Култура
Вечерва, последниот концерт на годинешните „Есенски музички свечености“ – „Впечатоци од Шпанија“
Последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ насловен „Впечатоци од Шпанија“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар). Ќе настапат Миреиа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано, од Шпанија.
Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид.
Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Мазел, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри.
Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“ – Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други).
Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано).
Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.
Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

