Изложби
Изложба „Париски рефлексии“ во Чифте амам

Во чест на празникот на франкофонијата, Националната галерија, во соработка со Францускиот институт од Скопје, ќе претстави педесетина слики од великаните на македонското сликарство: Димитар Пандилов Аврамовски, Лена Стефановска, Томо Владимирски, Борко Лазески, Никола Мартиноски и Лазар Личеноски.
Изложбата ќе биде отворена в петок во 12 часот, во Националната галерија Чифте амам.
Престојот во Париз и инспирацијата на француската школа се огледуваат во делата на овие големи учители. Некои од делата ќе бидат премиерно поставени на оваа изложба.
Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Продажна уметничка изложба „Времеплов“ на Кате Биновска

Утре, од 16 до 20 часот, Дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС ги отвора вратите на својот дом (центарот) за културните дејци, каде што преку афирмација, изложба и продажба на нивните дела би обезбедиле средства за одржливост на центарот.
„Ги отвораме вратите за поддржувачи на култура, поддржувачи на заедницата, емпати, луѓе што веруваат во заедничко подобро утре. Со збогатување и развој на активностите во центарот ќе се даде поквалитетна помош за ресоцијализација и рехабилитација на луѓето што употребуваат дроги и нивните семејства, стекнување поголема доверба кај нив, како и придонес кон самоодржливоста на центарот“.
Првата уметница што ќе ја има честа да има своја продажна ретроспективна изложба „Времеплов“ е Кате Биновска. Родена е 1984 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, отсек графика и графички дизајн.
Таа зела учество на повеќе изложби, меѓу кои изложбата GraphICON во Отвореното графичко ликовно студио на Музејот на Град Скопје во декември 2008 година, со својата графика „Спротивно од одразот“. Графиката со име „Филм“ во техника акватинта била избрана да биде дел од изложбата организирана од Друштвото на ликовните уметности на РС Македонија, во Музејот на Домот на АРМ во Скопје. Истата таа 2009 година во ноември, на изложбата за минијатура во Музејот на АРМ, го освојува второто место со графиката „Г“, техника линорез.
Кате била дел од проектот за оживување на Старата чаршија во Скопје“ – „Филигран и рачно изработени теписи“, воден од германскиот проф. Ханс Херприхт. Стажирала во Музејот на уметностите во Нимберг, Германија, помагајќи при организирање изложби, како и дизајнирање и изработка на рачно изработен накит од сребро.
Во Амбасадата на РС Македонија во Виена во 2017 година, по иницијатива на невладината организација Kultur Ohne Grenzen, била одржана првата самостојна изложба на Кате. Истата година во Варшава, Полска, биле одржани уште две изложби, од кои едната била поддржана од Амбасадата на Република Северна Македонија во Полска.
Девет години живеела и работела во Полска, каде што има направено неколку мурали и неколку дигитални решенија за двете најголеми банки во Полска (Bank Zachodni, Santander Bank). Моментно живее во Македонија и се занимава со рачно цртање дизајни на текстил и со графички дизајн.
Изложби
Отворање на изложбата „Гозби за живите, предците, боговите и светците“

Музејот на Република Северна Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите со поставување на изложбата „Гозби за живите, предците, боговите и светците“.
Изложбата ќе биде отворена в среда, 18 мај, во 12:00 часот и влезот за посета на музејските поставки ќе биде слободен до недела, 22 мај 2022 година.
Гозбите претставуваат посебни оброци по својата природа, како и по количината на храната којашто се дели меѓу поширок круг на луѓе. Тие се повод не само за јадење и разговор, туку и за музички изведби, свечени говори, молитви и жртви, политички мотивирани собири и трговии. Гозбите се сеприсутни низ човековата историја, но археологијата не може јасно да ги дефинира. Оттаму, сознанијата за нив ги бараме во етнографските записи, особено за темите како што се ритуалот, церемонијалната размена и жртвувањето. Така преку денешните ритуали и прослави забележани во нашата традиција, добиваме целосната слика која зборува за многу традиции кои водат потекло длабоко во минатото. Оваа изложба е еден семиотички пристап каде преку јадењето и пиењето, како особено моќни медиуми, се опфаќа човековиот живот, неговото битисување во општеството, верувањата и обичаите.
Изложбата обработува четири теми, преку кои се раскажува приказната за гозбите. Преку прослави кои се врзани за секојдневниот живот на луѓето и ги одбележуваат нивните важни моменти, свадби и крштевки, но и поводи за подготвување на заеднички гозби, како принесување крвни жртви, курбани, погреби и помени. Со тоа се затвора дел од циклусот на животот на човекот. Овој наратив се следи преку повеќе медиуми како музејски предмети, уметнички и документарни фотографии и документарни филмови.
Изложби
Изложба на уметничка фотографија „Мајски салон 2022“ во Куманово

Овој четврток (19 мај 2022 година) во Куманово, со почеток во 19 часот, во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев” – Куманово ќе биде отворенa клупска изложба на фотографија „Мајски салон 2022“. Изложбата е во организација на фото-кино клубот „Козјак” – Куманово и ќе содржи 44 фотографии на членовите на клубот. Покровители на изложбата се градоначалникот и Советот на Општина Куманово, Народна техника и НУЦК „Трајко Прокопиев” – Куманово, a истата е под патронат на Фотосојуз на Македонија.
Уметноста е продукт на културата, таа е вид на естетска комуникација помеѓу авторот и публиката, а нејзина главна цел е презентација на едно субјективно видување на постоењето. Пораката на уметничкото дело може да биде насликана, напишана, извајана, отсвирена, а може и да биде заробена во еден единствен момент фатен со скаменетото око на фотоапаратот.
Фотографијата истовремено е уметност, наука и практика, која ја има таа моќ да раскажува приказни преку боите, мигновените изрази на лицето и телото, пејзажите, движењата и емоциите фотографирани и ставени во рамка. Иако строго визуелна по дефиниција, нејзината порака се чита со сите сетила и допира до секоја емоција.
Една ваква уметничка презентација на светот гледан низ објектив, претставува и овогодишната клупска изложба на Фото-кино клубот „Козјак“, „Мајски салон 2022“. Публиката ќе има можност да види четириесетина фотографии, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде ОВДЕ и СЕГА. Оваа изложба има за цел да го презентира и надополни естетскиот сенс за уметничката фотографија, кој го гради нашиот клуб веќе половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која ѝ пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК Козјак.
Изложбата ќе биде поставена до 1.6.2022 год.