Култура
„ДромФест – КултурДром во вашиот дом“
Првпат во општина Аеродром се оддржува културно-уметничка манифестација, која во себе содржи: музика, театар, улични артисти, поезија, базар на ракотворби, со единствена цел збогатување на културно-уметничкиот живот на жителите на Аеродром и сите други посетители.
Зошто „ДромФест“?
Затоа што заедница без уметност и култура е мртва заедница
Затоа што уметноста и вдахнува живот на заедницата
Затоа што уметноста е потребна секому, а достапна е само некому
Затоа што најголемата скопска општина речиси и да нема манифеатации од културата
Затоа што Аеродром има најголем број музичари, актери, уметници, поети, писатели, ракотворци…
Затоа што нема простор, сцена, локација, објект за културни настани
„ДромФест“ – музички фестивал
16 декември, од 17 до 24 часот, на платото зад „Капитол мол“
Настапуваат:
Ласт експедишн, Лоши Деца, Лара Иванова, No Name Nation, Пајак, Cruel, Sol Nocivo, Коноп бенд и Диџеј Жолти Ман

„ДромФест“ – базар на ракотворби
17 и 18 декември, од 10 до 20 часот во ТЦ „Бисер“
На базарот на ракотворби ќе бидат изложени ракотворби (филигран, слики од срма, врамени везови со македонски фолклор, рачно работени кукли, рачно работен накит, плетени додатоци за облека, новогодишни рачно работени украси….) од членките на Здружението на домаќинките на Македонија.
„ДромФест“ – детска програма
17 декември, од 12 до 14 часот, во „Капитол мол“, на приземје и на втори кат
Пантомима шоу со единствениот Кирил Трајковски-Максим
Интерактивна претстава за деца со многу забава, хумор и едукативна програма преку техники на пантомимата.
Претстава со жонглери и акробати од „Фазбабл“
„ДромФест“ – театар
17 декември, од 20 часот, во „Капитол мол“, на трети кат, ќе се одржи театарска претстава „Пациенти“ на театар „Провокација“.
Не пропуштајте ја урнебесната комедија „Пациенти“
Режија: Ѓорѓи Ризески
Играат: Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Радо Алексовски
„ДромФест“ – „СтихоДром“
18 декември, од 18 часот, во „Капитол мол“, на втори кат, ќе се одржи поетското читање
„СТИХОДРОМ: врзете се, поетуваме!“, што Скопскиот поетски фестивал го организира во соработка со „ДромФест – КултурДром во вашиот дом“, на кој ќе настапат дванаесет поети од општина Аеродром, поддржани со диџеј-сет на Кристијан Јордановски.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат поезија од: Андреј ал-Асади, Иван Антоновски, Јулијана Величковска, Диме Данов, Искра Донева, Светла Јакшиќ, Живко Новески, Лилјана Пандева, Димитар Пандев, Дијана Петкова, Глигор Стојковски и Виолета Танчева-Златева.
„ДромФест“ – школа за гитара „Бојкоски“
18 декември, од 16 до 17.30 часот, во „Капитол мол“, на втори кат
Малите виртуози од Школата за гитара „Бојкоски“, ќе приредат незаборавно музичко патување низ класиката, џезот, забавната, рок и народна музика.
Ристе Бојкоски e македонски уметник, виртуозен гитарист и професор во Школата за гитара „Бојкоски“.
Покровител на фестивалот е Општина Аеродром.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

