пожарот во старата штипска депонија, брзајќи да спречи проширување на огнот преку тревата кон блиската борова шума,...

Македонија1 ден

Тошковски тврди дека не крие имот, Јанушев вели дека не постои никакво подарено земјиште туку имало погрешно внесени податоци

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев тврдат дека не кријат имот, по обвинувањата...

Македонија1 ден

(Видео) „Немојте да го разочарате народот“ – За Мицкоски заменик-министрите се нови лица во политиката, кои може да донесат нова енергија

Наследивме опљачкана држава, но ќе победиме и ќе донесеме подобри денови за граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски, еден месец по...

Свет1 ден

„Те следам, малечка“: првата порака на Бајден до Камала Харис по повлекувањето од кампањата

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на Камала Харис преку конференциски повик за време на нејзиниот состанок со персоналот...

Топ1 ден

Џип со странски таблички усмрти велосипедист во Тетово, возачот побегнал

Шеесет и седумгодишен маж од Џепчиште, кој управувал велосипед, загина кога во него се забил џип со швајцарски регистерски ознаки...

Македонија1 ден

(Видео) Кузеска: Панче Тошковски и Игор Јанушев имаат станови во поклонетиот имот на Јанушев

Скандалот со подарокот од 325.000 евра за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев добива нови димензии, истакна на денешната прес-конференција...