Култура
Костадиновска-Стојчевска на средба со бугарскиот колега Крастев: Културната соработка меѓу двете земји се зацврстува
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на маргините на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, која се одржува во Париз, се сретна со својот бугарски колега, министерот за култура, Крастју Крастев.
Во пријателска атомосфера на средбата стана збор за традиционално добрата и континуирана соработка меѓу двете држави, која се одликува со размена на голем број проекти и активности. Соговорниците се согласија дека културата е мост на пријателство меѓу двете држави, а во таа насока треба да продолжи соработката и во следниот период.
На средбата беше истакнато дека билатералните средби на министерско ниво говорат за квалитетот на соработката меѓу институциите и реализација на големи настани од регионално значење, како што беше изложбата за јубилејот на локалитетот Требениште, која наиде на одличен интерес кај бугарската јавност, како и претстојната „Сребрена Тракија“, која следната недела ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Скопје.
Беше истакната и соработката на институциите од двете држави, како и размената на проекти на Националната опера и балет и Велешкиот театар со сродните институции во Бугарија.
Стана збор и за добрата комуникација што ја имаат Културно-информативните центри во Софија и Скопје, како и за идеите за поинтензивна промоција на македонската и на бугарската култура имајќи предвид дека годинава се прославуваат 20 години од постоењето на македонскиот КИЦ во Софија.
Костадиновска-Стојчевска и Крастев разговараа и за активностите поврзани со процесите на УНЕСКО и за идните можности за соработка во рамките на иницијативите на Организацијата. Беа разгледани и можностите за техничка поддршка во процесите од областа на културата за имплементирање на проектите на евроинтеграцискиот пат на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Гола месечина“ во Аеродром од 10 до 14 септември, стендап-настапи за многу смеа и забава
Фестивалот на комедијата „Гола месечина“ 11. пат ќе се одржи во општина Аеродром од 10 до 14 септември, а овој пат театарските завеси пред публиката ќе бидат кренати во паркот „Авионче“.
Годинешното издание на фестивалот е во духот на стендап-настапите на познати актери и комичари, кои се веќе докажани и препознатливи уметници кај љубителите на театарската уметност, како и на добрата смеа и забава, кои традиционално се препознатлив знак за „Гола месечина“.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 10 септември, вторник, кога ќе настапат Антонио Ташковски и Никола Тодоровски.
На 11 септември, среда, публиката ќе ужива со настапот на „Импров група“ и неверојатните Наталија Теодосиева, Тони Денковски, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, а водител на вечерта ќе биде Борјан Стојков.
Потоа, на 12 септември, четврток, за добра забава на публиката ќе се погрижат Мирослав Петковиќ, Чедомир Митевски, Марио Поповиќ и Мишо Димитриевски од „Кабаре Кабает“.
В петок, 13 септември, свој стендап-настап ќе имаат Бојан Велевски и Бојан Кирковски, а на 14 септември фестивалот ќе го затворат познатите Мишо Бабиќ од Србија и Марјан Ѓорѓиевски.
Настапите почнуваат во 20 часот, а влезот е бесплатен и неограничен за сите граѓани.
Општина Аеродром и НУ „Театар Комедија“ ве покануваат на уште едно незаборавно дружење и меѓусебно ширење на позитивна енергија.
Култура
Биенале за минијатурна графика и цртеж – Битола
На трети септемви во една од најголемите и најзначајни галерии на Солун- Неаполи-Сикиес, Репулика Грција, беше изложено и свечено претставено Првото биенале на минијатурни графики и цртeжи Битола 2023, проект поддржан од Општина Битола а реализиран од Владо Ѓорески, графички уметник, ликовен критичар и организатор.
Беа преставени во 4 посбени оддели и на 2 спрата, над 800 дела чии автори потекнуваат од над 90 држави.
Свеченото отварање пред многубројната публика го обележа градоначалникот Симос Данаилидис кој истакна дека ова е една од најзначајните изложби и по монументалниот обем и по сериозен уметнички пристап, организирана во изминативе дваесеттина години во Солун. Тој истакна дека со ова Битола се потврдува и наметнува како балкански центар на графиката чие значење е присутно и актуелно во светски рамки.
Воедно тој изрази надеж и желба со оваа изложба да се отвараат важни и потребни ситуации за културна и творечка соработка особено со Општината Битола. Галеријата поседува бројна и драгоцена и значајна збирка од светски графички творци од цветот, која тој ја понуди како возвратен чекор во натамошнат идна соработка.
Во моментов во Солун е претставена изложба на дела: скици, белешки, писма и неколку литографии од Пикасо. Според бројноста на публиката, позитивниот одзив и на смиот градоначалник, оваа битолска манифестација привлече значително и многу сериозно внимание.
Градончалникот изрази огромна желба за посета на Битола и средба со градоначалникот Тони Коњановски, тврдејќи дека Битола според својот културен екстракт е најзначајниот од соседството, при што најави и интересни проекти кои се во прило гна овие две општини и секако со широко меѓународно значење.
