Култура
„Звук што трае“ – роденденски концерт на Македонската филхармонија
Овој четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи својот роденденски концерт насловен „Звук што трае“ со кој ќе одбележи 81 година од формирањето. На програмата се суитата бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, Концерт за виолина и оркестар во де-мол од Арам Хачатуријан и Симфонијата бр.1 од Јоханес Брамс. Како солист ќе настапи Сергеј Хачатријан од Ерменија, еден од водечките виолинисти на денешната музичка сцена, а диригент е Јерухам Шаровски.
Сергеј Хачатријан се смета за еден од водечките виолинисти денес, со посебен пристап кон музиката – автентичен, страстен, филозофски. Само во минатата сезона неговото меѓународно присуство е мошне богато, а зад себе брои настапи ширум светот. Неодамна одржа концерти со Дрезденската филхармонија, Националниот симфониски оркестар на Кореја, Оркестарот на Улстер, Националниот оркестар на Белгија, Симфонискиот оркестар на Квинсленд, Филхармонијата во Окланд…, како и две големи турнеи: шпанска турнеја со Баскискиот национален оркестар, под диригентство на Станислав Кохановски и северноамериканска турнеја со Ерменската национална филхармонија, со настапи во Торонто, Монтреал и„Карнеги хол“во Њујорк. Меѓу најзначајните негови настапи од претходните сезони се вбројува и оној со Оркестарот на Валенсија, како резидентен уметник, која вклучуваше неколку концерти под диригентство на маестро Александар Либрајх, како и камерен проектво BOZAR во Брисел, кој опфати два рецитала и концерт со Националниот оркестар на Белгија и Хуго Волф. Повторни покани, Хачатријан доби од Финскиот радиосимфониски оркестар,Оркестарот на Академијата Санта Чечилија,Ротердамскатаи Кралската фламанска филхармонија, како и Кливлендскиот оркестар. Настапи и на турнеја низ САД и Европа со Алиса Вајлиерстин на виолончело и Инон Барнатан на пијано со програмата „Transfigured Nights“, посветена на музиката на Бетовен, Шенберг и Шостакович. Други негови понови проекти вклучуваат турнеја низ Јапонија со Фондацијата „Нипон“. Инаку, во сезоната 2014/15 Сергеј го изведе Виолинскиот концерт на Бетовен на Луцернскиот фестивалсо Виенската филхармонија и маестро Густаво Дудамел, како добитник на наградата „Credit Suisse Young Artist Award“ (за млад уметник). Роден во Ереван, Ерменија, Сергеј Хачатријан во 2000 година ја освои Првата награда на VIII Меѓународен натпревар „Јан Сибелиус“ во Хелсинки, станувајќи најмладиот добитник во историјата на натпреварот. Во 2005 година ја освои Првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во Брисел.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиооркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

