Култура
Концерт на Националниот џез-оркестар и Пјер Миле и Бети Жардан

На 25 април, во Филхармонија со почеток од 20часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жардан (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.
Роден во средината на 1970-тите, Пјер Миле се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman. Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.
Бети Жардан е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Миле. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath. Betty e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
„На концертот со Националниот џез оркестар имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Миле и Betty Jardine кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција. Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности“, се вели во најавата за концертот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.