Воедно ликковното движење Faire Art кое е едно од најзначајните ликовни движења во Грција, со истакнати ликовни претставувања пред грчката јавност како и во Турција, Романија, Брисел, Унгарија, Србија кој е најангажирана и идејно директна во својот ликовен универзум а предводена од истакнатиот ликовен уметник Јани Промос која е своевидна креативна, творечка и рефлексивна совест во Грција, повеќе од две години активно соработува со Владо Ѓорески, при што сереализирани и најавени сериозни меѓународни заеднички проекти.
Исклучително е значајно да се истакне дека, една од најзначајните ликовни авторитети воопшто во Грција, професорката на Солунскиот универзитет по современа уметност Луиза Авгита, со огромен теоретски опус објавен во бројни книги, преведени на повеќе светски јазици, за самата изложба на Битолското меѓународно биенале, истакна дека: ова е една од ретките, ако не единствена во европски контекст каде се негува: искрен, човечки, ликовен, хуманистички и чист емотивен и мисловен ликовен однос кој што е прогонет од Европа и заменет со сурогат на бесцелни уметнички формализми. Таа истакна дека Битолскиот графички феномен ќе биде посебен интерес на нејзината натамошната проучувачка работа.
Покрај Меѓународното графичко триенале ИТГ Битола, кое според меѓународниот графички центар Intergrafica е прогласено меѓу десетте најзначајни во свето, Битолското биенале на минијатурни график и цртежи, од октомври минатата година кога за прв пат се одржа во Битола, , веќе си овозможува значајно и оригинално место во ликовните и светските културни и творечки центри особено со посебниот однос и третман на ликовната уметност која ги опфача ликовните уметници од цел свет без наметнат и „опасен“ елитизам.
На отварањето Владо Ѓорески го истакна идејниот концепт на оваа манифестација:
Уште во првите ракописни записи, минијатурите се појавуваат како илуминации преку кои е толкуван светот, пред почетокот на секоја буква, светли и просветлени како крилата на ангелот.Низ и оваа човечка „цивилизација“ тие секогаш постоеле и биле создавани надвор од претенциозниот историски нарцизам.Од „Јавачите на апокалипсата“, „Меланхолијата“ на Дирер, од „Мизеријата на војната“ на Кало, од „Капричосите“ и „Ужасите на војната“ на Гоја… тие постојат, осамено, скоро скришно и непознато, затоа што не се порачка за големите храмови, за царските палати, за дворците на аристократијата, за лавиринтите на политичките тврдини или банкарската парична логореа на „моќта“.Тие не се програмско преповторувано клише, без отстапки и излети надвор одустоличените измислени стилови.Тие мудро и незабележливо се провлекува низ неколкувековната хиерархиска цензура, всушност од почетокот на првите аномалии на престижното „јас“ и ништожното „ти“.Тие стигна и до денес, не како клепсидрична тавтологија на историјата, туку како вечната паралела и генеза на првичните илуминации, на светлечкото зрачење на спиритуалниот лет, доаѓајќи со очајната порака дека денес, во овој миг над нас лебди ангелот со црвени крилја.Пред да дојде, она потоа, кога после милениуми, во некои пештери ќе бидат откриени малите цртежи на човечки фигури со црвени крилја. И така, повторно, ќе почнат безброј толкувања, суетни разјаснувања на праисторискиот прапочеток…Историјата се повторува не по ничеовското начело, туку по космичката гравитација претешка за човечката вирусоидна глупост наречена „цивилизација“. Се разбира ако и овој пат ѝ биде дозволено на таа „епидемија“ повторно да го заврти својот хуманоиден круг врз оваа напатенаПланета. Доколку ова е последниот круг на историскиот рингишпил, ќе остане, засекогаш -пустината: чиста, тивка, спокојна и треперливо мудра како огледало од кое најубаво се гледаат сите ѕвезди како малечки далечни минијатури…
Култура
„Црно под ноктите“, изложба на Андреј Медиќ Лазаревски на 13 септември во „Буква“
На 13 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски со наслов „Црно под ноктите“.
Изложбата се состои од колажи и мини инсталации изработени во последната година. „Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот се обидува да го втурне гледачот во гнилото, во црното под ноктите. Во тоа гнило се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми, како потрагата по своето место во заедницата, личното и нелирско јас, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите.
Некои од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светската книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…). Во рамките на настанот за музичкиот дел со свој диџеј-сет ќе се погрижи Индог.
Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, „Дата песнопој“) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, „ПНВ публикации“).
Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на Филозофскиот филмски фестивал, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментно работи во „Кликер маркетинг“. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали (Стих у регији, Струшките вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, „Артареа“…).
Негови песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и „Рукописи“, на хрватски за списанието „Поезија“ на Хрватското друштво на писателите и на англиски јазик за Selection from A new birth of the word (an Anthology of Macedonian Young Poetry), издание на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, „Матица македонска“, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, „ПНВ публикации“, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшките вечери на поезијата, 2022). За песната „Твоја ли е градината, Алиса?“ ја добива наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата (2024).