Култура
„И јас сум Сирма“ на Зоран Спасов-Ѕоф за еден месец стана најпродавана книга за 2024 година

Романот „И јас сум Сирма“ на хит-авторот Зоран Спасов-Sоф е најпродаваната книга за 2024 година според податоците на најголемиот издавач во државата „Арс ламина“ и неговиот синџир книжарници „Литература.мк“.
Овој контроверзен роман од жанрот историска фикција побуди незапаметен интерес кај широката публика и за еден месец стана бестселер за 2024 година.
Да потсетиме дека станува збор за книга со поднаслов: „Лектира, историска читанка и ‘Оче наш’ на секој Македонец“, во која херојката Сирма војвода патува низ времето и е сведок на многу настани од нашата историја, повеќето непознати за читателот. Авторот вели дека ова е „роман што ќе ве натера да плачете и да се смеете на глас, книга што предизвикува болка, љубов и радост“.
Заслужни за овој успех се и веб-страницата www.ijassumSirma.mk, големата кампања што ја реализира маркетинг-агенцијата „Медија хаус“, како и спектакуларната мултимедијална промоција, на која присуствуваа повеќе од 1.000 вљубеници во пишаниот збор.
Средствата од продажбата на книгата, како и секогаш кога станува збор за делата на Sоф, ќе завршат во добротворни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сулејмани од Струга: Културата е најсилниот мост меѓу народите

Заменик-министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, присуствуваше на свеченото затворање на фестивалот „Кенге Јехо“, кој се одржа изминативе денови во Струга.
Во своето поздравно обраќање, заменик-министерот Сулејмани ја истакна важноста на промовирањето на културното наследство преку уметнички настани како овој фестивал, кој ги зачувува вредностите на традиционалната музика, но истовремено ги зацврстува културните врски и меѓународната соработка.
„Имам чест да ви се обратам овде, покрај убавиот Дрим во Струга, на ова 34-то издание на фестивалот „Кенге Јехо“, празник на нашето културно наследство, кој ги има освоено срцата на публиката и дома и надвор од земјава.
Овој фестивал е сведоштво за нашите уметнички вредности и за обединувањето преку културата. Им се заблагодарувам на организаторите за нивната посветеност и ве уверувам во нашата континуирана поддршка, особено за јубилејното издание следната година“, изјави Сулејмани во своето обраќање.
На фестивалот учествуваа уметници и музички групи од различни земји, како: Парагвај, Турција, Бугарија, Косово, Албанија, Ансамблот на албански народни песни и ора во Република Северна Македонија, како и други друштва од Републиката.
Настанот заврши со богата уметничка програма и многубројна публика, докажувајќи уште еднаш дека културата е најсилниот мост што ги поврзува народите.
Култура
Гала-концерт вечерва на Скопско лето

Гала концертот на Вејчеслав Поповски под наслов „Хармонија во три стила: класика, филм и корен“, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20:30 часот во Македонска филхармонија.
Настанот ќе биде збогатен со настапот на Acies Quartett – културни амбасадори на Австрија, Рихард Рикон – реномиран пијанист од Словачка, и Елена Васова – гостин-сопран
Култура
(Видео) Охридското лето се отвори, и уметноста прозборе – музиката и мајчинството во хармонија на Античкиот театар

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.
На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.
Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа на сцената покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.
Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи ја како знак на пркос честа да се отвори фестивалот, во време кога уметноста е чин на отпор.
„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, во пораката која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.
Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.
Охридското лето официјално го прогласи за отворено претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со инспиративни зборови за вредноста на духовното во современиот свет:
„Верувам дека овој чуден, често и бизарен свет, обременет со стравови и неправди, има насушна потреба од духовност, светлина и надеж“, потенцира Давкова.
Додаде дека Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски најави дека во рамки на фестивалот ќе настапат повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет.
Гости на вечерта беа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и министри од македонската Влада и амбасадори на повеќе држави.
Ова отворање не беше само концерт, туку чин на сеќавање, отпор и надеж. Во магичната атмосфера на Античкиот театар, музиката се претвори во светлина, во мост меѓу минатото и сегашноста. Визуелните ефекти беа во знакот на македонската и на американската традиција, но и динамичниот начин на живот, во микс со повеќеслојноста и колоритноста.
Фестивалот „Охридско лето“, кој ќе трае до 20 август, останува уметничка република, отворена за сите што веруваат дека уметноста не е луксуз, туку начин на постоење. Веќе 65 години, секој стих, нота и движење се претопуваат во охридската симфонија која го слави хуманото, убавото и вечното.
Впрочем, како и што синоќа беше истакнато, Охрид се отвора како волшебна школка, а од него излегува највредниот бисер – уметноста.