Култура
Алкаине за соработката со Алмодовар: Лутината помина и сега повторно работиме заедно
За долгогошната соработка со режисерот Педро Алмодовар, пријателството и меѓусебните несогласувања, денеска во Битола зборуваше кинематограферот Хозе Луис Алакаине, кој е дел од неговиот последен проект „Болка и слава“ што синоќа го отвори фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.
Алкаине раскажа дека иако двајцата долго се знаат, тие 16 години не работеле заедно на филм бидејќи биле скарани. Лутината низ годините поминала, па нивната соработка во моментов, кинематограферот ја оцени како одлична. Рече дека од почетоците во 1988 година кога разботеле заедно на „Жени на работ на нервен слом“, па досега, и двајцата многу се промениле.
„Бевме скарани повеќе од 16 години и не работевме заедно на филм. Тој не ме бараше и ниту јас него, сѐ до 2004 година кога Естер Гарсија кој е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар ме праша дали нема да ми пречи ако снимам уште еден филм со Педро. Тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и сега повторно работиме“, раскажа Алкаине низ смеа.
Осврнувајќи се на филмот „Болка и слава“, кинематограферот откри дека Алмодовар обрнува исклучително внимание на боите кои понекогаш е тешко да се прикажат на големото платно.
„Снимавме сцена во која Антонио Бандерас седеше со зелена прекривка која е многу специфична за доловување. Неговото тело правеше сенка, но Алмодовар инсистирапе зелената боја да биде насекаде иста и без сенки. Местевме многу за да ја снимиме сцената“, кажа тој.
Алкаине синоќа присуствуваше и на отворањето на фестивалот, каде посочи дека јазикот на којшто тој зборува не е шпанскиот, англискиот или македонскиот, туку сликите и преку нив најдобро може да се изрази. Кинематограферот во Битола доаѓа по втор пат, откако пред шест години ја доби наградата „Златна камера 300“ за животно дело.
Елена Тарчуговска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на филмот „Соучесници“ во Скопје
Во среда, 18 февруари 2026 година, во киното Синеплекс во 20 часот, ќе се одржи премиерата на долгометражниот игран филм „Соучесници“, по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ. Филмот е копродукција помеѓу Зилион Филм (Србија), Партизанс (Македонија) и Интер Филм (Хрватска).
Филмот „Соучесници“ е психолошка и социјална драма, во кој идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по сообраќајна несреќа. Додека се борат да се справат со последиците, нивната совест ги прогонува, трансформирајќи ја нивната врска и доведувајќи до низа неочекувани настани.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски (Зилион Филм), а копродуценти се Роберт Насков (Партизанс) и Иван Малоча (Интер Филм). Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика за филмот е Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звук се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и нашиот Игор Поповски.
Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ, како и пет исклучителни актери од регионот: нашата Сара Климоска, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и ќе се прикажува на редовен репертоар на киното Синеплекс од 19.02.2026 година како и низ кината во Македонија.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје информира дека комеморацијата за актерката Ленче Делова ќе се одржи на 19 февруари (четврток) во 10 часот во Драмски.
Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите достоинствено со збор, сеќавење, фотографија и снимка ќе се потсетат на кариерата на македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова.
Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Ленче Делова почина на 15 февруари на 77 годишна возраст.
Култура
Со проекцијата на „Романот за Џим“ почнуваат редовни месечни кино средби на француски филмови
Францускиот институт во Скопје известува за првото издание на месечните „Кино средби” во Кинотека, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024), од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, в четврток, 19 февруари 2026, 20:00 часот, Кинотека.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби Цезар за најдобар актер 2025.

