Култура
„Гола месечина“ 12. пат во Аеродром од 10 до 13 септември
Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, традиционално по 12-ти пат ќе се оджи од утре, 10 септември (среда) до 13 септември (сабота), во паркот Авионче во Општина Аеродром.
На првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.
На 11 септември (четврток) ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.
На 12 септември (петок) на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
На 13 септември (сабота) ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од Театар Керекеш – Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња.
Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од придружната програма, ќе настапи Бојан Велевски со својот стендап-настап.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
Претставите почнуваат од 20 часот, а влезот е бесплатен за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Макавеј“ го објави новиот роман „Волкот“ од Константин Дораковски
Издавачката куќа „Макавеј“ го претставува романот „Волкот“ од современиот македонски автор Константин Дораковски – дело во кое писателот се оддалечува од широките општествени и историски теми и длабоко навлегува во индивидуалната човечка психа. Дораковски ја отвора вечната дилема за природата на доброто и злото во човекот, градејќи ја приказната околу ликот Велјан, млад човек чија внатрешна борба меѓу светлината и темнината прераснува во драматична, болна и мошне емотивна лична одисеја.
Романот го следи Велјан од неговото детство обележано со загуба и тишина, преку младоста исполнета со чувствителност, неправда и копнеж, па сè до моментот кога неговиот карактер се крши под товарот на низа животни удари. Паралелно со реалната приказна, авторот мајсторски ја вметнува алегориската линија на „штркот“ и „волкот“ – двете спротивставени сили што ги симболизираат добрината и злото во човековата природа. „Волкот“ е роман во кој секоја страница го поттикнува читателот да се праша: што нè оформува – љубовта, болката или изборите што ги правиме?
„Ги покануваме читателите да го откријат овој возбудлив и продлабочен прозен свет. Како завршува приказната на Велјан останува на читателот самиот да го доживее и протолкува – без да откриеме повеќе, ќе кажеме само дека финалето на романот носи силен емоционален удар и отвора простор за длабоко размислување“, изјави уредникот на изданието Владимир Цветкоски.
Култура
Изложба на Сашо Алушевски во Скопје: „На мајката земја – шума“ го истражува односот меѓу фотографијата и природата
В среда, 3 декември, од 18 часот, авторот Сашо Алушевски ќе постави изложба од циклусот „На мајката земја – шума“ во мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје.
Поставката „На мајката земја“ го истражува односот меѓу фотографијата и материјалната природа/реалност/нашите доживувања третирајќи ја фотографската слика како симулакрум – визуелен знак што не ја претставува природата директно, туку нејзините кодови и траги. Потпирајќи се врз Платоновата разлика меѓу идеја, имитација и сенка, изложбата укажува дека уметничката практика не може да го реплицира светот, туку само сопствените граници и јазикот.
Преку суптилна деконструкција на лисја, земја, камен и вода, сликите ја расплетуваат врската меѓу визуелното и физичкото. Материјата се претвора во знак, а фотографијата – иако фиксирана – упорно одбива да биде статична. Таа сведочи за својата ограниченост нудејќи простор во кој претставата и реалноста се разидуваат.
Овој јаз меѓу сликата и природата ја носи и главната порака: ниедна визуелна репрезентација не може да го замени директното, органско доживување на природата. Мирисот на мов, текстурата на кората, здивот на шумата – без соработка со идеалниот гледач – остануваат искуства што фотографијата само ги навестува, но не ги поседува.
Поставката ја преиспитува нашата перцепција: Дали сликите се надвор од нас – или во нас? Каде завршува сопствената проекција, а каде почнува реалното?
Во реализацијата се користени природни материјали и повеќе аналогни фотографски техники: цијанотипија, Ван Дајк, гумотипија и гумомаслена техника, колодиум, мордансаж и лумен-процеси.
Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.

