Култура
Концерти на „Кантон6“ и Глигор Кондовски во кафе-книжарницата „Буква“ во рамките на проектот „Џез во Центарот“
Овој петок, 21 јули, во рамките на проектот „Џез во центарот“, во кафе-книжарница „Буква“, со концерт во живо ќе настапат реномираните домашни автори и изведувачи, бендот „Кантон6“ и Глигор Кондовски, музичари што соработуваат и издаваат за дискографската куќа „ПМГ рекордингс/ПМГ џез“.
„Џез во центарот“ е насочен кон музичко оплеменување на градските центарски катчиња, оние места што секојдневно ги одминуваме брзајќи некаде. Прекрасни скопски исечоци, полни со вибрантен дух и скриена убавина, вредна за внимание. Ова лето, во соработка со Општина Центар, музички го мапираме јадрото на урбаниот градски центар, простор совршен за пријатни средби, летни дискусии и секако уживање во музика. Простор блокиран од напуштени кина, недовршени цркви и амбициозни паркинзи. Простор кој има потенцијал за развој. Кафе-книжарницата „Буква“ се наоѓа токму таму, зад киното „Култура“, црквата „Св. Константин и Елена“, паркингот на Собранието и поранешниот Дом на АРМ. Простор со автентична атмосфера, свратилиште на многубројни уметници, студенти, креативци и граѓани заинтересирани за разни културни содржини.

Токму во овој простор со концертите на „Кантон6“ и Глигор Кондовски, проектот „Џез во центарот“ ја доближува до граѓаните квалитетната џез, етно и современа музика од домашни музичари.
Проектот се реализира од здружението за развој на музичката култура, „ПМГ рекордингс 2.0“, со поддршка на Општина Центар.
„Кантон6“ е пионерски музички проект, кој датира од 2000 година, предвесник на инди-техно-рок-кросоверот во земјата, развиен од Мирко Попов и Синиша Евтимов. Со многубројни сингл и ЕП-изданија и 4 студиски албуми во овој состав, „Кантон6“ се трансформира во вистинска лајв-електроатракција. Од 2019 година „Кантон6“ активно работи како трио во соработка со џез-музичарот Владан Дробицки. Со впечатлив настап во живо, „Кантон6“ како електро-џез-етносостав создава современа музика инспирирана од автохтониот македонски ритам. Истата година соработува со „Гербрудер Теихман“ од Берлин, со кој издава албум во живо – Interactive Music Lab (Skopje Session). Во 2021 година го издава својот последен студиски албум #Jazzus. „Кантон6“ има активна концертна активност во земјата и надвор со настапи на „Катовице џез-арт фестивал“ (Полска), фестивалот „Диес“ (Le festival DIÈSE) во Дижон (Франција), интернационалниот „Џез-фест“ во Крагуевац (Србија), „Карусел фестивалот за амбиентална и етномузика“ во Чачак (Србија), „Зеленковац џез-фест“ (Босна и Херцеговина), прилепскиот „Џез-фестивал“, „ПМГ рекордингс фестивал“, „ДирмОн фестивал“ во Струга, „Аларма панк џез-фестивалот“ во Софија (Бугарија), „Здраво, млади“ во Скопје и др.

Глигор Кондовски е дипломиран виолинист и магистер по филмско и ТВ-сценарио, кој денес работи како професор по виолина. Покрај успешната педагошка работа, во портфолиото на Кондовски се запишани шест албуми со амбиентална џез-музика и многубројни претставувања во земјата и регионот со музички композиции, кратки и документарни филмови. Зад себе има три музички изданија (албуми) за „ПМГ џез“, еден соло и два во соработка со колегите автори и изведувачи Владан Дробицки, Марија Каева и Дени Омерагиќ. Покрај музичкото творештво, Кондовски има реализирано и три самостојни изложби.
Влезот е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

