Култура
Дејан Дуковски – автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Дејан Дуковски, еден од највлијателните и најизведувани македонски драмски автори, ќе биде Автор во фокус на претстојното 60. Јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Фестивалот ќе му посвети ден на авторот во кој со различни содржини ќе биде потенцирана важноста на Дуковски за македонската театарска меморија и култура, воопшто. Фестивалот ќе се одржи од 12 до 19 јуни 2026 година.
Името на Дуковски е синоним за постмодерната драма во Македонија, а неговите текстови се препознаени како дел од поширокиот европски тренд на „нова драма“ или „in-yer-face theatre“. Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург.
Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година, во класата на Горан Стефановски. Во раните 90-ти работи како драматург во Македонската радио-телевизија, од 1993 година е дел од наставниот кадар на Факултетот за драмски уметности – Скопје, како асистент по предметот Филмско и телевизиско сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија на истиот факултет. Од 2015 година е драматург во Македонскиот народен театар. Престојувал на резиденција како писател во Дојче шаушпилхаус во Хамбург, Германија.
Неговото творештво се развива во период на политички и културни потреси: распадот на Југославија, транзицијата кон независна држава и потребата за нови уметнички јазици што ќе го изразат искуството во времето на постсоцијализмот. Во тој контекст, Дуковски се појавува кон крајот на 80-тите со драми како Балканска гротеска (1988), Последниот балкански вампир (1989), а веднаш потоа и со Силјан Штркот шанца (1991), кои го најавуваат неговиот специфичен авторски ракопис: ироничен, фрагментиран, со ликови на работ на општеството.
Во 1992 ја пишува „Балканот не е мртов“, драма која станува симбол на новата македонска постмодерна драма, поставувана во повеќе земји во Европа. Неговиот најпоставуван текст е „Буре барут“ (1994) кој, покрај праизведбата во МНТ (1994), изведен е и на повеќе од педесет сцени и преведен на многу јазици во Европа и светот. „Буре барут“ доживува премиера неколку месеци пред „Разнесени“ на Сара Кејн и често се наведува како претходник на „in-yer-face“ драмата. Филмската адаптација на текстот, во режија на Горан Паскаљевиќ, добива меѓународни награди, меѓу кои ФИПРЕСЦИ награда за најдобар филм (Венеција, 1998), Гран при на фестивалите во Анталија, Хаифа и Скопје, и награда од Европската асоцијација на критичари (Лондон, 1998).
Неговите текстови се карактеризираат со фрагментарна структура, директен јазик, ликови во апсурдни ситуации и тематизација на Балканот. Користи постмодернистички пристап и рециклира познати македонски драмски наративи. Таков е случајот во „Балканот не е мртов“, каде што ја реинтерпретира „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински, и во „Силјан Штркот шанца“, каде што основниот мотив е приказната на Марко Цепенков.
Награден е и на БИТЕФ – Белград (1997) за „Маме му ебам кој прв почна“, добитник е на наградата „Војдан Чернодрински“ (1993, 1995), како и на „Бронзена камера 300“ на ИФФ „Браќа Манаки“ (1998).
Дуковски е автор чиј театарски јазик ги надминува локалните рамки и се вмрежува во пошироката европска драмска сцена. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици и поставувани на повеќе од сто и педесет сцени низ светот. Со своето творештво тој придонесува за редефинирање на македонскиот театар по осамостојувањето и за неговото меѓународно позиционирање.
Во изминатите три изданија, МТФ „Војдан Чернодрински“ им посвети внимание на творештвата на прилепски театарски уметници со програмата „Прилеп во фокус“ (2024), на Горан Стефановски (2023) и на Коле Чашуле (2022).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

