Култура
„Еуроимаж“ повторно со финансиска поддршка за македонската филмска продукција
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела „Еуримаж“ на својата редовна 160. сесија, која се одржа од 12 до 16 октомври 2020 година, финансиски поддржа 29 меѓународни филмски проекти.
На листата подржани проекти е и копродукцискиот проект меѓу Албанија и Северна Македонија „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, заеднички проект со македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје.
„Исклучително е значајно што ова е трет филмски проект кој оваа година добива финансиска поддршка од ‘Еуримаж’, а во кој учествуваат и продуцентите од нашата држава. Претходно поддршка доби проектот ‘Преекспонирано’ во режија на Елеонора Венинова и, колку што сум информирана, снимањето на филмот веќе е завршено и се наоѓа во фаза на постпродукција. Во оваа пригода да се потсетиме дека и проектот ‘Зад стоговите сено’, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (Сектор филм од Скопје) и Германија по потпишување на преспанскиот договор, ја доби довербата на овој европски фонд“, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела „Еуримаж“.
Од овој месец се отвораат поголеми можности за учество на македонските филмски продуценти во меѓународните копродукции. Од 1 октомври, македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше досегашна пракса, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.
„Оваа најзначајна измена придонесува нашите продуценти со многу помалку средства да станат легитимни копродуценти во меѓународните филмски проекти. Се разбира, тука влијание ќе има и квалитетот, кој повеќето од нашите филмски професионалци го имаат. Ова е исклучително важно за земјава поради можностите што се отвораат за поголема, побројна и подинамична копродукциска соработка. Од друга страна, тоа не го оптоварува дополнително буџетот на државата, напротив. Тоа значи дека вкупниот буџет за филмската дејност треба да се зголемува со цел да се овозможи поширок обем на меѓународна соработка“, додава Пепељугоска.
Од своето основање во 1988 година „Еуримаж“ поддржал 2.136 меѓународни копродукциски проекти во вкупен износ од околу 619 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Култура
Љутков од Белград: Македонската ликовна уметност е културен мост меѓу Македонија и Србија
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ја отвори изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.
Во присуство на многубројни гости, министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата на која се претставени дела од реномирани македонски уметници, меѓу кои и дела од основоположниците на современата македонска ликовна уметност во сопственост на познатиот белградски колекционер Игор Станковиќ, претставува топол културен мост меѓу Македонија и Србија.
„Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… вечерва нѐ обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Затоа вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народа“, рече министерот Љутков, додавајќи дека вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела.
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција, нагласувајќи дека изложбата е „чин на непроценливо културно признание и пријателство“.
Иницијатор и домаќин на настанот е директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој ја истакна важноста на овој проект за афирмацијата на македонското ликовно наследство.
Реализацијата на изложбата „Откритија“, која е отворена за посетители до 29 ноември, е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува значаен проект што отвора ново поглавје во презентацијата на македонската уметност во Србија.
Култура
Камерниот оркестар „Профундис“ со ексклузивен концерт на свеќи во рамките на Охридско лето
Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал – „Охридско лето“, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика. Концертот ќе се одржи на 29 ноември во големата сала на Македонската филхармонија, во препознатливата candlelight-атмосфера под светлината на илјадници свеќи – амбиент што ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.
Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот.
„Чест е што ‘Охридско лето’ токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на „Профундис“.
Особена чест за оркестарот е соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ – еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ја спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски низ неговите Рококо варијации. Заедно тие создаваат музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight-амбиент.
Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.

