Култура
Големо чествување на делото на Раде Силјан во Хрватска
Униврзитетски професори, академици, хрватски македонисти, писатели, дипломати, уметници, новинари, студенти, ученици и членови на македонската заедница, во Загреб, заеднички, на највисоко ниво го чествуваа делото на еден од најзначајните македонски и јужнословенски поети на денешницата, Раде Силјан. Салата на централната загрепска библиотека „Богдан Огризовиќ“, вчера, на денот кога пред 86 години е објавена Рациновата „Бели мугри“, беше исполнета до последното место за одбележување два значајни јубилеја за Силјан и за македонската книжевност и култура, но и за македонската држава – 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Третиот лик на времето“. Настанот се одржа под покровителство на хрватското Министерство за наука, образование и млади, а во организација на МКД „Охридски бисер“ во соработка со градските библиотеки и читалници од Загреб, како централно чествување во рамките на манифестација „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“.
Чествувањето го отвори раководителката на загрепската библиотека „Богдан Огризовиќ“, една од главните двигателки на културниот живот во Загреб, Јасна Ковачевиќ, притоа нагласувајќи ја значајноста на манифестацијата и посочувајќи го Силјан како најистакнат меѓу канонските македонски поети со активен опус, со творештво што е значаен дел и од јужнословенската книжевност. Присутните, од името на македонската држава ги поздрави амбасадорот, Н.Е. Драган Ѓурчевски, а од името на хрватскиот ПЕН-Центар и на Хрватското друштво на писатели се обрати поетот, писател и книжевен критичар, Иван Херцег, директор на меѓународниот фестивал „Стихот во регионот“. Жељка Ненадиќ од Секторот за образование на јазикот и писмото на националните малцинства при Управата за националните малцинства во Република Хрватска, како претставник на хрватските институции изрази задоволство што под хрватско институционално покровителство се одржува настан од ваков формат, искажувајќи подготвеност за натамошна поддршка за афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и култура во Хрватска. За поезијата на Раде Силјан говореа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а модераторка на настанот беше професорката Ивана Брезовец, којашто е и координаторка на манифестацијата.
– Го читаме Силјан и се прашуваме од каде тој медитеранизам кај омеѓениот со планини демирхисарец? Дали можеби и кај кај него, тој е производ на она силно пекање по морето кое историски и географски сме го изгубиле, а на што укажаа и Блаже Конески, но и Предраг Матвеевиќ во својата книга „Медитерански бревијар“? Дали тој е и производ на пекањето по сонцето кое навестува трагедии, по црното сонце и црвено-црниот вез што ги читаме и кај Конески, Шопов, Андреевски? Во неговата поезија се чита и едно современо и севремено тажење/тагување и тихување над сите болки, над сите болести и сите таги и сите премрежја на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај и ова негово современо тажење се надоврзува на сите тажачки што ги испеа Петре М. Андреевски. На ова Силјаново пеење-тажење се надоврзува и неговата песна за и на последниот македонски гуслар. Од секогаш ме мачела мислата зошто Раде Силјан со таков пиетет го зема гусларот за свое поетово “јас”?, истакна меѓу другото универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.
Надоврзувајќи се, Иван Антоновски одделно се осврна на доминантите во поезијата на Силјан, читајќи ја и како поетска историја на неговата и нашата некогашна и актуелна сегашност – историја на македонствувањето.
– Меѓу македонските поети родени околу 1950 година коишто супериорно го претставуваат македонскиот поетски модернизам, но и воопшто меѓу промислувачите на смислата на постоењето преку стих коишто зачекорија во македонскиот културен простор од седумдесеттите години на минатиот век наваму, Раде Силјан се издвојува како единствен што остана дотолку доследен на определбата секоја негова песна да е промислување на суштината на времето што го живее, чувствува и мисли. Во исто време, мисловно-филозофски задуман за своето и нашето постоење и опстојување, заради што во неговата поетика, неслучајно критиката препозна и посебен вид македонска песна. Современ поет на македонската темпоралност, кој повеќе од половина век пее за времето сегашно, ама и за односот кон времето минато и времето идно. Канонски автор, стожерник на македонската книжевна стварност во последните неколку децении – еден од оние што имаат остварено најголем влог во вредносната вертикала на македонската поезија воопшто, издвои меѓу другото Антоновски.
Во салата на централната загрепска библиотека, стихови на Раде Силјан одекнаа на македонски и во препев на хрватски јазик од Борислав Павловски, а меѓу присутните беа и неговите наследници на Филозофскиот факултет во Загреб – професорите Ивица Баковиќ и Борјана Прошев-Оливер. Пред присутните, со благодарност и убав македонски збор се обрати и Силјан, поздравен со громогласен аплауз.
Програмата на ова чествување на високо ниво беше збогатена и со фолклорен настап на ученици од хрватските училишта, со што во загрепската библиотека се слушна и македонската музика и се почувствува македонскиот ритам, што наиде на особено емотивен прием кај публиката.
Во рамките на манифестацијата беше остварена и средба на Силјан со дел од студентите по македонистика на Универзитетот за Загреб, како и работен состанок со директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, којашто и присуствуваше на целтралното чествување, заедно со амабасадорот Драган Ѓурчевски.
Во седиштето на Заедницата на Македонците во Хрватска, Силјан се сретна и со дел од најмладите – оние што допрва ќе треба да ги негуваат и развиваат македонско-хрватските културни врски.
По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан, претходно издавачот „Дијалог“ објави избор од неговата поезија „Лажно време“ и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво. Јубилеите на Силјан се чествуваа и во Србија, со објавување избор од неговата поезија во препев на српски јазик остварен од академик Ристо Василевски, во издание на издавачката куќа „Арка“. Чествувањето во Загреб е прв настан на којшто се одбележуваат двата јубилеја. Реткост е на ваков начин делото на македонски поет со активен опус да се чествува во странска држава.
Раде Силјан е еден од најзначајните автори на современата македонска книжевност во XX и XXI век – поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија во Македонија: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија во два мандати. Поезијата на Раде Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Делови од неговото поетско творештво се објавни и во превод на хрватски јазик. Застапен е во сите антологии на современата македонска поезија. Основач е на првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија, „Матица македонска“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

