Култура
Македонија со „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска на Венецискиот филмски фестивал

По многу години, Македонија се враќа на Венецискиот филмски фестивал со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција по речиси триесет години.
По успехот на вонсерискиот „Пред дождот“, Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори Фестивалот. Конечно, по долго време, повторно имаме филм во Венеција, овој пат во програмата „Хоризонти“, каде што филмот ќе се натпреварува за низа награди – за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм што, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесетгодишна жена, која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата се поддржани од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, „Еуримаж“, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска: Драмски со РУТА е уште еден мост за поврзување на регионот

Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, почна второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА во земјата.
„Фирма“, по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, со избрана актерска екипа, е првата претстава на фестивалот што го поврзува театарскиот живот на регионот.
На отворањето на неколкудневниот театарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмскиот театар, која, како што рече, буди посебна емоција и додаде дека преку театарот уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен РУТА.
„Ви благодарам што давајќи дел од себе, нè опоменувате и нè потсетувате на последиците од алчноста, од отуѓеноста, од кусогледоста, од непромисленоста. Нè потсетувате на повторливоста на смртоносните пандемии, на бавното ослободување на жената, на еволутивните слабости на човештвото.
Вашата улога, веројатно, најдобро ја опиша уникатниот режисер Јагош Марковиќ, кој, за жал, веќе не е меѓу нас: „Мораме да сведочиме. Мораме едни на други да кажеме – за да не помислиме дека сè е во ред“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Заблагодарувајќи им се за гостувањето на сите ансамбли на ова издание на фестивалот РУТА, министерката Костадиновска-Стојчевска ги покани театрите од регионот со особено внимание да се вклучат преку РУТА и во 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.
„Регионот му е потребен на Скопје. Скопје му е потребно на регионот“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Фестивалот продолжува со „Декамерон“ на Градско позориште од Подгорица во копродукција со Народно позориште од Ниш, на режисерот Пројковски, и со „Нора“ на Местно гледалишче од Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ. Потоа следуваат: „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево, во режија на Дино Мустафиќ, и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште, во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“, пак, театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот РУТА в недела (8 октомври). Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево.
Култура
Концерти на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ во Софија, Бугарија

Оваа среда, 5 октомври, во Софија, со почеток во 20 часот, во клубот „Синглс“, лоциран во Националната палата за култура, со концерт во живо ќе се претстават македонските бендови „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“.
Концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ се реализираат како дел од концертната серија на дводневниот музички настан организиран од „Аларма панк-џез“ од Софија во соработка со музичката програма „Христо Ботев“ при Бугарското национално радио.
Првиот ден (5 октомври) е македонска музичка вечер, а со концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ го претставуваме и македонскиот фестивал за џез и светска музика „Крај Вардарот џез“ пред тамошната публика. Со ова гостување воспоставуваме континуитет на меѓународната соработката во полето на современата, џез и светската музика помеѓу музичари, продуценти и културни актери од Македонија и Бугарија почната во 2022 година со гостувањето на бугарскиот состав „Спејс трио“ како дел од програмата на третото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во Скопје.
Со континуирана работа повеќе од 30 години „Сетстат“ е нашиот најквалитетен и најдолготраен џез-состав. Зад себе имаат 10 студиски албуми. Освен од љубовта на публиката, успехот на бендот се гледа и од добиените признанија од критиката. Композиција MVP во 2004 беше број 1 на Top Downloads 200-листата на реномираниот џез-портал All About Jazz websit. Во 2015 култното радио „Канал 103“ го прогласи како албум на годината „Се плашам од Македонци“ (соработка со Никола Коџабашија и Мирко Попов). Албумот во живо White Night, снимен од настапот на „ПМГ рекордингс фестивал“ во 2021 година, издаден за „ПМГ џез“, влезе во селекцијата на најдобрите џез-изданија на музичката платформа Bandcamp во јануари 2022 година. Бендот има динамична концертна активност како во домашен така и во меѓународен контекст, а во Софија ќе се претстават со последниот студиски албум „Соба 107“, издаден во 2022 година за „ПМГ џез/ПМГ рекордингс“.
„ПМГ колектив оркестар“ е уште еден состав со исклучителна дискографија и активна работа повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми, двоен винил со најголемите хитови, многубројни ЕП, синглови, компилации, видеозаписи, ремикси и неколку македонски и европски турнеи. Моментниот состав на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам базиран на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат правда и зрели аранжмани на добро познатите ПМГ-песни („Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти“, „90-ти“, „Ти си мојот свет“, „Луѓе од градови“, „Деца на два века“…), патем максимално задоволувајќи ја публиката на концертите.
Концертното гостување на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и се реализира во партнерска соработка со Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.
Култура
„Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски на филмски фестивали во Романија, Грција и во Обединетите Арапски Емирати

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју продукција и Аворд филм и видео е избран во официјалната селекција на 30-то издание на документарниот филмски фестивал АСТРА што се одржува во Сибиу, Романија од 15 до 22 октомври, 2023.
Филмот ќе има две проекции на 18-ти и 20-ти октомври и се натпреварува во престижната програма на Централна и Источна Еворпа. АСТРА филмскиот фестивал е еден од најважните фестивали за документарни филмови во Европа, кој започна во 1993 како еден иновативен проект што во своите триесет години живот одигра важна улога во стимулирање на креативни документарни филмови и стана важна платформа и за романската и меѓународната кинематографија.
По Сибиу, ,,Љубовната соба“ ќе имa проекција на 27-ми октомври во рамки на 9-иот Пелопонешки филмски фестивал во градот Каламата, Грција. Фестивалот е организиран од креативниот документарен центар на Каламата. Фокусот на фестивалот се меѓународни долгометражни и краткометражни документарни филмови но и мастеркласи, ретроспективи, едукативни проекции, и семинари се дел од фестивалот.
Во периодот од 9 до 12 ноември, ,,Љубовната соба“, ќе биде дел од официјалната селекција на филмскиот фестивал МЕТА што се одржува во киното VOX – Вафи Сити, во Дубаи, ОАЕ. МЕТА фестивалот е единствениот меѓународен филмски фестивал во Дубаи и е поддржан од владата на Обединетите Арапски Емирати и од советот за медиуми. Исто така, филмот е селектиран за учество на меѓународниот фестивал ,,Светот на филмот“, во Глазгов, во Велика Британија, во периодот од 2-ри до 9-ти ноември.
Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел дискусијата за филмот на претстојните фестивали во Романија, Грција и Обединетите Арапски Емирати.
Документарниот филм ,,Љубовната соба”, на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејстваниз призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во ко-продукција со Аворд Филм и Видео. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, и тонски дизајнер е Игор Поповски.
Инаку, својата светска премиера ,,Љубовната соба”, ја имаше на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона, во САД во март 2023 година во категорија на светски долгометражни филмови и европска премиера на Загребдокс, во Хрватска во регионална конкуренција.